Неосновано и без факти се тврди дека мајмунските сипаници и СИДА-та се настанати од СЗО

Фото: Alexandra_KochPixabay

Не може да се каже дека сида-та и мајмунските сипаници ги измислиле „гејовите“ во СЗО. Таквото тврдење не е поткрепено со никакви факти и се базира на шпекулации и теории на заговор. Поради тоа, објавата која ја анализираме, ја оценуваме како неточна

Вирусот на мајмунски сипаници бил откриен во 1958 година, кога се случиле две епидемии на болест слична на сипаници во колонии на мајмуни чувани за истражување. И покрај тоа што првично беше наречен „мајмунски сипаници“, изворот на болеста останува непознат, пишува на официјалната веб страница на ЦДЦ. Научниците се сомневаат дека африканските глодари и нечовечките примати (како мајмуните) може да го носат вирусот и да заразат луѓе. Што се однесува до потеклото на СИДА-та, група научници предводена од Мајкл Воробиев, професор по екологија и еволуциона биологија во Универзитетот во Аризона, спровела истражување во која докажале дека првиот облик на ХИВ-вирусот се појавил во Африка во периодот помеѓу 1884 и 1924. Анализирајки го изметот од шимпанзо докажале дека вирусот од нив е пренесен на човекот во југоисточниот дел на Камерун, околу 1908 година

 

Објава на социјалната мрежа Тредс тврди дека Светската здравствена организација ја измислила сидата, а сега ги измислила и мајмунските сипаници, притоа нарекувајќи ги членовите на СЗО со погрдно име „гејови“.

Од овие „гејови“ настана сидата, сега мајмунски сипаници, стои во објавата.

Светската здравствена организација (СЗО) на 14 август ја прогласи актуелната епидемија на мајмунски сипаници во Африка за глобална здравствена криза.

Официјални лица во Конго на 21 август, како што пренесоа дел од македонските медиуми, соопштија дека изминатите седум дена биле регистрирани повеќе од 1.000 нови случаи на мајмунски сипаници.

Мајмунски сипаници се забележани во 12 од 54 африкански земји, најмногу во Конго. Од вкупно 18.910 случаи годинава, 94 отсто или 17.794 се во Конго, соопшти Африканскиот центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ), пренесе Локално.

Мајмунските сипаници никој не ги измислил. Тие, исто како и вирусот ХИВ, кој предизвикува СИДА се реалност, а не производ на СЗО, како што сугерира објавата која ја анализираме.

Кај мајмунските сипаници станува збор за вирална инфекција што се пренесува преку капки, контаминирани предмети и близок контакт со инфицирано лице.

Вирусот може да се пренесе со близок физички контакт, но тој може да биде и сексуален и несексуален.

Вирусот на мајмунски сипаници бил откриен во 1958 година, кога се случиле две епидемии на болест слична на сипаници во колонии на мајмуни чувани за истражување. И покрај тоа што првично беше наречен „мајмунски сипаници“, изворот на болеста останува непознат, пишува на официјалната веб страница на ЦДЦ. Научниците се сомневаат дека африканските глодари и нечовечките примати (како мајмуните) може да го носат вирусот и да заразат луѓе.

Првиот човечки случај на мајмунски сипаници е забележан во 1970 година, во денешна Демократска Република Конго. Во 2022 година, вирусот се прошири низ целиот свет. Пред тоа, случаите на мајмунски сипаници на други места беа ретки и обично беа поврзани со патување или со животни кои се увезуваа од региони каде што вирусот е ендемичен, пишува ЦДЦ.

Што се однесува до СИДА-та, таа се појавува како последица на вирусот ХИВ, односно е последна фаза од инфекцијата со ХИВ. Најчести симптоми се губење на телесна тежина, потење, малаксалост, габични инфекции, модринки по тело, исип, пролив, отечени лимфни жлезди, грозница. Често се манифестира и со појава на инфекции на белите дробови, појава на туберкулоза или малигни заболувања и завршува со смртен исход.

ХИВ вирусот е изолиран на 20 мај, 1983 година од страна на вирусолози од Институтот Пастер. Опсервацијата направена со микроскоп потоа е потврдена со публикација во научното списание Сајнс, престижен медицински журнал. ХИВ 1 е секвенциониран во 1985 година, а ХИВ 2 неколку години подоцна. Благодарение на секвенционирањето на ензимот клучен за вирална репликација (транскриптазе), е креиран првиот антиретровирален лек АЗТ во 1987 година. Лук Монтание е вирусологот што го откри ХИВ вирусот заедно со членови од неговиот тим на Пастер институтот, меѓу кои и Франсоа Бар Синуси. Монтание и неговиот тим испитувале примероци од пациенти со СИДА во 1983 година и го пронајдоа вирусот, кој подоцна е познат како ХИВ.

Што се однесува до потеклото на СИДА-та група научници, предводена од Мајкл Воробиев, професор по екологија и еволуциона биологија во Универзитетот во Аризона, спровела истражување во кое докажале дека првиот облик на ХИВ-вирусот се појавил во Африка во периодот помеѓу 1884 и 1924. Анализирајки го изметот од шимпанзо докажале дека вирусот од нив е пренесен на човекот во југоисточниот дел на Камерун, околу 1908 година. Теоријата дека вирусот е пренесен од шимпанзо на човек е докажана и во универзитетите во Нотингам, Монпелје и Алабама. Вирусот се ширел помеѓу локалното население, а достигнал поголеми размери кога стигнал до Кинсаша (Демократска Република Конго). Од овој град потекнуваат двата најстари примероци на ХИВ, едниот пронајден во крвната плазма на маж во 1959 година, а другиот во лимфните јазли на жена во 1960 година.

Кон половината на 1981 година, смртта како последица на опортунистичките инфекции (инфекции поврзани со тешка имунодефициенција) кои пред тоа најчесто се јавувале кај пациенти во постоперативен период по пресадување, почнала да се јавува кај здрави мажи — хомосексуалци во Лос Анџелес, Сан Франциско и Њујорк. На 24 септември 1982 година е поставена првата медицинска дефиниција за синдромот на недостаток на имунитет од страна на центарот за контрола на болести.

Според тоа, не може да се каже дека сида-та и мајмунските сипаници ги измислиле „гејовите“ во СЗО. Таквото тврдење не е поткрепено со никакви факти и се базира на шпекулации и теории на заговор. Поради тоа, објавата која ја анализираме, ја оценуваме како неточна.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција