Информациите стануваат подостапни, Законот ќе се менува до крајот на годинава

Информацијата е моќ. Затоа е неопходен слободен пристап до неа. Фото: pexels/pxhere/wikimedia. Колаж: Вистиномер

По подготвените измени на Законот за аудио и адуио-визуелни медиусмки услуги, Владата донесе одлука за бесплатен пристап за медиумите до Катастарот и Централниот регистер, а до крајот на годината ќе го менува и Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер

По подготвените измени на Законот за аудио и адуио-визуелни медиусмки услуги, Владата донесе одлука за бесплатен пристап за медиумите до Катастарот и Централниот регистер, а до крајот на годината ќе го менува и Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер сè уште не се наоѓа на дневен ред на Владата на Република Македонија, како еден од законите поврзани и со медумите, а ќе се најде до крајот на 2017 година.

До ваков заклучок „Вистиномер“ дојде откако ги доби одговорите од портпаролот на Владата и дополнително појаснување од министерот Роберт Поповски.

На директното прашање на „Вистиномер“, зошто во таксативно наброените активности за реформи во медиумската сфера во Планот 3-6-9 на Владата на РМ не се споменати измени на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, од портпаролот на Владата Миле Бошњаковски го добивме следниот одговор:

Транспарентноста е еден од клучните приоритети на новата Влада на РМ, како и слободни и одговорни медиуми. Активностите предвидени во Планот 3-6-9 се прецизни и истите се спроведуваат со предвидената динамика.

Во врска со измената на законите за медиуми, испратени се покани до медиумите и медиумските здруженија за доставување предлози и коментари за Законот за АВМУ. До крајот на јули 2017 г. поднесени се десетина предлози

„Вистиномер“, откако со овој одговор доби потврда за останување на курсот на транспаретноста и приврзаност кон медиумските реформи на Владата, побара дополнително појаснување од министерот Роберт Поповски.

Поповски потврди дека знае оти и Законот за слободен пристап до информациите е дел од Итните реформски приоритети, како и дека е барање од приоритетен карактер и на новинарските здруженија.

Појаснувањето на Поповски беше дека тој закон е свесно оставен за блиска иднина, поради динамиката на работата на Собранието, како и поради тоа што нема да работи за време на кампањата за локалните избоори.

Измените на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер се оставени за вторите три месеци од Планот 3-6-9 и ќе се најдат на дневен ред до крајот на годинава – изјави Поповски.

 

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЌЕ ТРЕБА ДА СЕ НАЈДЕ ВО ПРИОРИТЕТИТЕ

Овој закон,  според неподелениот заклучок на стручната јавност, вклучувајќи ги и медиумите и струковите или невладините организации што се занимаваат со медиумската сфера, ќе мора брзо да се најде во листата на приоритетите, барем во рок до шест месеци од работата на Владата.

Ваков каков што е, доесен уште пред 10-тина години, тој закон ги кочи медиумите во остварување на својата основна улога – јасна, прецизна и навремена информација за работата на институциите и други прашања во општеството кои се од витално значење за граѓаните.

Впрочем, тоа се наведува и во Барањето за системски медиумски реформи, потпишано и објавено на почетокот на јули од Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Советот за етика во медиумите во Македонија (СЕММ), Институтот за комуникациски студии (ИКС) и Македoнскиот институт за медиуми (МИМ).

Во делот на Приоритетните прашања што треба да се решат во првата фаза, петте организации недвосмислено го наведуваат и Законот за пристап до информации од јавен карактер:

Владата, соодветните министерства, Собранието, судовите и сите други јавни институции, треба да обезбедат брз, фер и еднаков пристап до информации од јавен карактер за сите медиуми…

Да се разгледа можноста за измени на Законот за слободен пристап до информации од јавен со цел (1) да се утврди пократок рок за пристап што би им овозможил на новинарите побрзо да дојдат до бараните информации и документи (по можност помеѓу 7 и 10 работни денови), и (2) максимално да се стеснат основите за одбивање на барањата за слободен пристап до информации од јавен карактер односно да не им се остава простор на институциите за своеволно толкување на основите за одбивање со цел да се прикриваат информации и да се оневозможи правото на пристап;

Но, тоа не го бара само домашната стручна јавност, туку барањето е дел и од Итните реформски приоритети што ги утврди Европската унија за Македонија уште во 2015 година и кои Македонија, континуирано повторува дека ќе ги спроведе. Во делот за медиуми и слобода на изразување во ИПР, меѓу другото се бара и следнава реформа:

В. Пристап до информации

– да се адресираат главните пречки со кои се соочуваат новинарите при добивањето јавни информации (на пр. неуспехот на релевантни тела да одговорат на многу барања за информации, неоправданото прекумерно користење на категоријата „доверливо“ за документи што не се од таква природа).

 

ПОТРЕБНИТЕ ИЗМЕНИ СЕ ВЕЌЕ ДЕТЕКТИРАНИ

Измените на Законот се повеќе од неопходни. Точките за измените се, исто така, детектирани низ повеќе анализи и стручни расправи за овој Закон.

На оваа тема пишуваше и „Вистиномер“ неодамна. Од анализата прозлегоа неколку точки за промена на овој, инаку мал, но застарен закон, бидејќи суштински не е менуван повеќе од една деценија откако е донесен. Станува збор за неопходни измени во роковите за одговор, во надлежностите на Комисијата за заштита на правото за добивање информации од јавен карактер и за зголемување на казните во казнениот дел, доколку тоа право не се почитува.

Токму и затоа, зашто се работи за важен закон, чии што неопходни измени според стручната јавност не се големи, големи се очекувањата дека тие измени ќе се спроведат брзо и дека овој закон ќе се најде во листата на приоритетите на Владата, во делот на медиумските реформи. Дотолку повеќе што за овој закон не е потребно двотретинско мнозинство во Собранието.

Во меѓувреме, Владата на својата 26 седница одржана на почетокот на септември (05.09.2017), донесе одлука за натамошна транспаретност и поттикнување на истражувачкото новинарство, отворајќи го пристапот до Централниот регистер и до Катастарот за медиумите во целост и бесплатно. Во одлуката на Владата се наведува:

Правото на медиумите и на новинарите слободно и непречено да известуваат и да истражуваат, владата денеска го поддржа со уште една мерка со која им на медиумските работници им се овозможува право на бесплатно користење на услугите на Централниот регистар и на Агенцијата за катастар на недвижности. Со оваа своја мерка, Владата на Република Македонија им излезе во пресрет на барањата на новинарите и на новинарските здруженија и обезбеди слободен пристап до извори на информации од посебно значење за истражувачкото новинарство.

Мерката беше барана од медиумите и од струковите организации, а нејзиното усвојување е поздравено, при што Владата е охрабрена што поскоро да ги донесе и измените на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција