Мета факт: Четири месеци МОН не ги објавува листите за стипендии за втор и трет циклус

Photo by Sincerely Media on Unsplash

Министерството за образование и наука, иако вети, не ги објави резултатите од конкурсите за стипендија за студентите на втор и трет циклус студии во текот на седмицата од 20 до 26 мај

 

Изјавата на надлежните во МОН дека резултатите ќе бидат објавени минатата недела, е неточна. Министерството за образование и наука не ги објавува резултатите од конкурсите за стипендија за студентите на втор и трет циклус студии.

Имено, повеќе од четири месеци откако беа објавени конкурсите за стипендии за студентите на магистерски и докторски студии, Министерството за образование и наука сè уште не ги објавила листите со резултати, и покрај тоа што бројот на стипендии е мал.

Загрижени студенти кои аплицирале на овие конкурси во неколку наврати се обраќаа до редакцијата на Мета.мк, поради сомнежи во „исчезнатите“ повици од интернет-страницата на МОН и необјавувањето на резултатите.

Конкурсите за доделување стипендии за академски студии од втор и трет циклус за академската 2023/2024 година беа објавени на 4 јануари, а неколку недели подоцна беа избришани од интернет-страницата на министерството. На прашањето од Мета.мк за тоа дали и зошто конкурсите се повлечени, од МОН на 18 мај годинава ни одговорија:

„Конкурсите не се повлечени, туку како што и беше наведено во истите, аплицирањето престанува во моментот кога ќе се пријават доволен број апликанти. Постапката за разгледување на апликациите е при крај и во текот на следната недела резултатите ќе бидат објавени на нашата веб страна“.

Меѓутоа, и таа „наредна недела“, (20-26 мај 2024 година) веќе помина, а списоците со студентите кои се добитници на стипендија сè уште не се објавени.

Студентите постојано се обраќале до МОН и велат дека добивале информации оти „наскоро ќе има резултати“. Во овие конкурси се предвидени многу мал број стипендии – 50 за студентите на магистерски и 15 за студентите на докторски студии.

Висината на стипендиите за втор циклус изнесува 9.000 денари за девет месеци во годината, додека оние за трет циклус се во висина од 18.000 денари и селектираните докторанди ќе ја добиваат во времетраење од 12 месеци.

Минатата академска година, овие конкурси, и покрај тоа што беа најавени и предвидени во програмата на МОН, на крај не го видоа светлото на денот, поради што и годинава студентите се сомневаат во „намерите“ на надлежното министерство.

Бидејќи до овој момент резултатите од конкурсите за стипендии за студенти на втор и трет циклус на студии не се објавени, може да заклучиме дека изјавата на одговорните во МОН дадена за Мета.мк на 18 мај, дека „во текот на следната недела резултатите ќе бидат објавени“, е неточна.

 

ИЗВОРИ:

Мета.мк – МОН: Објавени конкурсите за стипендии за магистерски и докторски студии (04.01.2024 година)

Мета.мк – МОН: Неделава ќе има резултати од конкурсите за стипендии за магистерски и докторски студии (20.05.2024 година)

(Мета.мк)

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција