Имала ли право Димова на пратенички имунитет и дали полицијата имала право да ја сопре?

Лидија Димова - прашана за имунитет откак ое запрена без причина. Фото: Slobodna.mk

Откако на протестот на Шарената револуција полицијата се обиде да ја легитимира пратеничката од редовите на СДСМ, Лидија Димова, која го возеше познатото револуционерно комбе, и притоа ја праша дали се повикува на пратеничкиот имунитет, во медиумите се отвори дебата дали полицијата имала право да ја сопре, дали таа сторила некаков прекршок и, на крајот, дали имала право да се повика на пратеничкиот имунитет. Правниците се децидни, законот важи за сите, вклучително и за функционерите и сите одговараат за сторено кривично дело или прекршок. Но, што во конкретниот пример?

 

 

Откако на протестот на Шарената револуција полицијата се обиде да ја легитимира пратеничката од редовите на СДСМ, Лидија Димова, која го возеше познатото револуционерно комбе, и притоа ја праша дали се повикува на пратеничкиот имунитет, во медиумите се отвори дебата дали полицијата имала право да ја сопре, дали таа сторила некаков прекршок и, на крајот, дали имала право да се повика на пратеничкиот имунитет. Правниците се децидни, законот важи за сите, вклучително и за функционерите и сите одговараат за сторено кривично дело или прекршок. Но, што во конкретниот пример?

 

Пишува: Ана Анастасовска

 

За време на протестот на Шарената револуција кој се одржа во понеделникот вечерта, полицајци ја сопреле пратеничката Лидија Димова која го возела комбето на Шарената револуција, ја легитимирале и ја прашале дали се повикува на пратеничкиот имунитет. По ова, во дел од медиумите беше објавена информација, дека полицијата сакала да ја уапси Димова.

Ми побараа документи, им дадов и пратеничка легитимација. Ме прашаа дали се повикувам на пратеничкиот имунитет, реков да. Сакаа да го отворат комбето, но мораше да почекаме да дојде сопственикот, објасни Димова.

По ова, во провладините медиуми, ескпресно беше пренесен став и реакција на професорката Татјана Каракамишева, дека Димова требала да знае дека пратеничкиот имунитет не ја штител од сторен сообраќаен прекршок.

Загрижува фактот колку пратеничката Димова не го познава Уставот на земјата, колку не го познава Деловникот на Собранието на РМ, колку не ја познава категоријата пратенички имунитет. Да имаше основни познавања од овие акти ќе знаеше дека пратеничкиот имунитет не ја штити од сторените прекршоци во сообраќајот, за кои полицијата вчера инфлагранти ја фати, ниту ја штити од сторените повреди на одредбите од Законот за јавен ред и мир.

 

ШТО ВЕЛАТ ЗАКОНИТЕ

Секој пратеник, согласно членот 64 од Уставот на Република Македонија, ужива имунитет во случај на сторено кривично дело и не може да биде притворен без одобрение на Собранието, освен во одердени случаи.

Пратениците уживаат имунитет. Пратеникот не може да биде повикан на кривична одговорност или да биде притворен за искажано мислење или за гласање во Собранието. Пратеникот не може да биде притворен без одобрување на Собранието, освен ако е затечен во вршење кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години.
Собранието може да одлучи да се примени имунитет над пратеник и кога тој самиот не се повикал на него, ако е тоа потребно заради вршење на функцијата пратеник.

Прашањето на пратенички имунитет е регулирано и со Деловникот на Собранието.

Член 53

(1) Пратеникот ужива имунитет од денот на верификацијата до денот на престанокот на мандатот.
(2) Барањето за одобрување на притвор на пратеник, надлежниот орган го поднесува до претседателот на Собранието. Ако барањето не е доставено од надлежен орган, претседателот на Собранието за тоа го известува органот.
(3) Известувањето дека пратеникот е притворен затоа што е затечен во вршење кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години, надлежниот орган го поднесува до претседателот на Собранието.
(4) Надлежниот орган го известува претседателот на Собранието за притворот на пратеникот и кога тој не се повикал на имунитетот.
(5) Претседателот на Собранието, барањето за одобрување на притвор, односно известувањето дека пратеникот е притворен веднаш го доставува до Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања. Комисијата е должна да го разгледа барањето, односно известувањето и во рок од два дена да достави извештај до претседателот на Собранието.
(6) За седницата на Комисијата се известува и пратеникот на кого се однесува барањето.

Согласно ова, имунитетот не ги штити пратениците од сторени сообраќајни прекршоци и нарушувања на јавниот ред и мир, како што посочува професорката Каракамишева.

 

ШТО Е СУШТИНАТА НА ЦЕЛАТА ПРИКАЗНА?

Но, она што недостига тука е одговорот на прашањето, зошто пратеничката Димова била сопрена и каков сообраќаен прекршок извршила таа, како што наведува Каракамишева, односно на кој начин пратеничката го нарушила јавниот ред и мир. Дури потоа може да се дискутира дали таа имала право да се повика на имунитет или не.

По објавениот став на професорката, пратеничката Димова се јави со реакција на својот Фејсбук профил, каде напиша:

Прво, Сообраќајна полиција не ме запре, туку Сообраќајна полиција во придружба на уште 30-тина Алфи! Второ, никаква казна не ми беше изречена. И, трето, не е толку битно колку јас ги знам ограничувањата на пратеничкиот имунитет! Важно е колку полицијата умее да го спроведе законот!

Професорот по уставно право, Осман Кадриу, посочува дека полицијата во случајов немала право да ја сопре пратеничката Димова, а уште помалку да ја праша дали се повикува на пратеничкиот имунитет од причина што не сторила никаков прекршок.

Кога станува збор учество на протест, пратеникот може да одговара ако сторил нарушување на јавен ред и мир, односно ако е фатен како презема конкретни чекори во таа насока. Што не е случај со пратеничката Димова. Понатаму, колку што е познато, таа не сторила никаков сообраќаен прекршок, никаде немаше таква информација. Според тоа, полицијата не смеела да ја сопре Димова, а уште помалку да ја праша дали се повикува на пратеничкиот имунитет – вели Кадриу.

Со сличен став е и пратеникот Горан Мисовски од НСДП. Тој е дециден дека пратениците уживаат имунитет само во случај на сторени кривични дела, а не и во случај на сообраќајни прекршоци. Но, посочува дека во случајот со Димова, полицијата е таа која го прекршила законот, а не пратеничката.

Колешката погреши кога рече дека се повикува на имунитет, бидејќи не сторила кривично дело. Но, таа не сторила ниту сообраќаен прекршок. Ако сторила, полицијата ќе и напишеше казна. Но, во случајов имаме класична злоупотреба на полицијата, бидејќи Алфи, а не сообраќајна полиција ја сопреле и ја легитимирале, сакајќи да го отворат комбето. На тој начин, службеници го повредиле правото на Димова на протест, а тоа е казниво со закон – објаснува Мисовски.

Имено, Кривичниот законик во делот посветен на кривичните дела против слободите и правата на човекот и граѓанинот, во членот 137 пропишува:

(1) Тој што врз основа на разлика на подот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба, јазикот или друго лично својство или околност, ќе му одземе или ограничи права на човекот и граѓанинот, утврдени со Уставот, закон или со ратификуван меѓународен договор или кој врз основа на овие разлики им дава на граѓаните повластици спротивни на Уставот, закон или ратификуван меѓународен договор, ќе се казни со затвор од три месеци до три години.
(2) Ако делото од став 1 го стори службено лице во вршење на службата, ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години.

А, токму протестот е право на секој граѓанин утврдено со Устав во членот 21.

Граѓаните имаат право мирно да се собираат и да изразуваат јавен протест без претходно пријавување и без посебна дозвола. Користењето на ова право може да биде ограничено само во услови на воена и вонредна состојба.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Оставете реакција