Ако се знаеле грешките тие требало да бидат исправени до изборите

Фото: скриншот

Изјавата на потпретседателката на СДСМ Сања Лукаревска иако искрена и можеби вистинита за тоа каде се лоцирани грешките во СДСМ за лошиот резултат, е недоследна и од аспект што тоа се соопштува во текот на самата изборна кампања и помеѓу два круга, и од аспект што како потпретседателка на партијата можела да влијае тие грешки да се исправат или да не се повторуваат

Изјавата на потпретседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, иако искрена и можеби вистинита за тоа каде се лоцирани грешките во СДСМ за лошиот резултат, сепак е недоследна. И од аспект што тоа се соопштува во текот на самата изборна кампања и помеѓу два круга, и од аспект што како потпретседателка на партијата можела да влијае тие грешки да се исправат или да не се повторуваат

 

 

Потпретседателката на СДСМ Сања Лукаревска и носител на листа во Третата изборна единица за претстојните парламентарни избори, даде изјава за тоа каде згрешиле како партија и Влада, која може да се оцени како недоследна:

 За нас синоќешните резултати се, синоќешните бројки се еден вид на показател, сигнал или како што сакам да кажам аларм, што понатаму (да се преземе-н.з.) во презентацијата на нашите мерки на она што значи програмски определби до вториот круг, односно до парламентарните избори…Има време за соодветно преиспитување…Ќе треба да се направат соодветни анализи, како што и ги правевме и денес, и во наредниот период ќе се направат, ќе ги видиме нашите потфрлања. Јас ако зборувам лично како заменик претседател и како граѓанин, секогаш сум многу реална, можеби и дел од моите партиски колеги ќе ми замерат, но потфрливме во одредени сегменти што значат, можеби лоши кадровски политики, лоши политики кои што многу пати значат скандалозност во рамки на функционирањето, многу пати, ете, пак ќе се навратам на тој ЕУ наратив (што го повторувале-н.з.), кој што по сите анализи ни покажуваше дека таа е таа добитна комбинација што е потребна…

[Извор: Канал 5 ТВ – Само вистина/С. Лукаревска (1.30 – 5.мин): датум – 25.04.2024]

 

Образложение:

Изјавата на потпретседателката на СДСМ, Сања Лукаревска и носител на листата на кандидати за Собранието во Третата изборна единица, во однос на грешките и за тоа што ќе им понудат на избирачите поинаку, е недоследна од повеќе аспекти.

Таа вели дека што се однесува до неа лично „е секогаш е многу реална и можеби нејзините партиски колеги ќе ѝ забележат“. Но, Лукаревска во одговорот на ова прашање не се презентираше себеси како, да речеме, долгогодишен директор на Управата за јавни приходи, туку нејзината партија која седум години беше главна политичка партија во извршната и законодавната власт и ги трасирала главните политики во секој сегмент на функционирање на државата.

Оттука, недоследно е да се каже „ќе треба да се направат соодветни анализи“ за да се видат грешките, бидејќи тоа беше прашањето на новинарката, па да се каже дека „како што ги правевме и денес и во наредниот период ќе се направат“, што би значело во превод дека СДСМ постојано правел анализи, ама постојано или анализите биле погрешни или дури сега, по многу лошиот резултат во првиот круг на претседателските избори увидуваат каде им се грешките и се решиле на трошка искреност, да ги признаат.

Всушност, оваа изјава на потпретседателката на СДСМ е новост само по тесното лоцирање на најмалку три проблеми  – повторувањето на ЕУ агендата, т.е. менувањето на Уставот, кадровските политики и „скандалозност во рамките на функционирањето“, во која секако спаѓа и забелешката што ја признава подоцна во емисијата, во однос на начинот на функционирање на Владата и однесувањето на функционерите на ДУИ, односно дека не обрнале доволно внимание на последиците по нивниот рејтинг од таквото однесување.

Инаку, по пораката дека правеле и ќе прават анализи и дека знаат дека погрешиле и каде погрешиле, изјавата не е новост. Почна да ја зборува во тв интервјуа откако почна изборната кампања и сегашниот лидер на партијата и екс премиер Димитар Ковачевски, а ја повторува континуирано и на предизборните митинзи и средби со граѓаните, кои сега ги повикува да пренесат дека СДСМ знае каде грешел и знае како да го исправи тоа:

Сакам да ве поттикнам да разговарате со секој ваш пријател, роднина, сосед, до 8 мај, да кажете дека ДА, разбравме каде сме грешеле, дека имаме јасна програма и план како сето тоа да го поправиме и исто така, да кажете дека ние сме таа партија која ги обезбеди сите овие прогресивни работи за државата и кои ја ослободија државата од канџите на само една политичка партија која имаше се во свои раце во цела една декада  – вели Ковачевски, но не ги лоцира попрецизно грешките како Лукаревска, а уште помалку кажува како ќе ги поправат, што ќе сторат?

Освен недоследноста дека правеле и ќе правата анализи, а грешките ги признаваат помеѓу два изборни круга, изјавата на Лукаревска е недоследна и од аспект на нејзината функција во партијата. Таа е потпретседател и според функцијата морала да има или влијание барем на дел од кадровската политика или целосно влијание од аспект на критика и менување на тоа што мислела дека не чини.

 

Кадровска политика – „метла“

А недоследна е изјавата за анализите и научените грешки и од аспект што станува збор за повторување на ненаучените лекции. Зашто грешките можеби започнаа во 2019 година со менување на првиот министер за финансии проф. Драган Тевдовски и напуштање на клучното предизборно ветување за прогресивни даночни стапки (главно зашто така сакаше крупниот капитал-н.з.), откако претходниот лидер и премиер Зоран Заев, вети дека е потребна метла да се подзамете малку во извршната власт и по хоризонтала и по вертикала. По што, најпрво ги смени сите шефови на партиски организации, а потоа и Тевдовски, со што партијата почна да се расцепува и внатре и многу стари активисти да ги напуштаат и органите и телата на СДСМ, за да приврши тој процес во 2021 година со напуштањето на функцијата од страна на Радмила Шеќеринска и дискредитацијата на Максим Димитриевски од листата на партиски функционер.

Поради горенаведените аргументи, иако изјавата на Лукаревска е можеби вистинита, таа изјава може да се оцени и како недоследна.

 

Извори:

Оцени: Теофил Блажевски

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција