Советниците на СДСМ не се против битолскиот референдум

Фото: radio105bombarder.com, 2016.

Изјавата која ја анализираме е проблематична на повеќе нивоа. Во неа се наведуваат неколку невистинити тврдења, а освен тоа целиот настап на Милевски е дел од политичка кампања која ја води патијата на која ѝ припаѓа, а која се темели на лажни обвинувања дека актуелната Влада на Република Македонија се подготвува да прифати огромен број бегалци и за нив да ги обезбеди сите услови за живот и постојан престој во земјава

 

Изјавата која ја анализираме е проблематична на повеќе нивоа. Во неа се наведуваат неколку невистинити тврдења, а освен тоа целиот настап на Милевски е дел од политичка кампања која ја води патијата на која ѝ припаѓа, а која се темели на лажни обвинувања дека актуелната Влада на Република Македонија се подготвува да прифати огромен број бегалци и за нив да ги обезбеди сите услови за живот и постојан престој во земјава

 

Оцени: Југослава Дуковска

 

На прес-конференцијата на Пеце Милевски, советник на ВМРО-ДПМНЕ од Општина Битола по седницата на Советот на кој беше одбиена Нацрт-Стратегијата за интеграција на бегалци и странци во Република Македонија 2017-2027 и Националниот aкционен план произлезен од Стратегијата на Владата на РМ, ги обвини своите колеги од Социјалдемократскиот сојуз дека гласале против референдум во Битола, бидејќи ја поддржуваат идејата на Владата да изградат бегалски камп на Меџитлија „без трошка обѕир кон Битолчани“.

Изјавата на Пеце Милевски на оваа прес конференција ја оценуваме како невистинита и манипулативна. Таа содржи невистинити тврдења, а се темели на лажно обвинување – дека Владата предводена од СДСМ подготвува изградба на кампови и на станови за бегалци на територија на повеќе општини во Република Македонија.

Вчера советниците на СДС во општина Битола гласаа ЗА населување на мигранти во Битола! Гласаа ЗА изградба на камп, бесплатно образование, здравство и социјални услуги за мигрантите, овде во Битола! Советниците на СДС беа против одржување на референдум во општина Битола, против тоа битолчани сами да одлучуваат за иднината на својата општина.

Министерката Царовска вчера избега од седницата на Советот на општина Битола. Фатена меѓу манипулаторските ветувања на нејзиниот лидер Заев и нејзиниот обид за подметнување на најштетната стратегија за Битола, не можеше да одговори на прашањата на советниците од ВМРО ДПМНЕ. 

(Извор: Прес конференција на Пеце Милевски, датум: 05.09.2017)

 

Изјавата која ја анализираме е проблематична на повеќе нивоа. Во неа се наведуваат неколку невистинити тврдења, а освен тоа целиот настап на Милевски е дел од политичка кампања која ја води патијата на која ѝ припаѓа, а која се темели на лажни обвинувања дека актуелната Влада на Република Македонија се подготвува да прифати огромен број бегалци и за нив да ги обезбеди сите услови за живот и постојан престој во земјава.

Стратегијата за интеграција на бегалци и странци 2017-2027 година предизвика бурна реакција на опозицијата и послужи како основ за кампањата што повеќе од еден месец ја води ВМРО-ДПМНЕ и која опфаќа иницијатива за одржување референдум против изградба на бегалски кампови, како и одлуки на советите на локалните самоуправи на поголем број општини каде ВМРО-ДПМНЕ има мнозинство, со кои се отфрла нацрт-стратегијата за бегалци со образложение дека општините и државата немаат ниту ресурси, ниту расположение да прифатат и да им обезбедат сместување и други услови за егзистенција, на, како што се вели, и до 200 илјади бегалци од Сирија и од други региони зафатени со воени конфликти. Инаку, изготвувањето на стратегија за интеграција на бегалци е дел од обврските на државата кои произлегуваат од меѓународни декларации, чиј потписник е и Македонија повеќе од една деценија, а не резултат на подготовка за некакво прифаќање на бегалци, факт кој упорно се игнорира од страна на опозицијата.

Уште на 7. август Министерството за труд и социјална политика излезе со соопштение во кое децидно изјавува дека

нема да се градат станови и кампови за бегалци, нема да се даваат државјанства за бегалци, ниту пак ќе се активираат некои други мерки во таа насока.

Сепак, ова не беше доволно за опозиционата ВМРО-ДПМНЕ која изгради целокупна кампања со појдовна точка во тврдењето дека новата власт предводена од СДСМ го подготвува токму тоа – прифаќање на огромен број бегалци за кои планира да изгради станови, да им обезбеди бесплатно школување и здравствена заштита, како и вработувања. Притоа, намерно се премолчува фактот дека документот кој толку жестоко го осудува е само прочистена и подобрена верзија на сличен документ, донесен од владата на ВМРО-ДПМНЕ предводена од Никола Груевски во 2008 година.

Ова во интервјуто за Радио Слободна Европа (20.08.2017), го потврдува и министерката за труд и социјала, Мила Царовска:

Овој документ е продолжение на Стратегијата 2009-2015 година, со истиот наслов, која што ја донела ВМРО-ДПМНЕ. Многу е важно да знаеме дека токму ВМРО-ДПМНЕ, коишто ја донеле оваа стратегија, зборува против оваа стратегија,

појаснува Царовска и додава дека во моментов во Македонија има само 60 лица кои имаат статус на мигранти, во двата транзитни центра и во центарот за азил.

Не, нема да се градат воопшто станови за бегалци,

децидна е Царовска, прашана директно дали во Македонија се планира изградба на станови за бегалци.

Според ова, изјавата на Милевски има за појдовна основа – невистина. Но, тоа не е и единствениот проблем со неа, бидејќи Милевски во својот настап искажува лажни тврдења. Еве го првото:

Вчера советниците на СДС во општина Битола гласаа ЗА населување на мигранти во Битола! Гласаа ЗА изградба на камп, бесплатно образование, здравство и социјални услуги за мигрантите, овде во Битола!

Вистината е дека  советниците од ВМРО-ДПМНЕ не го прифатија предлогот на советниците од СДСМ Советот да усвои заклучок дека на територијата на Општина Битола нема да се градат кампови за бегалци.

Предложивме да се донесе заклучок со кој ќе се изјасниме дека на територијата на општина Битола нема да се градат кампови за бегалци, нити ќе се преземаат други мерки во таа насока. Доколку од ВМРО-ДПМНЕ се искрени во своите заложби требаше да го прифатат овој заклучок,

рече Наташа Петровска, советник од СДСМ, пренесува Радио Слободна Европа. Според ова, советниците социјалдемократи не само што не гласале за населување на мигранти во Битола и за изградба на камп, бесплатно образование, здравство и социјални услуги на мигрантите во Битола, туку воопшто и не гласале, бидејќи ја напуштиле седницата, револтирани што мнозинството во Советот го игнорира нивниот предлог за компромисно решение со кое распишувањето на референдум нема да биде потребно. Според тоа, невистинит е и делот на изјавата на Милевски во кој тој тврди дека:

Советниците на СДС беа против одржување на референдум во општина Битола, против тоа битолчани сами да одлучуваат за иднината на својата општина.

Проверката на фактите достапни во медиумите покажа дека советниците на СДСМ воопшто не се изјасниле во насока на тоа дека се против битолчани сами да одлучуваат за иднината на својата општина, иако сметаат дека ВМРО-ДПМНЕ шири лажни вести за наводно вдомување на бегалци во Македонија, односно Битола. Токму спротивното, медиумите пренесоа децидна изјава на координаторката на советничката група на СДСМ во Советот на Битола, Наташа Петровска, која вели дека го поддржуваат референдумот:

Единствено дискутабилна е датата. Референдум поддржуваме, апсолутно не сме против. Но, ќе бараме датата да биде променета, пред или потоа како сакаат. Ќе бараме датата да биде променета и тогаш целосно ќе го поддржиме референдумот,

изјави Наташа Петровска, координатор на советниците од СДСМ. Ова јасно покажува дека тврдењето на Милевски е невистинито.

Во својот настап на прес конференцијата, Милевски во неколку наврати ја прозва минисерката Царовска, која, според него, избегала од соочување со советниците на ВМРО-ДПМНЕ:

Фатена меѓу манипулаторските ветувања на нејзиниот лидер Заев и нејзиниот обид за подметнување на најштетната стратегија за Битола, не можеше да одговори на прашањата на советниците од ВМРО ДПМНЕ.

Сепак, информациите од седницата на Советот на Општина Битола зборуваат нешто сосема друго. Во новинарските извештаи се зборува за ненајавената посета на министерката Царовска на седницата на која се расправаше за предлогот за распишување на референдум против бегалски станови во Битола и обидот на претседавачот на Советот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ да не ѝ дозволи на министерката да присуствува на седницата, иако таа била од јавен карактер, бидејќи била неповикана, па дури и дала пауза, што го оддолжило времетраењето на седницата. Царовска, сепак, останала до 15 часот, по што заминала.

На прашањето дали ќе ѝ дозволат на Царовска да го искаже својот став на говорница, Ангелевска рече прво да дискутираат советниците, а потоа ќе го слушнат ставот на министерата. Но во 15 часот, заради обврски министерката замина, а дискусијата во Советот е во тек.

Според ова, не само што не е точно дека Царовска не сакала да одговори на прашањата на советниците на ВМРО-ДПМНЕ, туку, токму спротивно, нејзиниот обид да го стори тоа, како и да објасни што е, всушност, вистината за Стратегијата против која се крена толкава прашина, беа попречени од страна на ВМРО-ДПМНЕ.

Сите овие елементи јасно наведуваат на оценка дека изјавата на Милевски во сите свои наведени сегменти е невистинита, но и манипулативна.

 

ИЗВОРИ:

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција