Со законската забрана на руската црква, Украина се брани од оружената агресија на Русија

Црквата во Лавов, која е дел од забранетата УПЦ-МП. Фото: By Nazar - Own work, CC BY-SA 3.0, Wikimedia

Тоа што украинската влада со закон ја забрани православната црква поврзана со Москва, руската пропаганда се обиде да го прикаже како „прогон на христијаните“ и како тенденција на Западот кој ја поддржува Украина, да го уништи православието и православната црква. Ваквиот наратив се шири и на социјалните мрежи кај нас, а го промовираат, се разбира, поддржувачите на Кремљ во кого гледаат чувар на православието и традиционалните вредности, како што самиот Путин често сака самиот да се прикаже

Тоа што украинската влада со закон ја забрани православната црква поврзана со Москва, руската пропаганда се обиде да го прикаже како „прогон на христијаните“ и како тенденција на Западот кој ја поддржува Украина, да го уништи православието и православната црква. Ваквиот наратив се шири и на социјалните мрежи кај нас, а го промовираат поддржувачите на Кремљ во кого гледаат чувар на православието и традиционалните вредности, како што и Путин често сака самиот да се прикаже

 

Пишува: Ана Анастасовска

 

Со 256 гласа „за“ Врховната Рада (украинскиот парламент) на 20 август усвои нацрт-закон со кој се забрануваат активности на верски организации поврзани со Русија, односно ги забрани активностите на Украинската православна црква на Московската патријаршија (УПЦ-МП), која е подредена на Руската православна црква (РПЦ).

Законот стапува на сила 30 дена по неговото објавување, но заедниците на УПЦ-МП ќе имаат рок од девет месеци целосно да ги прекинат врските со руската црква, објасни пратеникот Јарослав Железниак.

Предлог-законот првично беше регистриран во парламентот во јануари 2023 година, набргу по деталните претреси на безбедносните власти кои открија руска пропаганда, руски пасоши и ксенофобна литература во просториите на УПЦ.

Ваквите чекори на украинската влада против црквата поврзана со Москва, руската пропаганда се обиде да ги прикаже како „прогон на христијаните“ и како тенденција на Западот, кој ја поддржува Украина, да го уништи православието и православната црква. Ваквиот наратив се шири и на социјалните мрежи кај нас, а го промовираат, се разбира, поддржувачите на Кремљ во кого гледаат чувар на православието и традиционалните вредности, како што и Путин често сака самиот да се прикаже.

Честопати, про-Кремљ експертите за дезинформации, особено Владимир Соловјов го користат овој дезинформациски наратив во врска со неоснованите обвинувања против Украина за наводен обид за уништување на Православната црква. Оваа манипулативна тактика се засили во 2019 година кога на Православната црква на Украина ѝ беше доделен статус на независна црква и повторно во ноември 2022 година кога украинската влада објави дека ќе подготви закон за забрана на црквите поврзани со Русија, пишува Euvsdisinfo.

Пропагандата дека Киев сака да го уништи православието се шири и кај нас

Откако Врховната Рада го усвои нацрт-законот со кој се забранија активностите на УПЦ, на Фејсбук можеа да се прочитаат коментари од типот дека „власта на Владимир Зеленски штотуку ја забрани работата на Украинската православна црква и со тоа ја нападна христијанската религија“.

Во друга објава се вели:

Режимот на Зеленски сега го отелотворува сето она против кое ЕУ и САД тврдат дека стојат: Угнетување на верската слобода, сузбивање на слободните медиуми и бесрамно непочитување на демократијата. Во нормални околности, ова би предизвикало американска инвазија – но тоа веќе се случи во 2014 година.

Трета објава вели:

Украина продолжи со фашистичкиот прогон и со закон ја забрани единствената канонска украинска православна црква возглавена од митрополитот Онуфриј.

Дел од медиумите објавија дека „Зеленски ја забрани Украинската православна црква“, а некои ја пренесоа и изјавата на Захарова дека „Киев се обидува да го уништи православието во неговите корени“.

Ваквите наративи дека Зеленски со поддршка на Западот сака да го уништи православието во Украина не се точни, односно се лажни. Во Украина 72 проценти од населението се декларира како православно. Но, после руската воена инвазија врз Украина, се појави поделба, односно анимозитет меѓу верниците кои припаѓаат на различни православни цркви, едната Украинска православна црква – Московска патријаршија (УПЦ-МП), а другата Православна црква на Украина (ПЦУ).

Како што тврди Киев, Украинската православна црква – Московска патријаршија (УПЦ) е директно поврзана и поддржана од Руската православна црква и затоа властите го подготвија нацрт-законот за нејзина забрана, или пак, да ѝ биде дозволена пререгистрација односно формирање на нова црква која нема да биде на ниеден начин поврзана со Руската православна црква и патријархот Кирил.

Причината за ваквиот потег на власта на Зеленски е тоа што Руската православна црква отворено ја поддржа руската воена инвазија врз Украина и официјално ја нарекува „специјална операција“. 

Руската православна црква дури и објави документ во кој се наведува дека „специјалната воена операција е нова фаза од националната борба за слобода на Русите против криминалниот режим на Киев и колективниот Запад“.

Русите со оружје во рака ги бранат своите животи, слобода, територија, цивилизациски, религиозен и културен идентитет, како и правото да живеат на своја земја во границите на една единствена руска држава. Од духовна и морална гледна точка, специјалната воена операција е Света Војна во која Русија и нејзиниот народ го бранат спиритуалниот простор и го бранат светот од нападот на глобализмот и победата на Западот, кој е паднат во сатанизам, пишува во овој документ објавен на официјалната страница на Руската православна црква.

Токму ваквите ставови на Руската православна црква, меѓу кои и наведениот дека „целата територија на модерна Украина треба да влезе во ексклузивната зона и влијание на Русија“ и дека „можноста за политички режим непријателски настроен кон Русија и луѓето на Русија кој постои на таа територија мора да биде целосно исклучен“, е причина Украина да сака да се заштити од православна црква на својата територија која е приврзана на Москва.

Воената инвазија на Русија врз Украина отворено ја поддржува и Патријархот на Руската православна црква, Кирил.

Зеленски: УПЦ го поткопува украинското единство

Центарот за стратешки комуникации под Министерството за култура и информациски политики на Украина најде дека во Украинската црква – Московска патријаршија се шири руска пропаганда, се покриваат активности на непријателски служби и се регрутираат руски агенти.

Службата за безбедност на Украина поднела кривична пријава против 65 свештеници на УПЦ, санкции се изречени за 17 свештеници, додека на 19 архиереи им е одземено државјанството.

Професор Виктор Јеленски за Си-Ен-Ен изјави дека повеќе од 30 години раководството на Украинската православна црква, Московска патријаршија ги „труе луѓето со идеја за рускиот свет“. Тој ги бранеше претресите што безбедносните служби ги спроведувале во црквите, споредувајќи ги со сузбивањето на исламскиот екстремизам по 11 септември 2001 година.

Зеленски ја обвини Украинската православна црква, која што е под јурисдикција на Руската православна црква, дека го поткопува украинското единство и дека соработува со Москва.

Ќе го продолжиме ова движење, нема да дозволиме терористичката држава да манипулира со духовниот живот на нашиот народ или да ги уништува украинските лаври и да краде богатства од нив, рече Зеленски уште во 2023 година.

Украинската православна црква официјално се одвои од Руската во 2018 година

Во октомври 2018 година, Украинската православна црква официјално се одвои од руската, по повеќе од 300 години. Одлуката беше одобрена од Константинополската патријаршија, позната и како Цариградска или Вселенска патријаршија. Истиот месец кога беше објавена декларацијата, Руската православна црква соопшти дека ќе ги прекине односите со Патријаршијата.

Како резултат на расколот, Руската православна црква изгуби голем дел од својата територија, верниците и, најважно, својот духовен и симболичен авторитет над Украина. И рускиот претседател Владимир Путин и патријархот Кирил го осудија расколот.

Тоа што власта на Зеленски усвои нацрт-закон со кој се забранија активностите на црквата под јурисдикција на Москва, не значи дека Зеленски ги прогонува православните христијани од Украина, ниту пак дека ја угнетува православната црква. Во Украина мнозинството од населението е православно и понатаму има православни цркви. Поентата на новиот закон не е да се уништи православието како што тоа сака да го прикаже пропагандната кујна на Кремљ, туку да се спречи Русија преку црквата во Украина да инсталира свои мрежи, на што безбедносните служби на Украина веќе предупредија.

 



 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција