Партиската книшка пресудна за вработување во државна служба

Анкетата на ЦУП извади на виделина поразителни резултати – дури 77,8 отсто од граѓаните сметаат дека за вработување во државната и јавната администарција е неопходно членување во одредена политичка партија, а речиси 67 отсто (66,9%) од граѓаните ја оцениле досегашната практика на вработување во државната и јавната администрација како „многу нефер и неправедна“.

 

Пишува: Оливера Војновска

 

Вработувањата во државната администрација се прават нефер и неправдено, а пресудно влијание за добивање место во државна служба има партиската книшка. Вакви резултати покажало истражувањето на Центарот за управување со промени (ЦУП), направено во рамките на проектот „Следење на административната правда“, претставен на трибината што се одржа деновиве (29.03.2017) во хотелот „Александар Палас“ во Скопје.

Реформите на јавната администрација се на листата на итни реформски приоритети кои произлегуваат од препораките од Извештајот на групата на Европската комисија (ЕК) што ја предводеше поранешниот директор во Комисијата Рејнхард Прибе (јуни 2015).  Надежите се дека со овие реформи (доколку се спроведат) конечно ќе добиеме професионална и ефикасна администрација ослободена од политички и какви било други влијанија.

Сепак, резултатите од истражувањето на Центарот за управување со промени не влеваат оптимизам дека во блиска иднина администрацијата ќе биде целосно департизирана и ќе функционира како вистински јавен сервис на граѓаните.

 

ПАРТИСКИ, НЕФЕР И НЕПРАВЕДНИ ВРАБОТУВАЊА

Анкетата на ЦУП извади на виделина поразителни резултати – дури 77,8 од граѓаните сметаат дека за вработување во државната и јавната администарција е неопходно членување во одредена политичка партија, а речиси 67 отсто (66,9%) од граѓаните ја оцениле досегашната практика на вработување во државната и јавната администрација како „многу нефер и неправедна“.  Притоа, за 42,6 отсто од граѓаните партиските вработувања се причините поради кои сметаат дека вработувањето во државната и јавната администрација е нефер и неправедно. 

Истражувањето на ЦУП покажало дека 32,3 отсто од граѓаните сметаат дека администрацијата е преголема и го оптоварува стопанството, а 35,6 посочиле дека корупцијата е широко распространета во државната и јавната администрација. Интересно е што и покрај критиките на сметка на администрацијата, сепак, 68 проценти од граѓаните го посочиле јавниот сектор како најпривлечен за работа.

Партизираноста на државните институции како сериозен проблем ја посочи и Народниот правобранител Иџет Мемети, кој вчера (30.03.2017) претставувајќи го годишниот Извештај за неговото работење, како што пренесоа медиумите, констатира дека „администрацијата наместо во полза на граѓаните работи во полза на партиите.“

Групните вработувања, било по етничка било по партиска основа, е проект со кој се врши груба манипулација на граѓаните. Без конкретна анализа на потребите на администрацијата нема да можеме да зборуваме за квалитетен административен систем, а крајно разочарувачка е констатацијата дека администрацијата, наместо во полза на граѓаните, работи во полза на партиите. Загрижувачки се појавите кога институциите спроведуваат партиски агенди (Мемети).

 

ЗА ДЕСЕТ ГОДИНИ 25.000 НОВИ АДМИНИСТРАТИВЦИ

Според податоците кои беа соопштени на презентацијата на проектот „Следење на административната правда“, бројот на вработените во државната и јавната администрација за десет години се зголемил за околу 25.000, односно од 105.000 во 2006 година на 129.600 во 2015 година. Од ЦУП напоменуваат дека бројката на нововработени административци е најверојатно поголема, со оглед на фактот што во споменатиот десетгодишен период дел од вработените заминале во пензија.

Во периодот од 2006 до 2015 година јасно се забележува значителен пораст на вработените во јавниот сектор. Во 2007 и 2008 вкупната вработеност, според достапните податоци, стагнира, по што има значителен пораст на 11.000 вработени до 2009 и постојан раст до 2015 година кога бројот изнесува околу 129.600 вработени.

Порастот на вкупната вработеност во јавниот сектор за 24.600 вработени, или за 24,4% во однос на 2005 година го покажува процентуалниот пораст на вработените во јавниот сектор. Но, доколку земеме предвид дека во овој период има природен одлив на вработени кои заминале во пензија поради исполнета старосна граница или по друг основ, вкупниот број на вработени е поголем.

17619599_10209517610562761_1602365591_n

Инаку, анализата на Центарот за управување со промени за карактеристиките на јавниот сектор во Република Македонија покажала дека вработените во јавниот сектор во Македонија претставуваат 18,59 отсто од вкупниот број вработени во земјата. Со што јавниот сектор во Македонија е сличен со земјите од Западен Балкан кои се членки на ЕУ, а е помал во однос на просекот на сите 28 земји членки на ЕУ. Просекот на земјите членки на ЕУ е 23,47 %

Во Србија и Босна и Херцеговина јавниот сектор претставува поголем дел од вработените или над 24%, додека во Словенија и Хрватска јавниот сектор зафаќа нешто повеќе од 20% од вкуната вработеност, а во Бугарија 18,64 %.

Податоците од истражувањето укажуваат на тоа дека стапката на реален раст на БДП во периодот од 2006 до 2015 година бележи значителен раст од 5,5% во 2008 на – 0,4% во 2009 година по што се менува во нагорна насока и во 2015 достигнува 3,8 %, но повторно пониско од стапката на реален раст во 2008 година. Што се однесува до бруто надворешниот долг (БНД), тој во овој период постојано се зголемува од 45,7% од БДП во 2006 година до 69,4% од БДП во 2015 година. За целиот овој период бројот на вработени во јавниот сектор расте, во периодот од 2006 до 2015 се зголемил за 24,4%.

А, како што заклучуваат од Центарот за управување со промени, ниту еден економски показател не го оправдува  ваквиот тренд.

17671028_10209517747926195_779755403_n

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *