Од ветените осум центри за услуги на граѓаните, отворен е само еден

Фото: Борче Поповски

 

ВЕТУВАЊЕ: Ќе создадеме Центри за услуги во кои граѓаните ќе можат на едно место да ги добијат сите услуги од централната или локалната власт, брзо, квалитетно и евтино . Во првата година ќе формираме центри за услуги во осум општини од секој плански регион, за до крајот на мандатот секоја општина да добие по еден ваков центар за услуги. Со тоа ќе престане понижувањето на граѓаните по различни шалтери, или од врата на врата на локалната администрација.

[Извор: Програма на СДСМ за парламентарни избори во 2016 година „План за живот во Македонија“, стр. 256]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

 

За предвремените парламентарни избори во декември 2016 година, СДСМ вети  дека во првата година од мандатот, значи до 1 јуни 2018 година (Владата предводена од СДСМ беше избрана на 31 мај 2017 г.), ќе бидат отворени осум центри за услуга во кои граѓаните ќе можат на едно место да ги добијат сите услуги од централната или локалната власт. Ова ветување на социјалдемократите дадено во нивната изборна програма „План за живот во Македонија“ стр.256, го оценуваме како неисполнето, бидејќи во првите 12 месеци од мандатот на Владата не беше отворен ниту еден ваков центар. Досега – 18.03.2019 година, пак, е отворен само еден Центар за услуги (во Скопје)  и тоа речиси пред крајот од втората година од мандатот.

Владата го почна проектот „Една точка на услуги“ во декември 2017 година со потпишување на меморандум за разбирање меѓу Министерството за информатичко општество и администрација и УНДП. Но, до 1 јуни 2018 не успеа да ги отвори ветените осум центри за услуги – по еден во планските региони. Првиот и досега единствен ваков Центар беше отворен неодамна, односно на крајот на февруари оваа година (2019).

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски на отворањето (20.02.2019) изјави дека тоа е првата фаза од проектот „Една точка на услуги“, кој понатаму треба да прерасне во „Центри за јавни услуги“, односно една точка за услуги во повеќе градови во државата.

Веќе имаме проектирано решение за „Една точка за услуги“ во другите градови. Таму одиме еден чекор понапред и целосно ги укинуваме шалтерите. Граѓаните ќе седат на иста маса со вработените во институциите и ќе разговараат. Без бариери и рамноправно, непосредно, со основна човечка комуникација. Дел од овие канцеларии ќе се отворат со редефинирање на Интернет клубовите што веќе постојат низ градовите, а таму каде што овие простории не ги исполнуваат потребните предуслови ќе биде обезбедено друго место, рече Манчевски.

На официјалната промоција на овој центар  (20.02.2019), беше соопштено дека граѓаните на едно место можат да добијат повеќе од 40 услуги и информации, од 10 институции : Министерството за внатрешни работи, Министерството за транспорт и врски – Секторот за патен сообраќај и инфраструктура, Управата за јавни приходи, Агенцијата за катастар на недвижности, Агенцијата за вработување, Министерството за труд и социјална политика – Центрите за социјална работа, Централниот регистар, Фондот за здравствено осигурување, Управата за водење матични книги, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и Министерството за економија.

На крајот на јануари (31.01.2019) и министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу , на прес-конференција  најави дека крајна цел е да се воспостават унифицирани Центри за услуги во сите 80 општини, коишто ќе обезбедат ефикасен, економичен, едноставен пристап до услугата.

Без чукање на различни врати, со точно утврдени рокови и сосема јасен патоказ за начинот на испорака на административната услуга од надлежност на локалната самоуправа. На овој начин значително ќе се подигне квалитетот во испораката на административните услуги на локално ниво, но и ќе се стесни просторот за судир на интереси и корупција, рече Фазлиу.

Тогаш, тој рече дека проектот е голем и скап, но со поддршка на УНДП, за негова успешна реализација подготвиле анализа што ја дава првичната слика за капацитетите и ресурсите со кои сега располагаат општините, за обемот и унифицираноста на административните услуги што ги испорачуваат.

Па имајќи предвид дека изборно проектираниот рок – 1 јуни 2018, е одамна поминат,  а досега реализацијата на ветениот проект е многу скромна –  (на крајот на втората година од мандатот на Владата формиран е само еден Центар за услуги), ветувањето го сметаме како „неисполнето“.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Рада Исовска – Маневска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција