Неколку дена станаа три недели – министерските места сè уште празни

 

Премиерот Зоран Заев на 24.11.2017 на собраниската седница посветена за пратенички прашања (прва во овој собраниски состав) кажа:

Верувам дека за неколку дена ќе се предложи министер за здравство овде во Собранието, министер без ресор и заменик-министер, за да бидат докомплетирани сите ресори во Владата, а дотогаш заменикот-министер, државниот секретар и другите во Министерството ја вршат работата

[Извор: МИА; Датум: 24.11.2017]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Оваа изјава на претседателот на Владата, Зоран Заев, дадена во Собранието пред три недели, во која тој, одговарајќи на пратеничко прашање, вели дека „за неколку дена ќе се предложи министер за здравство во министер без ресор за странски инвестиции и заменик-министер за образование и наука“, се покажа невистинита. Досега (18.12.2017) во Собранието не е доставен предлог за избор на овие владини функционери, а според последните најави од Владата тоа може да се случи наредната недела.

Станува збор за пополнување на министерското место во ресорот здравство, откако Арбен Таравари од Алијансата на Албанците стана градоначалник на Гостивар, потоа на министерското столче на Рамиз Мерко од ДУИ, кој стана градоначалник на Струга, а во Владата беше министер без ресор задолжен за странски инвестиции. Исто така, испразнето  е и местото на заменик-министерот за образование, Висар Ганиу од ДУИ, кој стана градоначалник на Чаир.

Минатата недела (15.12.2017) премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарско прашање по предавањето на донација за Клиниката за гинекологија и акушерство, изјави дека разговорите за изборот на новиот министер за здравство се во тек :

Сè уште немаме одлучено. Почнавме разговори со коалиционите партнери, се надеваме дека до крајот на оваа седмица ќе можеме да донесеме одлука. Сите опции се отворени, во моментов ниту јас знам кое ќе биде името, од која политичка партија, кој ќе биде избран од кандидатите.

Денеска (18.12.2017) вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи изјави :

Мислам дека собраниската агенда не дозволува било какво разгледување на нови предлози пред 25 декември. Овие денови ќе се искористат за дополнителни консултации по однос на прашањето за назначување на нов министер за здравство.

Во јавноста досега се појавија три имиња како потенцијални кандидати за министер за здравство. Советникот на премиерот Зоран Заев за здравство, Венко Филипче, директорот на болницата „8 Септември“, Христијан Костов, и предлогот на Алијансата за Албанците, Вулнет Ферати. Од  ДУИ сѐ уште нема информации за предлозите за ресорите со кои раководеа кадри од оваа партија, а заминаа во локалната власт.

 

ИЗВОРИ:

 

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *