Шехтански против Шехтански: Mандатите сe истечени, ама нека провери Уставниот суд

Мандатот им е истечен освен ако не каже поинаку Уставен!? Фото: скриншот

Ванчо Шехтански како директор на Државниот инспекторат за локална самоуправа донел одлука дека неговиот орган и тој лично треба да ги стави вон правна сила сите одлуки на советите на општините во Република Македонија, кои се донесени после 24 март 2017 година, а за тие решенија треба да се произнесе Уставниот суд

 

Шефот на Државниот инспекторат за локална самоуправа, Ванчо Шехтански, во разговорот за ТВ Нова појаснува зошто донел одлука за ставање вон правна сила на стотици решенија на советите на многу општини, при што изрази ставови кои ги сметаме за контрадикторини, односно недоследни:

 

Изјава: …Во секој случај ние ќе бараме толкување од Собранието на ова наше решение, а решението за ставање вон сила на одлуките од 24 март, е донесено со цел Уставниот суд да се произнесе од кога (им е истечен мандатот на советниците-н.з.) бидејќи не е наведено. Во член 35 (од Законот за локална самоуправа-н.з.) вика трае 4 години. Од кога му трае мандатот (на советникот)? Од денот на изборот на 24 март 2013г., од денот на уверението од ДИК или од верификацијата? Значи, ние според законот мора да постапиме кога има празнина. Празнина има во секој случај со тоа што мандатот е истечен….Решенијата се вон сила, а ќе може да се вратат во сила ако се изменат законите, а за тоа треба да се произнесе Уставниот суд

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ванчо Шехтански како директор на Државниот инспекторат за локална самоуправа донел одлука дека неговиот орган и тој лично треба да ги стави вон правна сила сите одлуки на советите на општините во Република Македонија, кои се донесени после 24 март 2017 година, а за тие решенија треба да се произнесе Уставниот суд.

Оваа одлука, која според Шехтански било законито постапување на Инспекторатот, бидејќи тој орган морал да постапува и кога имало (правна) празнина (во законите)?!

„Моравме да реагираме согласно законските обврски“ – вели Шехтански…„Во секој случај заради наша законитост ние го тангираме (рокот-н.з.) од моментот на изборот“, додава директорот. „Нашите ингеренции се само врз советите на единиците на локалната самоуправа…констатацијата наша е, дека советите се со изминат мандат“…„повторно ќе повторам, решението за ставање вон сила на одлуките од 24 март е донесено, со цел Уставниот суд да се произнесе од кога (им тече мандатот-н.з.) бидејќи не е наведено…“

Овие реченици се сами по себе контрадикторни. Тие, тој, сметаат дека на 24-ти истекол мандатот, ама нека каже и Уставниот суд. Ниедна институција или тело или државен орган не може да постапува според законот, ако во законот има „дупка“, односно некои нешта не се прецизирани, како што е во случајот непрецизирањето за тоа од кога се смета дека тече мандатот на советник во локалната самоуправа.

Во овој случај, бидејќи тоа не сторено во законот, некои надлежни тела или институции во државата веќе донеле некакво правно мислење. Бидејќи тоа не можеше да го стори Законодавно-правната комисија во Собранието, оти не е конституирана, било побарано толкување од Министерството за правда, кое веќе донело мислење дека до средината на мај годинава, советите и градоначалниците може законски да ги извршуваат дејностите.

Околу ова прашање имаше многу дебати, вклучувајќи го и тоа кој е надлежен да даде толкување на законот. Како и да е, беше донесено некакво мислење, но, Шехтански има свое мислење и толкување. И тој како прв човек на Инспекторатот за локална самоуправа смета дека треба да постапува „кога има празнина“ и да поништува, односно да става вон сила решенија на совети на локална самоуправа донесени после 24 март. Преку 600 одлуки биле ставени вон сила, вели Шехтански. Бидејќи тој лично толкува дека 24 март е датумот-пресек за мандатот на советниците, исто како што има свое толкување дека мандатот на градоначалниците треба да важел до крајот на календарската 2017 г., и исто како што има толкување дека тие, градоначалниците, според Законот за плати треба да обезбедат и да потпишат плати за вработените во општината.

Арно ама, на крајот вели дека ако се донесат законски измени со ретроактивни толкувања за продолжување на мандатите на градоначалниците и советите до новите локални избори и конституирање на новите органи, тогаш неговите решенија за вон сила, ќе ги вратат одлуките на советите во сила, ама ако се произнел прво за законите Уставниот суд…?!  Во соопштението до медиумите, колку што може да се види, пак, сметал дека никаква одлука на Собранието не може да има ретроактивно дејство.

Ваквите толкувања на Шехтански, кој е раководител на орган во рамките на Министерството за локална самоуправа, кое, пак, веќе изрази несогласување со неговите постапки, во најмала рака се контрадикторни и поради тоа може да се оценат за недоследни.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Тео Блажевски

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција