Зеленски не купил казино во Кипар

Фото: Хотелот Вуни и казиното/лажен сајт

Дезинформација е дека претседателот на Украина Володимир Зеленски купил казино и хотел во Кипар, преку негова оф шор компанија. За тоа нема никакви докази како што потврдуваат високи политички претставници во Кипар, а сајтот што првично ја објави „веста“ подоцна ја избриша. За да ја поткрепи оваа дезинформација сајтот користел линк до лажна веб-страница на казиното, а потоа ја избриша својата вест. Сопствениците на казиното демантираат дека тоа е продадено, а украинската амбасада во Кипар објаснува дека ова е руска пропаганда насочена кон тоа да се дискредитира Украина и нејзиното раководство пред меѓународната заедница.

Дезинформација е дека претседателот на Украина Володимир Зеленски купил казино и хотел во Кипар, преку негова оф шор компанија. За тоа нема никакви докази како што потврдуваат високи политички претставници во Кипар, а сајтот што првично ја објави „веста“ подоцна ја избриша

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Војната некому е мајка, некому маќеа. Зеленски купи казино одморалиште во Кипар преку неговата компанија Casino Herritage Inc. за 200 милиони долари во биткоини. Прва линија, плажи и сето тоа.

Тврдењето изнесено во објавата што ја рецензираме се поврзува со Телеграм канал. Но, станува збор за дезинформација.

Амбасадата на Украина во Кипар ја демантираше оваа информација, нарекувајќи ја руска пропаганда насочена кон тоа да се создадат и креираат дипломатски тензии. Амбасадата на Украина во Република Кипар остро ги негира тврдењата дека претседателот на Украина, Володимир Зеленски купил казино во Киренија. Во неодамнешно соопштение, амбасадата ги опишува овие тврдења како уште една лага создадена со цел да се дискредитира Украина и нејзиното раководство, како и да се создадат дипломатски тензии меѓу Киев и Никозија.

Шпекулациите кои циркулираат на социјалните мрежи, вклучително и во објавата што ја рецензираме, сугерираат дека Зеленски е новиот сопственик на Вуни Палас казиното и хотелот, што претставуваат едни од најголемите казина во Европа лоцирани во Киренија, Кипар. Од амбасадата на Украина во Кипар велат дека ова е руска пропаганда насочена кон ширење лажни вести без никакви докази за да се поткрепат ваквите тврдења.
Оваа лажна информација е уште една лага насочена да се дискредитира Украина и нејзиното раководство во очите на светот, велат од амбасадата. Според лажната приказна компанија наводно во сопственост на Зеленски го купила хотелот и казиното, ама во публикацијата нема ниеден доказ за да се поткрепи ваквото тврдење.Од амбасадата на Украина во Кипар потенцираат медиумите да се потпираат на веродостојни извори и да останат будни за манипулациите и руската пропаганда. Претседателот на Кипар, Никос Христодулидес, ги коментираше ваквите наводи и рече дека нема никакви докази за да се поткрепи дека Зеленски имал некаква вклученост во купувањето на казиното.

 

Досега, релевантните служби на Кипар ја истражуваа оваа материја. Потврдувам, досега нема таков доказ. Кога истрагата ќе биде завршена во соработка со други држави и други служби, ќе можеме да кажеме повеќе. Но, во овој момент можам да ви кажам, до пред 5 минути пред да дојдам овде, сум информиран дека нема такви докази, рече тој.

Контроверзната дезинформација потекна од турскиот вебсајт Ода Тв, кој објави текст со наслов „Зеленски игра партија шах“. Во текстот се наведува дека додека западните земји ѝ даваат на Украина финансиска и воена помош, Зеленски го насочил своето внимание кон казино индустријата. Сајтот, исто така, додал дека фирмата Филм Херитиџ Инк регистрирана во Белизе и наводно во сопственост на Зеленски, според Пандора Пејпрс од 2021, го купила Вуни Палас Казиното и хотелот на почетокот на мај 2024 г.

Како што пишуваат проверувачите на факти на Сноупс, приказната објавена на Ода Тв е избришана, но претходно почнало да се зголемува нејзиното влијание преку канали на социјалните мрежи и тоа преку профил на социјалната мрежа Икс Aussie Cossack, која се опишува себеси како „регистриран странски агент на Спутник“. Спутник е руска државно контролирана медиумска агенција.Проверувачите на факти на Сноупс додаваат дека информацијата е невистинита, затоа што е базирана на лажен веб-сајт за казиното. Лажниот веб-сајт за казиното како што пишуваат од Сноупс бил регистриран на 29 мај 2024 година, само еден ден пред Ода Тв да го објави дезинформацискиот наратив за наводната сопственост на Зеленски врз казиното. Како што наведуваат проверувачите на факти на Сноупс и самите сопственици на казиното негирале дека истото е продадено.Поради сите горенаведени факти, објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција