Актуелните октоподи во сенка на расипништвото на претходната власт

 

Службата за општи и заеднички работи при владата објави оглас за набавка свежа риба, замрзната риба, октоподи и морски плодови кои ќе бидат на менито на функционерите од СДС во вредност од 400.000 денари.

Како навиени пред изборите повторуваа дека граѓаните живеат со 40 денари дневно, а уште првиот месец трошат стотици илјади денари на морска храна, октоподи и риби.

Коче Гаврилов, член на ИК на УМС на ВМРО-ДПМНЕ, сајт на ВМРО ДПМНЕ

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ: 

Опозиционата ВМРО-ДПМНЕ ја обвини Владата предводена од СДСМ дека се однесува расипнички, илустрирајќи го тоа тврдење со информацијата за неодамна објавениот тендер со кој Службата за општи и заеднички работи при Владата за набавка на морска храна, тврдејќи дека се работи за расипничко трошење за луксузни прехранбени артикли наменети за функционерите на Социјалдемократскиот сојуз. Во соопштението добиено од надлежните служби од Владата е појаснето дека се работи за набавка на риба и морски плодови за цела година не само за Кабинетот на Претседателот на државата, на Собранието на Република Македонија, на Владата на Република Македонија, на Клубот на пратениците, на претседателската вилата на Водно, како и за потребите на државните вили во Охрид и дека оваа храна е наменета за службени свечености и собири. Поради тоа, сумата од 400 илјади денари за овие потреби преку цела година не е преголема за да се смета како расипништво, па затоа оваа изјава на Гаврилов од ВМРО ДПМНЕ ја оценуваме како невистинита.

Во изјавата на Гаврилов е наведува дека рибата и морските плодови биле наменети за менито на функционерите на Социјалдемократскиот сојуз. Ова тврдење не може да се прифати за вистинито веќе и поради фактот што се работи за влада во која членуваат и други политички партии, па е апсурдно и по малку смешно да е претпостави дека нарачаната храна ќе ја конзумираат претставници само на една политичка партија, кога, според соопштението на Службата за општи и заеднички работи на Владата на Република Македонија за овој случај, таа ќе се сервира и во Клубот на пратениците, македонскиот Парламент и кај Претседателот на државата.

Оваа набавка е вообичаена пракса и низ годините наназад, и служи за свечените приеми на странските делегации и гости во текот на цела година, се вели во соопштението.

Обвинувањето од ВМРО ДПМНЕ за расипнично трошење на пари за скапа морска храна доаѓа само неколку дека откако во медиумите се појавија информации за расипничките манири на поедини претставици на претходната власт, предводена од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ во текот на изминатите 10 години.

Податоци за неодмереното трошење и луксузирање на државни службеници и владини претставници за време на владеењето на ВМРО ДПМНЕ и нејзините коалициони партнери, документирани преку сметки и изводи од службени кредитни картички се појавија во јавноста уште пред предвремените парламентарни избори во декември минатата година.

Според истражувањето на НОВА ТВ, расипничкиот манир со кој се терале луксузи на државна сметка, биле својствени и за функционери на ВМРО ДПМНЕ и на ДУИ:

може да се заклучи дека Адеми и Ристовски живееле на висока нога на државна сметка. Јаделе во најубавите ресторани, квалитетно се хранеле, а спиеле во хотели од минимум 4,5 ѕвезди. Поголем дел од податоците се за поранешниот министер Адеми. Aко се соберат сите сметки од неговата службена картица од први јануари 2015 заклучно со 31 мај оваа година, Адеми од државното ќесе се честел со 20.000 евра.

Сите овие пари се потрошени во елитни ресторани како „Воденица“, „Балканика“, „Ла тераца“, ресторан „Момир“ во Охрид, ресторанот на „Микеи“ во Камник. Сумите се различни, почнувајќи од некоја скромна сметка од 1.000 денари, па се до 40 000 денари. За ручеци и вечери пари не се жалеле. За јунешки бифтек Адеми плати 5.200 денари, но и тоа било малку па се нарачало и телешко печење од 1.820 денари. А, во Момир во Охрид цехот излегол 19.310 денари. Одредени сметки, како онаа на Ристовски во скопскиот „Скара бар“ стасале дури и до 39 илјади за една вечера платена со буџетската картичка.

И Транспаренси Интернешенел лани побара од надлежните државни органи да го истражат она што се тврдеше во ревизорскиот извештај на Државниот завод за ревизија, каде биле констатирани бројни неправилности во трошењето на државните пари од страна на Министерството за образование и наука во 2015 година.

Tранспаренси Интернешнел Македонија ги повикува надлежните институции да постапат по наодите од Конечниот извештај на овластениот државен ревизор за извршената ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Министерството за образование и наука на сметката на основниот буџет за 2015 година, според кој се констатирани бројни неправилности при вработување на лица и ненаменско трошење на јавните пари кои ова Mинистерство ги имало на располагање.

До крајот на мандатот на претходната Влада не се појави информација дека надлежните институции покренале постапка за утврдување на фактите во врска со овој извештај на  државниот ревизор.

Според пишувањето на Фокус од 13.07.2017, „традицијата“ на расипништво ги одбележала мандатите на сите министри за образование во текот на еднодецениското владеење на ВМРО ДПМНЕ, па се случувало за само една година од страна на само ова минитерство за службени ручеци да „отидат“ и по 130.000 евра:

За ненаменско трошење илјадници евра државни пари прво на листата е Министерството за образование и наука, во кое за цел вмровски мандат од десет години се сменија неколку министри Перо Стојановски, Никола Тодоров, Панче Кралев, Спиро Ристовски, Абдулаќим Адеми, Пиштар Љутфиу…

Како што веќе објавивме во неделникот, „Фокус“ исто така располага со документите од кои може да се види колку во последните три години биле потрошени народни пари за репрезентација – за службени патувања, за луксузни ручеци, за тајни вечери, за хотели со пет ѕвезди, за такси, за гориво… Според документите, во 2015 година Министерството за образование за репрезентација вкупно потрошило 123 илјади евра од кои 10.844 евра завршиле само за ручеци и вечери во кафеаната „Воденица“, додека во угостителскиот објект „Хипо Трејд“ на државна сметка се потрошени 20.676 евра. Исто така, во ресторанот „Зевс Илјада Два“ потрошени се речиси 11.700 евра, додека во „Буши Ресорт Спа“ од буџетската сметка на годишно ниво се одлеале 4.400 евра. Според сметките со кои располагаме, повеќе од 5.000 евра се потрошени во хотелот „Радика“ во Маврово, во струшкиот хотел „Изгрев“ и во скопскиот хотел „Стоун Бриџ“…

По формирањето на новата влада, предводена од СДСМ, во континуитет излегуваат на површина нови детали од луксузирањето на претходната власт. Како што пренесува Макфакс од брифингот на новинари во МВР ( 13.07.),

Од 2011 до 2016 година УБК за репрезантации потошило над 34 милиони денари, БЈБ речиси 29 милиони денари, а администрацијата, под која спаѓа и Кабинетот на министерот, потрошила 15,7 милиони денари. Најмногу се јадело и пиело на државна сметка во изборните години, односно во 2011 и 2014 година.

Според изобилството од информации достапни на јавноста може да се заклучи дека изјавата на Гаврилов имала за цел да го амортизира негативниот ефект кој овие податоци за неодмереното трошење на државни пари од страна на високи функционери на ВМРО ДПМНЕ го предизвикале кај јавноста. Исто така, кога ќе се земе предвид дека во неа за луксуз се оценува набавката на морска храна во вредност од 6 ипол илјади евра за потребите на сите високи државни институции за цела година, оваа изјава на Гаврилов ја сметаме за невистинита.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Југослава Дуковска

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *