Сè уште ја нема новата позитивна листа на лекови на Таравари

Фото: Официјален профил на министерот Арбен Таравари

Министерот за здравство Арбен Таравари на почетокот на јули вети дека ќе има нова, проширена позитивна листа на лекови што ќе бидат на товар на Фондот за здравство, но досега од оваа листа нема ниту трага, ниту глас. Најпрво се чекаше да биде назначен нов директор на ФЗО. Сега се чека  да се оформи новиот Управен одбор, кој треба да ја одобри проширената листа на лекови, а онака како што стојат работите неизвесно е кога тоа ќе се случи

Министерот за здравство Арбен Таравари на почетокот на јули вети дека ќе има нова, проширена позитивна листа на лекови што ќе бидат на товар на Фондот за здравство, но досега од оваа листа нема ниту трага, ниту глас. Најпрво се чекаше да биде назначен нов директор на ФЗО. Сега се чека  да се оформи новиот Управен одбор, кој треба да ја одобри проширената листа на лекови, а онака како што стојат работите неизвесно е кога тоа ќе се случи

 

Ветување: Јас чекам само директорот на Фондот да се назначи, затоа кажав за две недели и веднаш, по 15 години, ќе излеземе со нова позитивна листа, која повремено ќе биде ажурирана. Мислам дека таа листа треба да се обновува секоја година, меѓутоа ќе излеземе и со нов закон за лекови, со кој ќе обезбедиме квалитетни лекови во државата, но истовремено ќе побараме и рационално користење и припишување на лековите…, изјави министерот Арбен Таравари на 2 јули 2024г.

[Извор: Нова Македонија – датум: 02.07.2024]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Пред повеќе од еден месец министерот за здравство, Арбен Таравари, вети дека ќе има нова, проширена позитивна листа на лекови, односно ќе бидат додадени нови лекови кои Фондот за здравствено осигурување (ФЗО РСМ) ќе ги покрие. До објавата на овој напис (08.08.2024) ветувањето на Таравари не е исполнето

Министерот на 02.07.2024 г. рече дека се чека назначување на нов директор на Фондот за здравство и овој процес требаше да трае две недели, по што требаше да има нова позитивна листа на лекови. Владата на почетокот на јули ги назначи новите в.д директори на Фондот за здравство, Сашо Клековски и Бранко Аџигогов и тие ги презедоа функциите на 3 јули. Што значи, беше отворен патот за да има проширување на позитивната листа, но тоа не се случи.

На 11 јули министерот Таравари во интервју за ТВ Сител изјави дека:

Конечно, после 15 години Позитивната листа ќе биде ревидирана со девет нови лекови

Тој, исто така, кажа дека веќе ја испратил новата листа лекови на одобрување во Фондот за здравствено осигурување. Таму треба да биде изгласана од Управниот одбор, чиишто членови пак, според најавите, требаше да бидат избрани до средината на јули. Но и тоа не се случи.

На крајот на јули повеќе медиуми ја пренесоа изјавата на Таравари дека за проширувањето на позитивната листа на лекови се чека само формирање на нов Управен одбор на Фондот за здравство. Министерот, сепак не одговори кога конечно пациентите ќе можат да земат нови лекови на рецепт.

Само чекаме да се избере новиот Управен одбор. На првата седница на Управниот одбор на Фондот, позитивната листа ќе ја промовираме заедно со директорот на ФЗОМ. Со ова, после 15 години ќе биде проширена позитивната листа за првпат, а до крајот на годината се надевам ќе ја прошириме и со нови неколку лекови, изјави Таравари на 25 јули.

Како што може да се види од соопштенијата на ФЗО, сè уште нема никаква најава за формирање на новиот состав на УО на Фондот, а тоа во телефонски разговор ни го потврдија и од ФЗО. Оттаму очекуваат тоа да се случи во наредните 10 дена, а планирано е уште на првата седница да се стави како точка на дневен ред проширувањето на позитивната листа на лекови.

Следен битен фактор е финансирањето на овие лекови, за кои министерот изјави дека имало пари и не постоело никаков проблем за проширувањето на листата. Но, како што пишува во записникот од 158. седница на УО на ФЗО, одржана на 28 март оваа година (достапна на страницата на Фондот за здравство), тогашната директорка Филиповска Филиповска Грашкоска во своето излагање не го занемарува финансискиот момент:

….Во моментов ние како Фонд не можеме да кажеме со колку точно средства располагаме за вклучување нови лекови на примарната позитивна листа.

Иако коментарите на Филиповска Грашкоска се од седница одржана пред четири месеци, во записниците од наредните седници воопшто не било споменато проширувањето на листата, само биле дискутирани  цените.

За ова неодамна за Слободен Печат коментираше и Маја Ковачева, членка на актуелниот Управниот одбор на ФЗО и претставничка на Лекарската, Фармацевтската и Стоматолошката комора на Македонија:

Свесни сме за финансиските ограничувања на Фондот за проширување на Листата на лекови, но и дека во Листата на лекови петнаесет години не е влезено ништо ново, изјави Ковачева за Слободен Печат.

Од ова станува појасно дека финансиските притисоци што ќе ги нанесе проширувањето на листата на лекови на Фондот за здравствено осигурување не се баш занемарливи, како што вели министерот Таравари.

Според горенаведените факти, ветувањето на министерот за здравство Таравари дека во текот на месец јули ќе се прошири позитивната листа на лекови го оценуваме како неостварено. Сè уште не е оформен Управниот одбор на ФЗО, којшто допрва треба да има седницата и да ја вметне во својот буџет ревидираната листа и истата да ја одобри. Имајќи ги превид изминатиот рок што самиот Таравари го зададе, како и следните чекори што треба да се направат, повеќе од очигледно е дека целиот процес со новата позитивна листа лекови не се одвива по забрзаната постапка што ја вети министерот Таравари.

Извори

 

Оцени: Матеј Тројачанец

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција