Никако да почне поврзувањето на населбите „Даме Груев“ и „Стопански двор“

Фото: Гугл мапс

Сè уште не е започнато пробивањето на улицата „Лука Геров“ кон „Стопански Двор“ со премин преку пругата, што беше ветено од локалните и градските власти за подобрување на квалитетот на живот на граѓаните од овој дел на „Ѓорче Петров“

Сè уште не е започнато пробивањето на улицата „Лука Геров“ кон „Стопански Двор“ со премин преку пругата, што беше ветено од локалните и градските власти за подобрување на квалитетот на живот на граѓаните од овој дел на „Ѓорче Петров“

 

 

Ветување: Поврзување на населбата „Даме Груев“ со Стопански Двор – Продолжување и пробивање на улицата „Лука Геров“ (Рок: 2025 година)

[Извори: Програма на градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, 2021 – 2025 – Стр. 22; Програма на градоначалничката на град Скопје, 2021-2025 – Стр. 34;  датум: октомври 2021]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Проектот за поврзување на населбите „Даме Груев“ и „Стопански Двор“, преку пробивање и продолжување на улицата „Лука Геров“, сè уште не е започнат. Иако се поминати скоро три години од ветувањето на градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски и градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, сепак на терен нема никакви видливи резултати. Ова ветување е дел од изборните програми на Стојкоски и на Арсовска за мандатот 2021 – 2025 година, но со оглед на тоа што досега (25.07.2024) таму нема никакви градежни активности, малку е веројатно дека проектот ќе биде целосно завршен до крајот на мандатот во 2025 година. 

Според предвиденото во програмата (стр.22), со која градоначалникот Стојкоски (стр.22) го доби мандатот од граѓаните на Општина Ѓорче Петров, со:

Пробивање на ул. „Лука Геров“ кон „Стопнаски Двор“ со премин преку пругата, граѓаните од овој дел на „Ѓорче Петров“ ќе добијат дополнителна сообраќајна артерија што ќе го релаксира сообраќајот и ќе помогне за дополнителна урбанизација и развивање на овој дел.

Арно ама, до моментот кога е пишуван овој текст (25.07.2024) на терен нема активности за пробивање и продолжување на улицата „Лука Геров“. Тимот на Вистиномер беше на терен и таму не се работи ништо,  нема никакви знаци за почеток на овој проект. 

Местото каде треба да се пробие улицата „Лука Геров“
Фото: Вистиномер

Проектот вклучува премин преку пругата, што бара соодветни дозволи и координација со железничките власти. Овој процес може да трае подолго време од предвиденото, настрана тоа што може да се појават непредвидени пречки, како што се правни проблеми со имотите или технички предизвици, што дополнително ќе го забават процесот.

Фото: Тука некаде улицата треба да ја пресече пругата

За тоа до каде е реализацијата на овој проект и дали ќе биде завршен до крај на мандатот, прашавме во Општина Ѓорче Петров и во Град Скопје.

Од Општина Ѓорче Петров го добивме следниот одговор:

Општина Ѓорче Петров нема надлежност во однос на ова прашање. Според нашите информации, проектната документација за овој проект е веќе подготвена. Сепак, не можеме да ги одговориме причините зошто проектот сè уште не започнал со реализација, со оглед на  значителното оптоварување со сообраќајот во овој дел на општината.

Дополнително тие посочија дека чекаат од градоначалничката да ги преземе следните чекори: 

Сметаме дека градоначалничката која се обврза да го реализира проектот треба да ги преземе сите неопходни чекори за да го започне овој проект што е можно поскоро.

Од кабинетот на градоначалничката Арсовска во Град Скопје не ни одговорија на нашите прашања околу реализацијата на проектот.

Имајќи го предвид сето ова, вклучително и нашата теренска проверка, ова изборно ветување на градоначалникот Стојкоски и градоначалничката Арсоска го оценуваме како неисполнето.

Извори:

 

Оцени: Александар Ристоски

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција