Рејтингот на Пендаровски е поголем од оној на СДСМ, но не и од рејтингот на коалицијата

Фото: Принтскрин

 

Кандидатот за претседател од СДСМ и ДУИ, Стево Пендаровски деновиве (15.04.2019) во гостувањето на телевизија „Телма“  ја даде и следната изјава, која ја оценуваме како полувистина. Пендаровски  изразувајќи  задоволство од последните анкети, бидејќи тие,  според него, покажуваат дека добива поддршка и од неопределените, рече:

Јас сум задоволен од бројките на анкетите. Јас имам солидна бројка на гласачи Македонци и Албанци. Мојот рејтинг во моментов е поголем од партискиот рејтинг на СДСМ и е поголем од рејтингот на самата коалиција. Што значи дека имам поддршка и од неопределени. Јас сум навистина задоволен што имам поддршка надвор од етничките линии. Оваа коалиција беше направена за да не се пазариме меѓу двата круга. Никој нема да биде овластен од мене да преговара за гласовите на Река, рече Пендаровски во eмисијата „Топ тема на ваша страна“ на телевизија „Телма“.

[Извор: МИА – датум: 15.04.2019]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Оваа изјава на претседателскиот кандидат на власта, Стево Пендаровски  во која вели дека неговиот рејтинг е повисок од рејтингот на СДСМ и на самата коалиција (СДСМ и ДУИ н.з.), е полувистина.

Двете последни анкети на агенцијата „Рејтинг“ и на МЦМС, покажуваат дека рејтингот на Пендаровски е повисок од оној на СДСМ. Но, само едното истражување (Рејтинг) покажува дека неговата поддршка е поголема и од вкупната поддршка на  коалициските партнери СДСМ и ДУИ, додека според анкетата на МЦМС тоа не е така.

Резултатите од анкетата која ја спроведе агенцијата Рејтинг во периодот од 8 до 14 април (2019), врз репрезентативен примерок со кој беа опфатени 1.112 испитаници, покажуваат дека:

Кандидатот за претседател поддржан од СДСМ и коалицијата , Стево Пендаровски би добил најмногу гласови на претседателските избори – 38,3 отсто, доколку утре се одржи гласањето.

Според  резултатите од истражувањето направено од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Институтот за демократија „Социетас цивилис“ (ИДСЦС) Скопје на барање на Телевизија Телма, за Пендаровски би гласале  27,2 отсто од испитаниците. Анкетата е спроведена во периодот од 7 до 11 април 2019 година на национален репрезентативен примерок од 967 испитаници.

Што се однесува до рејтинзите на СДСМ и на ДУИ, според анкетите правени изминатава година тие се движат  околу 26 отсто – СДСМ, односно околу 7 отсто – ДУИ, или вкупната нивна поддршка е 33 отсто.

Така, на пример,  во анкетата за МЦМС и Телма,  спроведена од  М-проспект во периодот од 7 до 15 ноември 2018 година, на национален репрезентативен примерок од 1.014 испитаници, СДСМ има поддршка од 26,8 отсто, а ДУИ од 6,7 отсто.

Според одговорите на прашањето: доколку утре се одржат парламентарни избори, за која политичка партија ќе гласате, СДСМ е во благо водство со 26,8%, наспроти ВМРО-ДПМНЕ се 21,5%.  Кај политичките партии од тнр. албански политички кампус, најмногу гласови би добиле ДУИ (6,7%)… (МЦМС)

И според анкетата на Телма и МЦМС спроведена од 15 до 23 мај (2018) на репрезентативен примерок од 1.052 испитаници, рејтинзите на двете партии се во тие граници, односно за  СДСМ  би гласале 25,5 отсто, а за ДУИ  7,4 проценти од испитаниците.

Па, имајќи предвид дека според едната анкета  (Рејтинг) за Пендаровски би гласале 38,3 отсто, значи повеќе од поддршката за СДСМ и од вкупната поддршка на СДСМ и ДУИ ( околу 33 отсто), а според другата анкета (МЦМС) поддршката за него  е 27, 2 отсто,  значи поголема од поддршката за СДСМ, но помала од вкупната поддршка за двете партии (СДСМ и ДУИ), изјавата на Пендаровски ја оценуваме како полувистина. Независно, што, можеби,  Пендаровски за порелевантна ја смета анкетата на Рејтинг.

 

ИЗВОРИ:

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.