Пратеничкиот мандат се одзема со двотретинско мнозинство, а не со 61 пратеник

Оливер Спасовски. Фото: Скриншот

Пратеничкиот мандат може да биде одземен доколку за тоа има двотретинско мнозинство во законодавниот дом. Двотретинско мнозинство од вкупниот број на пратеници во нашето Собрание не е 61 пратеник. Бидејќи во Собранието има 120 пратеници, двотретинско мнозинство е 81 пратеник и доколку 81 пратеник гласа „за“ тогаш може да се одземе пратенички мандат.

Пратеничкиот мандат може да биде одземен доколку за тоа има двотретинско мнозинство во законодавниот дом. Двотретинско мнозинство од вкупниот број на пратеници во нашето Собрание не е 61 пратеник. Бидејќи во Собранието има 120 пратеници, двотретинско мнозинство е 81 пратеник и доколку 81 пратеник гласа „за“ тогаш може да се одземе пратенички мандат

 

Во објава на социјалната мрежа Фејсбук се тврди дека пратеничкиот мандат на Оливер Спасовски ќе му се биде одземен со гласање на 61 пратеник. Ова е неточно.

СО 61 ПРАТЕНИК ЌЕ МУ БИДЕ ОДЗЕМЕН ПРАТЕНИЧКИОТ ИМУНИТЕТ НА КУМАНОВСКИОТ ЛОПОВ ОЛИВЕР СПАСОВСКИ И ЌЕ СЕ ИДЕ У ЗАТВОР КАКО СЕГА У КАФАНА ШТО ИДЕ НАЈЧЕСТО У КУБУ (КУМАНОВСКА БАЊА)

Во медиумите се појави информација дека Синдикатот на полицијата поднел кривична пријава до сегашниот пратеник од редовите на СДСМ, а доскорешен министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски. Според пријавата, тој своерачно и незаконски потпишал две решенија за распоредување додека бил на боледување и во изолација поради коронавирусот, а со тоа ги сторил кривичните дела „Злоупотреба на службената положба и овластување“ и „Несовесно работење во службата“ предвидени во член 353 и 353-в од Кривичниот законик“.

Во објавата која што ја рецензираме, споделен е исечок од насловот на медиумскиот напис и притоа во текстот на објавата се тврди дека пратеничкиот мандат на Спасовски ќе му се одземе со гласање на 61 пратеник и дека тој ќе оди во затвор. Овде има повеќе невистини и манипулации со кои што се измамува јавноста.

 

Кога го осудиле Спасовски?

Прво, Оливер Спасовски не е осуден дека направил кривично дело, за тоа треба да се прозинесат институциите на системот. Против него е поднесена кривична пријава, но Јавното обвинтелство е тоа што треба да го истражи случајот и да одлучи дали има доволно докази да покрене обвиниение. Во случај Обвинителството да процени дека има простор да покрене обвиниение, ќе следува судски процес во кој што ќе се одлучи дали Спасовски навистина го прекршил законот и дали ќе биде осуден или не за некое кривично дело.

Следна невистина во објавата е дека пратеничкиот мандат се одзема со 61 пратеник. Тоа не е точен податок. Пратеникот не може да биде отповикан од функцијата, но може да му престане или да му биде одземен мандатот пред истекот на времето за кое е избран и тоа поради неколку причини.

Според Уставот, на пратеникот му престанува мандатот пред истекот на времето за кое е избран: ако поднесе оставка; ако е осуден за кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години; ако настапи случај на неспојливост со функцијата пратеник; ако му престане државјанството на Република Македонија; ако со правосилно решение биде лишен од деловната способност и во случај на смрт. На пратеникот може да му биде одземен мандатот, кога е осуден за кривично или друго казниво дело што го прави недостоен за вршење на функцијата пратеник, како и за неоправдано отсуство од Собранието повеќе од шест месеци.

Предлог за одземање на мандатот поднесува Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, врз основа на известување од претседателот на Собранието. Во случај кога пратеникот е осуден, известувањето до претседателот на Собранието го доставува судот кој ја изрекол казната. По предлогот на комисијата се води претрес на првата наредна седница на Собранието, при што претресот може да заврши со донесување одлука за одземање на мандатот на пратеникот, која се носи со двотретинско мнозинство од вкупниот број пратеници.

Член 65 од Уставот е јасен и гласи:

На пратеникот му престанува мандатот кога е осуден за кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години. На пратеникот може да му биде одземен мандатот кога е осуден за кривично или друго казниво дело што го прави недостоен за вршење на функцијата пратеник, како и за неоправдано отсуство од Собранието повеќе од шест месеци. Одземањето на мандатот го утврдува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Двотретинско мнозинство од вкупниот број на пратеници во нашето Собрание не е 61 пратеник. Бидејќи во Собранието има 120 пратеници, двотретинско мнозинство е 81 пратеник и доколку 81 пратеник гласа „за“ тогаш може да се одземе пратенички мандат. Ова значи дека тврдењето дека на Спасовски ќе му се одземе мандатот со 61 пратеник е невистина.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција