Со сомнителен клип се тврди дека Полска подготвува војна против Русија

Фото: Принтскрин видео

Објавата сосема произволно  тврди дека Полјаците „се спремаат за директна битка“ против Русите, на што овие вториве „спремни чекаат“, што алудира на тоа дека Полска прва би нападнала. Објавата тоа го аргументира со клип, во кој конвој камиони превезува тенкови, што создава впечаток дека Полјаците со нив ќе ги напаѓаат Русите. Но руските медиуми го толкуваат тој клип поинаку – Полска ѝ ги испраќа тие тенкови како воена помош на Украина, што е веќе вообичаена пракса. Накусо, секој си го толкува клипот по свое и не се знае точно ни каде, ни кога тој бил снимен, а него го нема во релевантните светски медиуми и тој главно се врти по дубиозните Телеграм-канали од Русија

Објавата сосема произволно  тврди дека Полјаците „се спремаат за директна битка“ против Русите, на што овие вториве „спремни чекаат“, што алудира на тоа дека Полска прва би нападнала. Објавата тоа го аргументира со клип, во кој конвој камиони превезува тенкови, што создава впечаток дека Полјаците со нив ќе ги напаѓаат Русите. Но руските медиуми го толкуваат тој клип поинаку – Полска ѝ ги испраќа тие тенкови како воена помош на Украина, што е веќе вообичаена пракса. Накусо, секој си го толкува клипот по свое и не се знае точно ни каде, ни кога тој бил снимен, а него го нема во релевантните светски медиуми и тој главно се врти по дубиозните Телеграм-канали од Русија

 

 

Објава во социјалната мрежа Фејсбук вели:

Полска, нафо, мафо. Се спремаат за директна битка со Русија во сигурна смрт во првите часови на дејствување… Русите знаат, гледаат, слушаат, спремни чекаат.

Во рамките на објавата е споделен краток видеоматеријал на кој се гледа конвој камиони кој превезува тенкови.

Како прво, оваа објава на Фејсбук е илустрирана со погрешно знаме. Наместо она полското (бело горе, црвено долу), поставено е знамето на Индонезија или Монако (црвено горе, бело долу), но тоа е најмал проблем во оваа проблематична објава.

Непоткрепена со каков било извор, таа тврди дека Полјаците „се спремаат за директна битка“ против Русите, на што овие вториве „спремни чекаат“, што алудира на тоа дека Полјаците први би нападнале. Објавата тоа го аргументира со клип, во кој конвој камиони превезува тенкови, што создава впечаток дека Полјаците со нив ќе ги напаѓаат Русите.

Авторот на објавата (кој можеби и не е нејзин автор, туку истата ја презел и превел од српски извор како овој тука)  делува како проруски настроен. Но тој не знае дека руските медиуми го толкуваат тој клип поинаку – Полска ѝ ги испраќа тие тенкови како воена помош на Украина, што е веќе вообичаена пракса, а така клипот го толкува и службениот весник на руската влада, Российская газета. Како и сите владини весници во Русија, тој е озлогласен по пропагандата, но дури ни тој не отишол дотаму да тврди дека клипот прикажува подготовка на Полјаците за некаков напад врз Русите. Во таа смисла, авторот на објавата, којашто сега ја рецензираме, излегол пофанатичен путински пропагандист од самите путински пропагандисти.

Фактички, тој клип секој си го толкува по свое и не се знае точно ни каде ни кога тој бил снимен, а него го нема во релевантните светски медиуми и тој главно се врти по дубиозните руски Телеграм-канали, од кај што го презела Российская газета. Патем, тоа што владино гласило на една суперсила се потпира на некакви Телеграм-канали укажува на една фрапантна непрофесионалност.

Авторот на објавата тврди дека „Русите знаат, гледаат, слушаат“, но тие очигледно не знаат, не гледаат и не слушаат, штом нивно владино гласило спаднало на тоа да се потпира на Телеграм. Каде е во приказнава славното руско разузнавање? А тука и не говориме за откривање на некаква воена тајна, туку за конвој кој отворено се движел по автопат без никаква камуфлажа, па Русите не вложиле којзнае каков напор за тоа да го забележат. А можеби клипот го снимил некој аматер од Полска и потоа го споделил на интернет, па така тој стигнал до Русите, но тоа е само претпоставка, затоа што немаме податок кој е примарниот извор на овој клип.

Со оглед дека објавата ја споменува Полска, се наметнува впечатокот дека клипот е снимен токму таму, а и повеќе странски профили по социјалните мрежи го опишуваат како снимен во Полска. Некои од нив го идентификувале моделот на тенковите како полскиот PT-91 Twardy, што можеби докажува дека тоа е навистина снимено во Полска. Но, на крајот на краиштата, клипот и не е толку битен колку пораката која авторот на објавата се обидува да ја протне со помош на клипот.

Вистина е дека Полска се подготвува за евентуален судир со Русите, но не во смисла за да ги нападне, туку за да се одбрани од нивен напад (информации: тука, тука, тука, тука и тука), а иако некои полски политичари не ја исклучуваат можноста за испраќање на трупи во Украина, нема индиции дека започнала практична реализација на таа идеја.

Сепак, лажни вести со таква содржина засилено се шират, па на пример, Вистиномер неодамна ја разобличи онаа дека Франција испратила свои трупи во Украина. Но членките на НАТО не покажуваат решителност директно и активно да се вклучат во конфликтот, што веројатно се должи на стравот од оној нуклеарниот. Тоа воздржување и таа претпазливост траат 10 години, уште од инвазијата врз Крим, всушност со децении, уште од моментот кога Москва станала нуклеарна сила во времето на Студената војна, а иако на Запад навистина има идеи за испраќање на трупи во Украина, воздржаноста и претпазливоста, сепак, доминираат.

Се разбира, можеби нештата ќе се променат во иднина, но судејќи по моменталната состојба, нема никакви докзи, ниту, пак, индиции дека Полјаците подготвуваат напад врз Русите. Земајќи го  предвид сето досега наведено, рецензираната објава ја оценуваме како невистинита.

 

 

 



 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција