Кембриџ запрен да се спречат штети, не се само учебниците проблем

Кога ќе се погледнат реакциите од минатите години на, тогаш опозиционата СДСМ, на образовните реформи кои една по друга ги воведуваше ВМРО-ДПМНЕ и нивните коалициони партнери, може да се заклучи дека тие биле негативно обоени кон воведувањето на Кембриџ програмата

 

Во изјавата за медиумите по одлуката на новата Влада да ја запре примената на Кембриџ програмата во средните училишта низ Македонија, претставникот на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Данев, излезе со изјава која ја оценуваме како невистинита. Во неа тој, меѓу другото вели:

Реномираната Кембриџ програма по која учат младите во најдобрите училишта во светот од септември нема да биде дел од образовниот систем, бидејќи за СДСМ е единствено важен нивниот поход за оцрнување на сите добри дела и проекти на ВМРО-ДПМНЕ.

Порано СДСМ тврдеше дека Кембриџ програмата е штетна и мора да се укине. Сега СДСМ признава дека Кембриџ програмата е светска и квалитетна, но не им чинеле учебниците по кои се спроведува таа програма. А учебниците се само преведени и прилагодени на соодветната програма во Република Македонија.

(Извор: Данев: СДСМ нема да може да избега од екстерното за нивните антиреформи, А1он: 6.07 2017)

 

Еден од првите потези на новата влада  предводена од Социјалдемократскиот сојуз беше да се укине екстерното тестирање на учениците на основните и средните училишта, кое беше една од реформите во образованието воведена од страна на претходната власт. Истовремено, новата министерка за образование, Рената Дескоска, најави преиспитување и на Кембриџ програмата која веќе неколку години се применува во основите училишта низ државата, а владата на ВМРО-ДПМНЕ најавуваше дека ќе ја воведе како задолжителна и во сите средни училишта веќе од 1 септември оваа година. Така, уште на 5 јуни, Дескоска изјави дека нема да дозволи експерименти во образованието.

Се што значи експеримент, како што се правеше досега, необмислено, дава штетни последици во образованието на децата така што се надевам да го спречиме воведувањето на Кембриџ програмата за средношколците оваа година, а потоа следната година ќе има процес на анализа што ќе бидат ефектите, каде можеме да воведеме, што треба да се воведе…не треба да ги користиме учениците како место за експериментирање. (СИТЕЛ,ТВ Дневник, 5.06.2017)

Потоа следеше и формализирање на ваквиот став на новите власти преку донесување на одлука на Владата на премиерот Зоран Заев на 5 јули годинава, според која се одложува воведувањето на Кембриџ програмата во средните училишта за наредната 2018/2019 година. Според соопштението на МОН:

Одлуката да се одложи почетокот на Кембриџ програмата во средните училишта за учебната 2018/2019 е донесена поради временскиот теснец да се обезбедат тие стандарди и поради избегнување несакани ситуации во средното образование. 

Со оваа одлука, наведува МОН,

се дава разумен временски период за дебата и подготовка на учебници од кои македонските ученици ќе го добијат заслуженото квалитетно и светско образованиие.

Ова кореспондира со ставот кој претходно го изнесе министерката Дескоска, за тоа дека, пред било што да се воведува во образовниот процес, ќе мора првин добро да се анализираат ефектите, па дури потоа да се носат одлуки што и каде да се воведува.

Кога ќе се погледнат реакциите од минатите години на, тогаш опозиционата СДСМ, на образовните реформи кои една по друга ги воведуваше ВМРО-ДПМНЕ и нивните коалициони партнери, може да се заклучи дека тие биле негативно обоени кон воведувањето на Кембриџ програмата.

Откако годинава се воведе новата Кембриџ програма, учениците збунето слушаат што им се предава, а во солзи се враќаат дома. Родителите се во страв за здравјето и успехот на децата, а за сето тоа наставниците кревале само рамена и не знаат како да го објаснат нелогичното инсистирање на реформата, (6.09.2014)

зборуваше тогаш на прес-конференција, Милевка Ѓорѓиева, претставник на Социјалдемократскиот сојуз, одржана само неколку дена по почетокот на учебната 2014/2015 година, додавајќи дека оваа реформа била лоша и набрзина воведена, откако наставниците имале обука која траела само два дена.

На 7 ноември истата 2014, СДСМ повторно со критики кон ВМРО-ДПМНЕ за Кембриџ програмата. Тогаш беше побарано од Министерството за образование јавно да обелодени на што се потрошени 12 милиони евра и да го објави извештајот од Комисијата при МОН што ја одобрило програмата, повторно укажувајќи дека има големи поплаки и од родители и од наставниците за Кембриџ програмата, лошите учебници и бројните нелогичности кои ја одликуваат.

И за време на предизборната кампања на предвремените парламентарни избори во декември 2016 година, ставот на СДСМ во однос на воведените образовни реформи беше негативен, при што најчесто се апострофираше екстерното тестирање, но ниту Кембриџ програмата не остана некритикувана. Така, кандидатката за пратеник на СДСМ, Жаклина Лазаревска, во настап на предизборен митинг на 30.11.2016 ја нарече Кембриџ програмата – целосно нефункционална:

Незнаењето на ВМРО ДПМНЕ и ДУИ кулминираше со безмилосно трошење на народните пари на “проекти“ од типот : „Компјутер за секое дете“, екстерно тестирање и оценување на учениците и наставниците , целосно нефункционална Кембриџ програма, пренатрупаност на наставниот кадар со двојна администрација и многу “проекти“ кои на крајот резултираа со целосна деградација на македонското образование.

Како потврда на континуираната критика на Кембриџ програмата од страна на Социјалдемократскиот сојуз за Кембриџ програмата и неточноста на тврдењето на ВМРО-ДПМНЕ дека СДСМ си го сменило ставот за Кембриџ програмата и сега мисли дека таа е „светска и квалитетна“, стаса и партиско соопштение од Бихаќка, во кое, меѓу другото се вели:

Новата Влада предводена од СДСМ ја запира Кембриџ програмата во средните училишта со цел да се спречат далекусежни и огромни штети во образовниот процес, како резултат на уште една избрзана и непроверена програма, наметната од страна на ВМРО-ДПМНЕ, реагираат од СДСМ.

Со ова практично, јасно и гласно  се негира тврдењето на Данев дека „сега СДСМ признава дека Кембриџ програмата е светска и квалитетна, но не им чинеле учебниците по кои се спроведува таа програма.

Поради ова, изјавата на Данев ја оценуваме како невистинита.

 

Извори:

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција