Нов обид да се оцрнат Американците за вмешаност во масакрот кај Смилковско Езеро

Екипи на МВР кај Смилковско езеро во 2012 г. Фото: скриншот

Не е точно наведеното во објавата дека амбасадорката Агелер или пак американската амбасада која таа ја претставува, на некој начин биле поврзани со убиствата кај Смилковско езеро. Но, не е првпат на Фејсбук просторот да се пласираат вакви објави кои без никакви докази ги обвинуваат Соединетите Американски Држави за овие убиства, ширејќи притоа теорија на заговор

Не е точно наведеното во објавата дека амбасадорката Агелер или пак американската амбасада која таа ја претставува, на некој начин биле поврзани со убиствата кај Смилковско езеро. Но, не е првпат на Фејсбук просторот да се пласираат вакви објави кои без никакви докази ги обвинуваат Соединетите Американски Држави за овие убиства, ширејќи притоа теорија на заговор

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Или што, пак ќе ни убиеш пет деца со калашникови на Смилковско? Или ќе ни направите војна за малцински права? Или ќе ставиш уште две кила пудра на лицето грдо?

Во склоп на објавата се презентира фотографија од амбасадорката на САД Анџела Агелер и се цитира нејзина изјава: „Агелер: Ниту за Преспа ќе има нови преговори, ниту со Бугарија за ЕУ, тие договори се завршена работа“.

Не е точно наведеното во објавата дека амбасадорката Агелер или пак американската амбасада која таа ја претставува, на некој начин биле вмешани во убиството на момчињата кај Смилковско езеро. За тоа нема ниту една поконкретна индиција, ниту, пак, некој факт преку кој може да се направи линкот. Но, не е првпат на Фејсбук просторот да се пласираат вакви објави кои без никакви докази ги обвинуваат Соединетите Американски Држави за овие убиства, ширејќи притоа теорија на заговор.

Сето ова се прави во услови, кога за петкратното убиство кај Смилковско Езеро имаше судска разрешница во случајот познат кај јавноста како „Монструм“.

Петкратното убиство се случи на 12 април 2012 година кај Смилковското Езеро на Велики Четврток пред христијанскиот празник Велигден, кога беа убиени Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацковски и Кире Трпковски, како и рибарот Борче Стевковски.

Доживотен затвор добија Алил Демири и браќата Агим и Африм Исмаиловиќ. Со правосилната пресуда потврдена е и казната за Хаки Азири кој беше осуден на казна затвор од девет години, а Фејзи Азири на казна затвор од 15 години. Ослободителна пресуда доби единствено обвинетиот Сами Љута.

Осудените Алил Демири и Африм Исмаиловиќ се во бегство во Косово, но и покрај распишаните потерници, приведување и ветувањата од Приштина тие досега не се екстрадирани во С. Македонија.

 

Судскиот процес беше јавен 

Целиот судски процес „Монструм“ беше јавен и покрај криминалистички експерти, вештаци, имаше и заштитен сведок, како и бројни други сведоци. 

Oбвинителката Фатиме Фетаи рече дека Обвинителството смета дека станува збор за настан кој можел да предизвика повторен конфликт и да доведе до многу невини жртви и случка која ја засилила омразата помеѓу Македонците и Албанците, со оглед на тоа што се работи за одбрани жртви и за настан кој се случил неколку денови пред Велигден.

Веројатно најпрецизно мотивите и евентуално нивните наредбодаватели можат да ги кажат Африм и Алил кога ќе се соочат со домашен суд кога ќе бидат екстрадирани, верувам дека ќе дојде и тој ден. Агим не ја искористи таа можност. Мотивацијата да не се екстрадираат Агим и Африм можеби е и подлабока на што упатува и неоправданата пасивност на косовските власти, но времињата се менуваат и очекувам и тие да бидат донесени пред тој суд да се соочат со правдата и родителите на жртвите, рече Фетаи.

Во ниту еден момент од судскиот процес не се истакнува никаква конекција на осудените со САД или американската амбасада. Дополнително, амбасадорката Агелер не беше амбасадорка во периодот на носењето на пресудатa.

Од судењето на „Монструм“ во 2019 г. Фото: Мета.мк

Теоријата на заговор лансирана од Трамп беше демистифицирана

И претходно се ширеа слични дезинформации со цел да се обвини САД за инструирање на убиствата кај Смилковско Езеро. Тоа беше правено на начин што се обвинуваше и ЦИА за „креирање“ на ИСИС и Ал Каеда. Но, ЦИА не ги има креирано Ал Каеда и Исис. Оваа теорија на заговор потекнува од Доналд Трамп и е демантирана.

Што се однесува за војната во 2001 во Република Македонија и покрај неколку тврдења од директни учесници дека САД биле вмешани на извесно ниво во текот на судирите, особено во извлекување на УЧК од Арачиново, вистината на крај е дека САД помогнаа заедно со ЕУ да се стави крај на конфликтот со потпишување и надгледување во спроведувањето на Охридскиот рамковен договор. Тоа е забележано и на веб страната на Стејт Департментот.

Соединетите Американски Држави и нивните европски сојузници дејствуваа брзо за да посредуваат за ставање крај на граѓанскиот конфликт во Северна Македонија во 2001 година, кој произлезе од етничките тензии, и тесно ги поддржаа успешните напори на владата и големите партии за постигнување мирно, политичко решение за кризата преку Охридскиот рамковен договор, пишува на сајтот на Стејт Департментот.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција