Што бараат експертите на ММФ за да се обезбеди одржливоста на македонскиот пензиски систем

 

Според тоа како беше пренесена кај голем дел од медиумите, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, дала делумно вистинита изјава во врска со последниот извештај на ММФ во делот за пензискиот систем:

Изјава: Ги почитуваме препораките на  ММФ и Светска банка, но нивните препораки не се да се укине бенефицираниот стаж и не се да се зголеми старосната граница. Во Македонија постојат други чекори кои што треба да се преземат, а ќе излеземе за тоа кога ќе имаме детален план и ќе ги соопштиме. За да може да ни се стабилизира Фондот, прво нешто што го преземавме е да го почитуваме законското решение за зголемување на пензиите или усогласување на пензиите, а не ад-хок или паушално зголемување, кои што не се основани…

[Извор: 24 Вести, видео изјавадатум: 23.11.2017]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Министерката за труд и социјална политика во еден момент во изјавата што ја оценуваме, јасно вели „ги почитуваме препораките на ММФ и на СБ, но нивните препораки не се да се укине бенефицираниот стаж и не се да се зголеми старосната граница“…., што го оценуваме како полувистина или делумна вистина.

Ова е така, имајќи ја предвид целовитоста и сложеноста и на изјавата на Царовска, но и целовитоста на Извештајот на ММФ, во кој е вклучена и препораката на експертите што го правеле.

Од тој аспект, не е целосна вистина изјавата на Царовска дека ММФ не бара зголемување на старосната граница за заминување во пензија или укинување на бенефицираниот стаж, ако под тоа подразбереме порано одење во пензија. Во последниот Извештај на ММФ децидно се наведува дека експертската препорака до македонските власти е зголемување на старосната возраст за одење во пензија во смисла на изедначување со просекот во Европската унија.

Оваа препорака може да се прочита под точка 15 на стр. 14 во Извештајот ( ММФ-Извештај) и гласи:

За да се ​​обезбеди одржливост, експертите (на Фондот-н.з.) препорачуваат зголемување на старосната граница за пензија на ниво на просекот од земјите во ЕУ, намалување на опциите за предвремено пензионирање, индексирање на пензиите само преку движењето на трошоците за живот и воздржување од ад-хок зголемувања.

Препораката во форма на „реформа на пензискиот систем“ и тоа под итно, е наведена и во главните препораки на експертите во делот на фискалната политика (стр.4), а спомената е и во изјавата на Извршниот одбор на ММФ, наведена на почетокот од целиот документ.

Значи, точно е дека експертите на ММФ предлагаат една од мерките за консолидација на пензискиот фонд да биде изедначување на возраста за пензија со просекот во ЕУ, а тој е нешто повисок од македонскиот просек, но, исто така е точно дека во заклучоците на Извршниот одбор на ММФ, т.е. во проценките, се оперира со терминот „обезбедување на оддржливост на пензиите“(стр.2).

Имајќи предвид, од друга страна, дека Владата исто така се декларира за стабилност и одржливост на на пензискиот систем и дека веќе е формирана работна група (Совет) со која претседава токму Царовска, дека веќе се исклучени ад-хок зголемувањата на пензиите, како и тоа дека во реформата на пензискиот систем се вклучени и експерти од Светска банка, цениме дека изјавата на Царовска треба да се оцени како делумна вистина или полувистина.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Тео Блажевски

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *