Земјата е рамна плоча, а глобалното затоплување е мит – уметничка акција против дезинформации

фото: Центар за современи уметности

Акцијата работена во мешани медиуми е поставена на плочникот на трговскито центар Бисер во скопската општина Аеродром. Во неа се земени и обработени седум од десетте најексплицитни и научно докажани факти кои го потврдуваат глобалното затоплување и постоењето на климатските промени

 

Социјалните мрежи се полни со лажни вести кои го негираат глобалното затоплување и климатските промени. Нападнати сме од дезинформации во кои глобалното затоплување, а неретко и климатските промени, се опишуваат како светски заговор и нешто што не постои, туку само треба да ги застрашува луѓето.

Ова го велат од Центарот за современи уметности кои денеска ја поставија уметничката инсталација „Земјата е рамна плоча, а глобалното затоплување е мит“ на уметницата Маја Танева, која ги разложува овие дезинформации.

Акцијата работена во мешани медиуми е поставена на плочникот на трговскиот центар Бисер во скопската општина Аеродром. Во неа се земени и обработени седум од десетте најексплицитни и научно докажани факти кои го потврдуваат глобалното затоплување и постоењето на климатските промени.

Фактите цитирани во инсталацијата се преземени од списанието „Национална географија“ (National Geographic) и се дел од нивни текстови и истражувања.

„На сцена стапува „уметноста на факти“ на Маја Танева, која тргнува од  наједноставниот лажен наратив од оваа тематика, прочуените приказни дека Земјата е рамна плоча, за преку визуелно едноставен и експлицитен модел да ја заинтересира публиката не само за темите на глобалното затоплување и климатските промени, туку низ таа уметност, да ги дебанкира дезинформациите и лажните вести“, велат од Центарот за современи уметности.

фото: Центар за современи уметности

Од таму ги презентираат следните факти за климата:

– Зголемување на глобалните температури: Просечната температура на површината на планетата Земјата е зголемена  за 1,1 степени Целзиусови во последните 130 години.

– Покачување на нивото на морето: Глобалното ниво на морето е зголемено за околу 20 сантиметри во минатиот век. Овој пораст се припишува и на топењето на мразот и на термичката експанзија на морската вода додека се загрева.

– Зголемено ниво на CO2: Нивото на јаглерод диоксид во атмосферата е зголемено од околу 280 делови на милион (ppm) пред Индустриската револуција на над 410 ppm денес. Ова е најголемата концентрација во последните 800.000 години, врз основа на податоците добиени од мерењата на CO₂ во леденото јадро на планетата.

– Повлекување на глечерите: Глечерите ширум светот се намалуваат. Ова ги вклучува ледените плочи на Гренланд и Антарктикот, како и помалите глечери на секој континент. Во периодот од 2000 до 2015 година, секоја година се губеле 267 гигатони глечери, а во периодот од 2015 до 2020 година тој број е зголемен на 298 гигатони годишно.

– Екстремни временски настани: Постои докажано и јасно зголемување на зачестеноста и интензитетот на екстремните временски настани со промената на климата како резултат на затоплувањето.

– Смалување на арктичкиот морски мраз: Обемот на арктичкиот морски мраз е значително намален, при што летната покривка на мраз е намалена за околу 13% на во однос на доцните 1970-ти.

– Промени во рутите на миграцијата на дивиот свет: Многу видови го менуваат своето однесување и моделите на миграција како одговор на променливите температури и екосистеми. –

– Одмрзнување на вечниот мраз (Permafrost): Вечниот мраз во поларните региони се топи, ослободувајќи метан, моќен стакленички гас, во атмосферата. Ова го забрзува глобалното затоплување и може да предизвика значителна инфраструктурна штета во тие региони.

Инсталацијата е изработена во рамките на проектот „Дезинформации – креативно замаглување на умот“, што зеднички го спроведуваат Центар за современа уметноста, СКУП – Центар за истражувачко новинарство и Националното радио Канал 77. Проектот е поддржан од Програмата за дигитален активизам на TechSoup Global.

(Мета.мк)

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција