Прислушувани разговори – сет 10: Плацовите на премиерот

Напорот на Груевски да „лапне“ плацеви на Водно, кои ги извидува од комбе, како и брзото менување на ДУП-овите за да се удоволи на неговите желби, кои стануваат се поголеми, се работите што ги разоткрива овој сет.

 

Сетот разговори презентиран на оваа прес-конференција открива зошто по секоја цена се менуваа деталните урбанистички планови во општина Центар, што се криело во нив освен „Панорама“ и по чии налози и за чии интереси се правело тоа.

Во првиот разговор на Груевски со Јанакиески тогашниот премиер се интересира со кое темпо ќе се менуваат ДУП-ови и ГУП-от на Град Скопје, како Јанакиески планира да „го брка“ наложеното, а потоа слушаме како Урко на Мијалков му кажува како со комбиња шетале „со човекот“ и со други функционери и разгледувале згради….

 

ДОГОВОРЕНОТО ОД КОМБЕТО, ВЕСНИЦИТЕ И ИЗМЕНАТА НА ДУП-ОТ

Во следниот разговор Груевски и Јанакиески зборуваат за „прошетките“ и како да се спроведува „договореното од комбето“, а притоа да се внимава да не излезе нешто „по весници“. Зборуваат и за тоа како да се работи на измената на ДУП за локација на која се намерачил Груевски, односно бара на Водно од плац од 2.700 квадратни метри да се направи плац од 11.000 кв.м. – на местото каде со претходниот ДУП е предвидено зеленило, ама да се расцепка на 20 градежни парцели за да не паѓа многу во око. Бара во новиот ДУП за плацот за кој се зборува да се предвиди законски максимално дозволената висина за градење.

Зборуваат постојано во шифри. Груевски притоа кажува како мисли да го заземе целиот простор со тек на време, за да не се крева „ука-бука“, ама сака во приказната да се вмешаат и други луѓе, како формални сопственици. Потоа слушаме како Груевски се интересира дали во плацевите градежните маркици се на максимум, односно 70 отсто од површината. Дознаваме дека за земјиштето за кое е заинтересиран Груевски, со кое би се дооформил плацот, кориснички права имаат други луѓе, па тој со Јанакиески договараат како да се дојде до посакуваната цел.

Во следниот разговор гледаме како Груевски наложува планираниот пат да „им се бутне на другите“, како да се направи потпорен ѕид од 6-7 метри „за да не се гледаат другите“, за тие да „гледат у ѕид“…

 

Сите „бомби“ се тука.

 

Прес конференција на Зоран Заев, претседател на СДСМ, Скопје, 15.03.2015

 

 

По оваа прес-конференција, ВМРО-ДПМНЕ реагираше со соопштение за јавноста, кое може да го прочитате тука.

 

Разговор помеѓу Миле Јанакиески и Никола Груевски

МЈ: Ало? Ало?
НГ: Ало?
МЈ: Да?
НГ: Миле?
МЈ: Ало?
НГ: Да не си легна?
МЈ: Не,не, не читам весници.
НГ: А бе. Шо има ново?
МЈ: Ништо. Проверив ова денес.
НГ: Аха.
МЈ: Значи мора промена на ГУП, па ДУП. Шо вака че одземи доста време.
НГ: Аа, ах. А сега у оваа фаза не може ГУП да се смени?
МЈ: Па ГУП нели Коце го менува тоа, некаде крај на октомври че фати.
НГ: Добро бе, ако ми е тоа решение, јас ќе си искомбинирам, сфаќаш?
МЈ: Со тоа…не е лошо да ми кажите колку, па …ја вака, овие што се помоќните ќе му кажам дека некој ми кажал, без да навлегувам многу
НГ: Колку цена? 400 било прашав.
МЈ: Добро.
НГ: 400 евра од квадрат, со вклучени-платени комуналии и проект.
МЈ: Мислам дека е објективна таа цена, за тоа место. Ќе терам јас паралелно и со другото.
НГ: Терај. Терај го ти другото и терај го ова, ако искочи нешто супер.
МЈ: Да де, и двете да.
НГ: Јас сеа мислам комбинација како да не ја пропуштам таа шанса. Најверојатно ќе направам некоја комбинација, ќе ми дадат рок таму за тоа второто. Подолг рок за да се…сега да не зборам вака директно…
МЈ: Да де, океј.
НГ: …да се реализира.
МЈ: Ве разбирам да.
НГ: Ќе ми остават подолг рок и некако така ќе ја скрпам работата.

 

Разговор помеѓу Дејан М. Урко и Сашо Мијалков

СМ: Друго шо има ново?
ДМУ: Нема ништо. Еве тука сме, уште од сабајле по дождот, со комбињата шетаме по Скопје со човекот, и уште едно десет луѓе, вака, функционериве овие.
СМ: Кај шетате бе?
ДМУ: Па, по населби.
СМ: За што?
ДМУ: Разгледуваат.
СМ: Разгледуваат, што?
ДМУ: Па разгледуваат ова…згради-мади, такви места, такви работи.
СМ: Аха. Ммм, добро, океј. Ајде.
ДМУ: Важи.
СМ: Ајде.

 

Разговор помеѓу Миле Јанакиески и Никола Груевски

НГ: Миле, три работи.
МЈ: Кажете.
НГ: Прво што те барав, те барав од состанокот уште, околу шес и пол-седум, ааа…имав со Коце состанок и со Славе.
МЈ: Добро.
НГ: Го имаме записникот…
МЈ: Добро.
НГ: Од она што одевме низ Центар, низ Аеродром.
МЈ: Така, така…
НГ: И готов е, Гордана Ивановиќ го има направено. Го има и претходниот.
МЈ: И претходниот?
НГ: И претходниот.
МЈ: Е тоа, тоа че Ве прашував, да.
НГ: И сега мислевме методологија, како да смислиме да ги изработиме, па на крај смисливме, ако ти можеш да…да…
МЈ: Акционен план да направиме.
НГ: ….да направиш како некое тело…
МЈ: Добро.
НГ: Комисија, комитет не знам како ќе го наречеш, ти да го водиш и на секои две недели да имаш редовен состанок, на пример тој ден, и толку саат секоја втора недела.
МЈ: Ама не, можи да биде точка на Градежна експанзија. Секоја недела оди и Акционен план да утврдиме првиот состанок и послем да си тераме по него.
НГ: Ама ќе ти знаат сите, таму има секакви шушљупаковци што присуствуваат на Градежна експанзија. Што знам, а?
МЈ: Не, во продолжение. Ќе му речам на тие, ќе му се заблагодарам, бидејќи најголемиот дел идат, другите ќе си продложиме со градежни. Барем дури да ја залауфаме работава, послем ако има ќе го проретчиме.
НГ: Добро.
МЈ: Ќе има доста работа на почеток таму.
НГ: Добро, ти оцени како мислиш, само да не ти искочи по весници нешто. Мада, немаше нешто спектакуларно за по весници. У секој случај превземи го, секоја втора недела терај го.
МЈ: Добро.
НГ: Значи ти си одговорен за спроведување на договореното од комбето.
МЈ: Во ред.
НГ: И над таа старата, да видиш што не е од тоа завршено, и тоа.
МЈ: Реализирано…важи.
НГ:…што не е реализирано и тоа. Втората работа.
МЈ: А…да Ви дадам Вас информации? Или од време на време?
НГ: Даа ми даваш еднаш месечно.
МЈ: Добро.
НГ: Рачунам за три-четири месеци дека ќе има сериозен напредок.
МЈ: Така, океј.
НГ: Мада па сега има избори, ама нема везе, шибај колку можеш, па ќе видиме.
Втора работа. Ова ГУП-от помина, знаеш за што те прашувам, за…
МЈ: Да, да, знам.
НГ: Е. Е сега треба ДУП. Ааа…Александар го имал подготвено ДУП-от
МЈ: Знам.
НГ: Ама нешто коментирал ли, он ли, друг ли, не знам. Дека додека не се заврши картирањето, не може да го пушти. Јас зборев со Коце. Коце вика нема врска, може да се пушти. И Гордана беше, и Коце беше, може да се пушти веднаш. Иако, не е картирањето завршено. Оти картирањето ќе ги фати до Нова Година.
Па сакав да те замолам, да ја превемеш ти работава, и да ја буткаш. Со Александар контактира Алек, да знаеш, за тоа.
МЈ: Добро.
НГ: Алек е, така да он нема појма…
МЈ: Да де, јасно.
НГ: Ти можеш да завршиш со Алек таму што ти се јавува за ваму-таму.
МЈ: Само да проверам…само да проверам, мислам дека за ДУП-от му треба картирано за да го постави на ГУП-от, ама да проверам. Тоа утре од сабајле прва работа и ќе Ви кажам. Само…ама многу му треба, месец дена, голема површина е. Океј, ќе Ви кажам утре, кога, како, што, се.
НГ: Океј. Тоа ми беше втората точка. Ако може да го изгураме пред овакво…
МЈ: Да де да.
НГ:…пред овие да се распишат знаеш.
МЈ: Така.
НГ: Мада, мада па чув дека и кога ќе се распишеле они ќе си држеле Совет до некое време, не знам до кога.
МЈ: Ама, можи денеска, ….не знам и Собраниево да видиме законите како че ги носи. Оти она што ме заложивте, веќе направивме Акционен план, да си кликниш, и една градежна парцела да си видиш, и плус ќе додадиме таму и одобрение за градење дали има парцелата, нема одобрение за градење, план донесен, кога е донесен. Сите параметри да ги има на едно место.
НГ: Ја да ти кажам не сум ни видел како е направен тој ДУП, пошто немаше време, само реков нека го распределат на повише парчиња. На колку парчиња го имаат распределено не знам. Ја би го направил на 20 парчиња, пошто тоа е големо.
МЈ: Реално можи на 3, 1000 некаде е океј парцела. Ќе видам, ќе Ви кажам, ама да се вратам. Утре сакав да се вратам…
НГ: Не, не, не, чекај, чекај, чекај, не за тоа, не за тоа. Тоа е океј, за тоа во право си. Ама, за ова другово сега ти зборам. Нели ја ти кажав дека во меѓувреме… А за тоа другото океј. Нели ти кажав дека во меѓувреме збркав друго.
МЈ: Знам, знам, океј е тоа.
НГ: Е. Сега тоа ми е исто хитно како и ова. Дури похитно ми е тоа, знаеш.
МЈ: Добро.
НГ: Тоа е многу поголемо, тоа го начекав јас за џабарлак, ти кажував.
МЈ: Знам, знам ми кажа Александар дека знае. Океј.
НГ: Александар знае за кого е, што е?
МЈ: Алек.
НГ: Да де да, е па добро. Океј. Значи тоа новото е доста поголемо од старото.
МЈ: Мислам дека треба…, ама да Ви потврдам утре. Треба заради да го постави ДУП-от, заради границите, заради тоа.
НГ: Старото, старото беше околу 2,7 така.
МЈ: А…ааа. Не знам точно.
НГ: 2.700 така беше.
МЈ: Мислам дека 3.5 беше. Ама не сум сигурен. 3-ка беше сигурно.
НГ: Ја мислам дека 2.700 беше. Не мислам, него сум сигурен. Ова новото е 11.000.
МЈ: Да не е многу на 20 да се подели?
НГ: Не е многу, по 500. По 500 и кусур.
МЈ: Добро. Оти..
НГ: Колку имаат по 500? Многу, така?
МЈ: Да, да, добро.
НГ: И што губам ако го поделам на 20? Ништо, така?
МЈ: Да де да.
НГ: Имам зошто. Кога ќе се видиме ќе ти кажам. Значи размислував…
МЈ: Не, не, океј. Ако е таков концепот, океј. Само треба да видиме…
НГ: Имам зошто.
МЈ: Добро.
НГ: Ама нејќев по телефон да зборам зошто.
МЈ: Не, не ќе Ви кажам утре.
НГ: Многу е логичен концептот зошто.
МЈ: Јас сакав утре да стигнам и на Влада, само не знам ова со авиониве како ќе биде…
НГ: Е сега он дали го поделил на 10, дали на 50, дали на 20, појма немам да ти кажам право. Пошто ја преку еден човек, тој човек преку Алек, Алек таму иде. А ја по патишта по ова, по она, немам појма како излгеда тој ДУП….
МЈ: Ако стигнам утре на Влада, ќе го викам, ќе се видиме со него и ќе Ви презентирам. И ќе го нацртаме ние како што треба, и ќе го тераме.
НГ: Висина, висина максимум што може таму, колку се дава висина, не знам.
МЈ: 10.5, 10.2.
НГ: 10.2. Поише не може?
МЈ: Не. За индивидуално не.
НГ: Океј, 10.2, 10.2 нека биде. Уствари чекај, да не ја утнам што викаш ти. А бе тоа дур не го видиш не можеш, ама ајде. Ќе го видиме утре на лице место, ќе го земам ја. Прашај го ти на колку е поделено. Знаеш што беше идејата? Тоа е сега таму на еди кој си, така?
МЈ: Да де да.
НГ: Кога ќе дојде време, може тој еди кој си да си откупи едно парче само. Не знам како да ти објаснам.
МЈ: Само добро е да има преддоговор. Добро ако се знае човекот, да не му се зголемат апетитите.
НГ: Нема да му се зголемат. Мислам, формално може да се откупи толку, иначе ако се откупи 11 ќе се дигне џева, сфаќаш?
МЈ: Океј.
НГ: Е нема 11, на пример едно ќе се откупи, формално. Иначе тоа е завршена работа, 11 се откупени.
МЈ: Аха, добро.
НГ: Али формално, за вака за…едно се откупува на пример.
МЈ: Утре јас ќе го земам тоа…
НГ: Па за тоа другото ќе се каже, тоа другото си е на тој, не го знаеме на кого е.
МЈ: Да де да.
НГ: Тоа е едно, едно земавме сега.
МЈ: Да де да. Утре…
НГ: Не знам дали вака можам да ти доловам со шифри, ама…
МЈ: Не, не океј, сфатив, сфатив. Значи како и да е утре…
НГ: Оти ќе дојде време ќе треба да се озваничи нешто, така?
МЈ: Да де, јасно.
НГ: Треба да се појави некаде некој таму, да отиде да рече, еве јас сум, ја ова сакам да го правам. И сега ако отиде да го прави на 11, одма ќе има ука-бука.
МЈ: Да де, ќе падне во очи.
НГ: Како, што, зошто, од каде, а-у, колку, што, пресметки, ваму-таму. А вака формално зимаш едно од тие 11 на пример, или две. Ме сфаќаш?
МЈ: Така.
НГ: И викаш еве ја едно земав, едно е толку и толку. А тоа другото ќе си стои така.
МЈ: Океј.
НГ: Па понатаму како ќе…
МЈ: Океј.
НГ: …минуваат години, може после и тоа да се…
МЈ: Да се видиме утре, утре е четврток, ако стигнам…
НГ: Ти тука ли си?
МЈ: Ако стигнеме утре. Додуша планирам утре околку 10 сатот да стигнеме, сакав и на Влада да стигнам, ама не знам како со авиониве ќе биди. Ако стигнам утре, утре, ако не…
НГ: А чекај ти ја помина у Шведска таа работа?
МЈ: Не, не, не. Утре од сабајле требаше да бидам таму во 10, ама не знам како ќе стигниме. Најверојатно нема да одиме ич во Шведска, ќе се враќаме назад.
НГ: Аха.
МЈ: Затоа викам, не знам како ќе биди со авиониве, ќе Ви кажам.
НГ: Не ама и да не се враќате, телефонски слушни го, прашај го на колку парчиња е поделено, по колку е едно парче? И што е најважно, прашај го дали може сега во јануари да се заврши работата?
МЈ: Така, да. Тоа ќе Ви го кажам утре. Сакав да го земам…
НГ: Пред да, пред да се избере новиот состав, ме разбираш? Оти новиот состав е неизвесно, не знаеме што ќе биде.
МЈ: Така е.
НГ: Е така. А за тоа помалото, тоа не ми треба уствари да се дели, зошто? Нели го направивме тоа да може и друга варијанта да биде, така?
МЈ: Е па за другата варијанта Ви викам на три да се подели, за да биди друга намена, како што зборевме. Да има таква можност.
НГ: А ако остане едно, ќе биде едно големо, така?
МЈ: Да де да. Многу големо е така.
НГ: Е па неам појма, нека си остане големо. Што знам? Ако е големо, можеш и да го направиш и мали, ако е, ако го поделиш не можеш големо да го направиш.
МЈ: Зависи. По мое, поголем интерес би имало за 3х1.000, грубо и можи тројца…
НГ: Ама за вакво, за индивидуално.
МЈ: Не, за зграда ја мислев.
НГ: Е не знам сега, ја не се разбирам, не се разбирам. Ја па мислев дека што поголемо, подобро. Од овие што купуваат такви…
МЈ: Сите што ги продаваме се околу 1.000, 1.100, 900. 500 прават во основа, 4-5 ката, полесно така му оди.
НГ: А, мислам дека он за тоа нема ни почнато ДУП. За ова, ја за тоа не сум ја збркал асално работата, за тоа.
МЈ: Ама ја ја терав.
НГ: Ти ја тераше?
МЈ: Да.
НГ: Е па добро, напрај го така, па сега. Ја не знам, стварно не знам дека тоа што викаш дека по 1.000 се најчести и така, не го знам тоа. А по колку се високи тие обично, што се по 1.000?
МЈ: Приземје плус 5, приземје плус 4, така.
НГ: Аха. Добро, значи 3 комада ќе може на тоа место?
МЈ: Да.
НГ: Добро. Не, стварно не знам, мислам неам претстава, дали е тоа океј или не е океј.
МЈ: Може да направам уште едно истражување генерално…
НГ: А бе вака ти тргни, кога би било твое тоа, како е најбоље за тебе, така ќе го направиш.
МЈ: Е па така, така мислам дека е најдобро.
НГ: Е сега, ти да си у истава ситуација, како ти би постапил, така.
МЈ: Така мислам дека е најдобро, за тоа така Ви кажувам и на Вас.
НГ: Океј. Океј. Ако е така најдобро, така да тераме. А за ова другото види, да биде у јануари и на колку е поделено. Тоа на колку е поделено ми е помалку битно, отколку да биде во јануари. Знаеш, и да е на 10 поделено, океј.
МЈ: Така. Океј.
НГ: И на 5 да е, пак океј. Битно ми е да, да тргне.
МЈ: Важи, разбирам.

 

Разговор помеѓу Миле Јанакиески и Никола Груевски

МЈ: Молам?
НГ: Миле?
МЈ: Да, да.
НГ: За ова што зборевме сега, за овие 8-те што ги зборевме.
МЈ: Добро.
НГ: Провери, во рамките на една парцела дали до максимум е искористено тоа за градба.
МЈ: 70 %, така мора да биде.
НГ: Да де, 70, дали е тоа?
МЈ: Нема ништо сега, ама така мора да биди по план. Нели во законот така ставивме.
НГ: Па после треба друг план за тоа?
МЈ: Ова е само скица. Сега врз база на тоа ќе се изготвува план. Тоа што Ви го доставив Акциониот план.
НГ: Аха, добро. Ама тоа да си сигурен дека 70% ќе биде, тоа ми беше поентата. МЈ: Да, мора по закон така да се стаи.
НГ: Добро.
МЈ: Уште на времето ако се сеќавате.
НГ: Добро, океј. Ајде.

 

Разговор помеѓу Миле Јанакиески и Никола Груевски

МЈ: Ало.
НГ: Кај си Миле?
МЈ: На промоција на Кисела Вода, за градоначалник.
НГ: А, Кисела Вода си. Можеш да збориш кратко?
МЈ: Кажете, кажете.
НГ: Ова горе што е, не…., тоа другото што е, знаеш?
МЈ: Добро.
НГ: Треба дооформување. Ти ми рече 2.000 квадрати е дооформување, така?
МЈ: Да, ама има сеа промени таму, Ви кажав, се појавија кориснички права.
НГ: Колку? Многу?
МЈ: Требаше, на цело тоа. Требаше, денес тоа да го имам. Ќе ви објаснам. Требаше денес да го имам финалното мислев да Ви го покажам, ама Александар…
НГ: На целото има кориснички?
МЈ: На целото. Ама тројца има, двајца се починати, а едниот, уставри двајца не постојат воопшто во евиденција, едниот е починат има шанси да се одземе корисничко право. Така да во две фази ќе оди.
НГ: Добро, тоа колку време ќе ни треба да се заврши?
МЈ: Па ќе треба план да се смени. Значи, идејата ми е сега тоа што си е, за градба да си биди цела сопственост како што треба, а тоа што е околу со дооформување да одиме во втора фаза.
НГ: И колку е тоа? Шест месеци? Колку?
МЈ: Па да, толку е океј.
НГ: Пет-шест, колку?
МЈ: Шест можи. Али ќе можи да се гради, ако сакаме да градиме, да се гради.
НГ: А колку беше дооформувањето, цена, што ми пиша еднаш?
МЈ: 14.400.
НГ: Од….? Денари?
МЈ: Да.
НГ: Добро, фала ти, ајде.
МЈ: Утре ќе Ви го дадам. Сакав денеска, ама Александар имаше 40 температура, утре ќе Ви го дадам.
НГ: Важи, ајде чао.
МЈ: Ајде чао.

 

Разговор помеѓу Миле Јанакиески и Никола Груевски

МЈ: Ало?
НГ: Што правиш Миле?
МЈ: Добро, прес ќе имам сега.
НГ: Што имаш?
МЈ: Прес, прес.
НГ: А, прес. На која тема?
МЈ: За ова, за градежново земјиште, на луѓево што му овозможуваме ова со надоврешниве договори, добро е тоа, да го промовираме.
НГ: А супер е тоа, супер, да. Знаеш што ми текна мене. Вчера ова ливчево што ми го покажа ти.
МЈ: Добро.
НГ: Ми викаш пола патот е ваму, пола е таму, така?
МЈ: Грубо, да.
НГ: Па да им го бутнеме таму поише. На нивна територија, мислам на работ кај нив, ама цело кај мене да се гледа.
МЈ: Види, максимално е направено, бидејќи оди по срт некој. После ќе има многу дополнителни работи, од тој аспект. Зошто е баш на сртот на тоа како што е самата топографија, оти после е малку као, као стрмина. И ние го гледавме, максимално да се направи, за да може патот да се направи.
НГ: Добро, добро, тоа не го знаев. Ја мислев дека е рамно, си викам што па на пола?
МЈ: Не, не. Прво беше, ако се сеќавате…
НГ: Тие да беа на наше место на пола ли ќе го стаат?
МЈ:..малку погоре, па го спуштивме ние најдолу што може, за да, оти после е пад голем.
НГ: Мхм. Добро, океј ако е така, океј.
МЈ: Ќе проверам уште еднаш дали може да оди пониско, ама максималното…
НГ: Таму знаеш што може да се направи? Може, за да не се гледаат одоздола да се дигне малце потпорен ѕид, да се напуни со земја и ќе гледаат у ѕид. Тоа ми текна.
МЈ: Така да. Ќе проверам уште еднаш.
НГ: Едно 6-7 метри дигаш потпорен ѕид и они одоздола гледаат у ѕидот.
МЈ: Така.
НГ: А го израмнуваш горе ти, така?
МЈ: Да, да, да.
НГ: Подигањето, и се израмнува.
МЈ: Уствари така ќе дојде малку патот, ќе имаат тука малку насип. Како и да е, ќе мора да има насип.
НГ: Да. Добро.

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *