Молк за законот неопходен за функционирање на специјалното обвинителство

 

Освен самото Специјално јавно обвинителство, никој не се ангажира за донесувањето на законот, кој го овозможува неговото непречено функционирање.

 

Пишува: Тео Блажевски

 

Недонесувањето на законот за јавно обвинителска служба за Специјалното јавно обвинителство (СЈО) ќе предизвика значителни потешкотии во функционирањето на оваа институција, потврдија за „Вистиномер“ од СЈО.

Неносењето на законот, како што веќе беше кажано, ќе предизвика значителни потешкотии во работата на ова Јавно обвинителство и доколку во наредниот период не биде донесен, ќе мора да се побараат начини како да се надмине состојбата со недостатокот на кадар. Овој закон се однесува само на јавнообвинителската служба, а платите на јавните обвинители и истражителите се регулирани со други законски прописи, велат од СЈО.

Специјалното јавно обвинителство(СЈО), кое е надлежно за предметите што произлегоа од незаконското прислушкување, до Владата и до сите пратеници, вчера испрати иницијатива за носење Закон за јавно обвинителска служба наменет за Специјалното обвинителство.

Иницијатива за ваков закон, при што е побарано да биде донесен по итна постапка, произлезе откако други надлежни институции го одмолчеле таквото барање на СЈО.

Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластено следење на комуникациите, ја известува јавноста дека со оглед на фактот што до денес не добивме одговор од надлежните инстутуции во врска со Законот за јавнообвинителската служба на ова Јавно обвинителство, а постои итна потреба од донесување на овој Закон, до Владата на Република Македонија и сите пратеници од Собранието на Република Македонија доставена е иницијатива за  донесување на овој Закон.

Специјалното обвинителство во образложението наведува дека во иницијативата до Владата и пратенците доставиле и анализа на состојбите, причините зошто треба да се донесен посебен закон, а го доставиле и самиот предлог закон што го изготвиле самите. Како главна причина се наведува дека со постоечките законски решенија, не е овозможено почитување на принципот на автономно работење на Специјалното обвинителство.

Ова од причина што неопходна е законска регулатива која ќе овозможи реализација на одредбите од член 9 став 8, член 13 став 1, член 14 став 4, член 15 и член 16 од Законот за јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, преку доследно почитување на принципот на автономија на ова Јавно обвинителство.

„Вистиномер“ побара дополнително толкување дали тоа што се решиле на ваков потег може да се толкува како продолжување на еден вид тивок бојкот или тивка опструкција кон СЈО, како и за последиците што ќе ги има недонесувањето на бараниот закон. Од СЈО ни одговорија дека не се во можност да толкуваат на што се должи молкот, појаснувајќи дека во почетокот тие апелирале за ваков закон.

Ние воопшто не добивме информации за законот за јавнообвинителска служба и причините поради кои се уште не е донесен и не сме во можност да одговориме на Вашето прашање. Ви појаснуваме дека на почетокот ние само апелиравме до надлежните институции за носење на законот, а со оглед дека нашите простории беа во рамки на Министерството за правда, ние во соработка со Министерството работевме на драфт верзија на овој закон, велат во одговорот од СЈО.

Ваквиот недвосмислен став на СЈО го потврдува и проф. д-р Слаѓана Тасева, експерт по кривично право и претседател на невладината „Транспаренси Интернешнл – Македонија“.
Ова барање од Специјалното  јавно обвинителство е сосема издржано и рационално. Сметам дека е неопходно да се пристапи кон донесување на законот во скратена постапка. Неговото недонесување ќе ја отежне работата на обвинителството и ќе се одрази на капацитетот, а со тоа и на ефикасноста во работењето“, вели Тасева во изјава за „Вистиномер“.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција