Заев, сепак, изјавил дека раководството на Вучиќ е националистичко

Негирањето на Заев за неговата реална и постоечка изјава од 2017 година, за што постои и пишана и видео документација, го оценуваме како невистина

На прес-конференцијата по потпишувањето на договорот за грант наменет во обновливи извори за енергетска транзиција, премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарско прашање, ја даде следната изјава која ја оценуваме како невистинита:

Немам кажано изјава јас за националисти или слично. Секој пат сум ги почитувал политиките на сите соседи и на сите партнери на државата. Српскиот народ уште еднаш покажа големо пријателство. Претседателот Вучиќ, исто така, премиерката Брнабиќ, министерот Лончар и сите кои што работеа со денови за да може да се испорачаат вакцините Фајзер како први вакцини или како прва помош на пријателскиот македонски народ. Јас сум благодарен на ова. Секако, политиките на пријателство биле израз на оваа влада која што и во минатиот состав и сега ги водам и така  ќе продолжиме. Благодарение на тие политики на пријателство успеваме пријатели да ни се најдат тогаш кога ни треба, затоа што мислам дека целиот свет треба да гради политики на пријателство, а малите земји како нас треба да бидат уште помудри и да градат уште посилни политики на пријателство, затоа што тоа е интерес на целиот наш народ и на нашата земја и низ ваквите политики на достоинствена почит, на пријателство на пружена рака, на внимание спрема соседите, но и спрема сите наши партнери верувам дека корист имаат само граѓаните.

[Извор:Јутјуб – Потпишување договор за грант наменет во обновливи извори за енергетска транзиција (40,33 минута од видеото), датум: 15.02.2021]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Првите вакцини против ковид-19 кои ги доби Македонија се донација од соседна Србија. Во неделата, на граничниот премин Табановце, претседателот на Србија, Александар Вучиќ му го предаде пакетот од 4.000 вакцини Фајзер на македонскиот премиер Зоран Заев. Ова примопредавање беше проследено со низа пофалби од двете страни, благодарности и изјави за поддршка на пријателството помеѓу двете земји.

Ден потоа, на прес-конференција во Владата, Заев беше прашан „дали сè уште е на ставот дека Александар Вучиќ е националист кој ја покажува својата националистичка страна кога ќе му биде загрозена неговата политичка кариера?“

На ова Заев одговари дека нема кажано такво нешто, што го сметаме за невистина. А, еве зошто.

Заев сепак има изјавено дека „во Србија постои националистичко раководство и дека тоа е раководството на Вучиќ“.

На почетокот на мај, 2017 година, Заев пред да стане премиер даде интервју за српски „Курир“. Ова се случува само неколку дена по нападот во Собранието на 27 април, за што сведочи и преврската на челото на Заев од повредата што ја доби при упадот.

За време на интервјуто, новинарот го прашува Заев „од која причина некои патриотски националистички кругови од Србија повеќе го симпатизираат Груевски отколку Заев“. На ова Заев одговара:

Затоа што во Србија постои, исто така, националистичко раководство. Тоа е раководството на Вучиќ, кој што се декларираше себеси како лидер во регионот. Но, првата прилика кога дојде да биде загрозена неговата политичка кариера се покажаа сите негови националистички позиции. Јас на политичарите, вклучително и на мене гледам како минлива работа. Ние доаѓаме и заминуваме, но не смееме да оставиме штетни последици помеѓу нашите земји. (11,21 минута од видеото)

Можеби Заев во меѓувреме, откако стана премиер, го променил ставот. Но, решението не е да се негира нешто што навистина се случило, особено кога технологијата ни овозможува само со неколку клика да дојдеме до вистината. Така што, негирањето на Заев за неговата реална и постоечка изјава од 2017 година, за што постои и пишана и видео документација, го оценуваме како невистина.

 

Оцени: Симона Атанасова

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција