Не е направена темелна реконструкција на ОУ „Јоаким Крчовски“ во Волково
Во декември 2015 година, според информацијата пренесена во медиумите, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во својство на тогашен премиер, најави темелна реконструкција на основното училиште „Јоаким Крчовски“ во Волково, Општина Ѓорче Петров. На 04 .12.2015 Груевски по пуштањето во употреба на компјутерскиот томограф на Клиниката за неврологија, одговарајќи на новинарско прашање изјави:
Училиштето во Волково ќе има толку голема надградба што практично ќе биде како изградба на ново училиште.
На ваков начин до крајот на следната годината, додаде премиерот, во нашиот мандат ќе имаме завршено вкупно 80 нови новоизградени училишта
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Темелната реконструкција на основното училиште „Јоаким Крчовски“ во Волково, ветена од експремиерот Никола Груевски уште во 2015 година, како проект што ќе се реализира во 2016 година, досега (10.03.2017) не е направена. Според најавите, реализацијата на овој проект се пролонгира за средината на оваа година(2017), но наместо целосна реконструкција на училиштето, се најавува само замена на кровот. Па, со оглед на тоа што рокот за исполнување на ветувањето е поминат – 2016 година, а дури сега – 6. март 2017 година е распишан оглас за избор на градежна компанија која ќе изврши реконструкција на кровот на училиштето во Волково, со најава дека конкретната реализација би започнала на крајот на јуни 2017 година, кога веќе ќе биде завршен мандатот на локалната власт (на цетрланата власт е поминат уште 11 декември 2016, кога се одржаа вонредните парламентарни избори), ова ветување го сметаме за неисполнето.
Во јули минатата година (2016), Груевски, иако веќе ја беше напуштил премиерската функција , имаше средба со дел од градоначалниците на македонските општини и на министрите во Владата. На таа средба, заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски реферираше дека, меѓу другото, во 2017 ќе се менува покривот на ОУ „Јоаким Крчовски“ во Волково. Според ова, ветувањето на Груевски е заменето со далеку поскромно ветување за реконструкција ( наместо цело училиште само кров) и кое, притоа, доцни една цела година.
Деновиве ( 07.03.2017 г.), заменик – министерот за образование и наука Спиро Ристовски , на својот профил на „Фејсбук“ објави, а тоа го пренесоа и повеќе медиуми, дека ќе се реконструира покривот на основното училиште Јоаким Крчовски во Волково.
Министерството за образование и наука објави тендер за избор на градежна компанија која ќе изврши реконструкција на кровот на училиштето во Волково, објави заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски на социјалната мрежа Фејсбук.
Се работи за инвестиција која ја бевме ветиле при една неодамнешна посета на општина Ѓорче Петров и на ова населено место, заедно со тогашниот претседател на Владата Никола Груевски, со што значително ќе се подобрат условите за следење на наставата за околу 400 ученици. Прибирањето на понудите трае до 29 март, по што, ќе следи евалуација и избор на најповолната. Согласно очекувањата, градежните активности ќе започнат кон крајот на месец јуни, односно по завршување на тековната учебна година. Дадовме збор и ќе го исполниме ветеното, напиша Ристовски на Фејсбук.
Проверката во Електронскиот систем за јавни набавки покажа дека Министерството за образование и наука на 6 март годинава навистина објавило тендер „за реконструкција на основни и средни училишта“ и дека во негови рамки е отворена тендерска постапка и за реконструкција на покривот на „Јоаким Крчовски“ во Волково.
Но, објавувањето на тендерот за реконструкција се случува само неколку месеци пред локалните избори и неизвесно е дали ќе се реализира до крајот на мандатот на локалната власт во Општина Ѓорче Петров (мај 2017), чијшто градоначалник е од редовите на ВМРО ДПМНЕ. Дополнително, очекувањата на заменик-министерот Спировски се дека „градежните активности ќе започнат кон крајот на месец јуни“, што значи реализацијата на проектот би стартувала дури по завршувањето на мандатот на градоначалникот на Општина Ѓорче Петров.
Така што, имајќи го сето ова предвид, ветувањето за „темелна реконструкција на основното училиште „Јоаким Крчовски“ во Волково“, го оценуваме како неисполнето.
ИЗВОРИ:
- Сител (04.12.2015): Шест нови училишта ќе се градат в година, досега изградени 72 [Пристапено на 10.03.2017]
- Вести (04.12.2015): Шест нови училишта ќе се градат в година, досега изградени 72 [Пристапено на 10.03.2017]
- Курир (07.03.2017): Ветивме-реализираме, ке се реконструира кровот на основното училиште „Јоаким Крчовски“ во Волково [Пристапено на 10.03.2017]
- Тајм. мк (07.03.2017):Ветивме-реализираме, ке се реконструира кровот на основното училиште „Јоаким Крчовски“ во Волково [Пристапено на 10.03.2017]
- Електронски систем за јавни набавки [Пристапено на 10.03.2017]
- Сител (12.07.2016): Состанок на Груевски со градоначалници на повеќе општини [Пристапено на 10.03.2017]
Оцени: Југослава Дуковска
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар