Советот на јавни обвинители не може да ја разреши Катица Јанева без согласност од Собранието

Пред кого и за што одговара специјалната јавна обвинителка Катица Јанева за својата работа? Може ли Советот на јавни обвинители да ја разреши поради несоставувањето записник при примањето на материјали од лидерот на СДСМ, Зоран Заев? Ова се прашањата кои деновиве се поставуваат во јавноста, имајќи ги предвид бројните напади врз Катица Јанева кои интензивно ги спроведуваат провладините медиуми.

 

Пред кого и за што одговара специјалната јавна обвинителка Катица Јанева за својата работа? Може ли Советот на јавни обвинители да ја разреши поради несоставувањето записник при примањето на материјали од лидерот на СДСМ, Зоран Заев? Ова се прашањата кои деновиве се поставуваат во јавноста, имајќи ги предвид бројните напади врз Катица Јанева кои интензивно ги спроведуваат провладините медиуми.

 

Пишува: Ана Анастасовска

 

Провладините медиуми водат интензивна хајка против специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, на која преку анонимни извори, наводни кривичари, ѝ се упатуваат дури и закани за нејзино разрешување, како и казна затвор до три години. Причината за ова, според нив, е несоставувањето записник при примањето на материјалите кои лидерот на СДСМ, Зоран Заев, ги достави во специјалното обвинителство на 30 декември минатата година.

Приказната прв ја започна дневниот весник „Дневник“ кој објави:

Од разрешување од функцијата јавен обвинител поради нестручно и несовесно вршење на функцијата, па до елементи за злоупотреба на службена положба и овластување, за која следува казна затвор од шест месеци до три години. Ова го предвидуваат Законот за јавното обвинителство и Kривичниот законик за суштинска и битна повреда на Законот за кривичната постапка, како што е несоставувањето записник од специјалната јавна обвинителка Kатица Јанева при предавањето на материјалите од незаконско прислушување од страна на лидерот на СДСМ Зоран Заев. Потврда за ваквите можности „Дневник“ доби и од повеќе кривичари и јавни обвинители.

Притоа, весникот се повикува на Законот за кривична постапка наведувајќи дека „тој предвидува составување записник за секое преземено истражно дејство, бидејќи од тоа понатаму зависи текот на постапката“. Но, она што авторот на овој текст го пропуштил, е да го цитира целосно овој член од ЗКП, а тоа е членот 75, став 1 во кој јасно е наведено дека:

За секое дејствие преземено во текот на кривичната постапка ќе се состави записник истовремено кога се врши дејствието, а ако тоа не е можно, тогаш непосредно потоа.

 

„ПРОБЛЕМОТ“ СО ЗАПИСНИКОТ

Во случајот со предавањето на материјалите од стрaна на Заев, правниците објаснуваат дека Специјалното јавно обвинителство не било во можност да состави веднаш записник, бидејќи материјалите не биле систематизирани.

Подносителот на материјалите, односно Зоран Заев, требало да направи ситематизација на истите, односно прецизно да доставел список со тоа што и колку материјали предава. Потоа, од обвинителството прават список и по него се проверуваат материјалите. Во случајов, таква систематизација немало и, како што објави и самата Катица Јанева, обвинителството само ќе направи систематизација, па потоа од направениот увид ќе се состави записникот и ќе се утврдува дополнително дали од тие материјали има основи за кривични дела – објаснува за „Вистиномер“ поранешниот обвинител, Јован Трпеновски.

Во врска со прозивките од провладините медиуми, дека Јанева не постапувала законски при примањето на материјалите од Заев, односно не составила записник, од специјалното обвинителство излегоа со спротивен став, дека се постапувало според законот.

Околноста што не е сочинет записник во моментот на самото предавање на материјалите не е пропуст во смисла на законските одредби. Појаснуваме дека се работи за материјал предаден на барање на јавниот обвинител, чија содржина е од сензитивен карактер и како таква подлежи на дополнителни проверки, класификација и постапување, а имајќи ги предвид законските одредби со кои се регулира класификацијата на информациите и заштитата на приватноста, појаснуваат од СЈО.

Советот на јавни обвинители во вторникот одржа седница, на која, како што информираше претседателот Петар Аневски, била донесена одлука дека на наредната седница ќе побараат од Јанева податоци за бројот на примени предмети од Заев, дали е направен записник при примопредавањето и други статистички податоци.

Според член 7, став 1 од Законот за специјалното јавно обвинителство, ова обвинителство одговара пред Советот на јавни обвинители и пред Собранието. Во ставот 3 од истиот член се наведува дека јавниот обвинител за своето стручно постапување, одговара само пред Советот на јавни обвинители, поради што ние имаме право да ги побараме овие податоци – рече Аневски.

Според Законот за СЈО, Советот на јавни обвинители не може да ја разреши Јанева, доколку за тоа не добие предлог од Собранието. Во членот 17, став 1 од Законот, јасно се наведува дека:

… престанокот на функцијата Јавен Обвинител кој раководи со Јавното Обвинителство ја утврдува Советот на Јавни Обвинители на предлог на Собранието на Репблика Македонија. Собранието на Република Македонија, предлогот го утврдува по претходна согласност на четирите политички партии со најголем број на пратеници во Собранието на Република Македонија, со двотретинско мнозинство, вклучувајќи и мнозинство од гласовите на пратениците кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство, и ќе го поднесе до Советот.

 

„ПРОБЛЕМОТ“ СО РАЗРЕШУВАЊЕТО

Во однос на наводите кои се појавуваат во јавноста за кривични пријави за Катица Јанева, Аневски оцени дека тие се несериозни и дека тоа нема да се случи.

Членот 68 од Законот за јавно обвинителство, на кој се повикува и „Дневник“, во ставот 1 предвидува дека:

Јавен обвинител се разрешува од функцијата:

– поради потешка дисциплинска повреда што го прави недостоен за вршењето на функцијата јавен обвинител пропишана со закон и

– поради нестручно и несовесно вршење на функцијата јавен обвинител под услови утврдени со закон.

Во членот 69 од истиот Закон е објаснето што се подразбира под поимот потешка дисциплинска повреда.

Потешка дисциплинска повреда за која се поведува постапка за дисциплинска одговорност на јавен обвинител се смета:

– потешка повреда на јавниот ред и мир со која се нарушува угледот на јавниот обвинител и јавното обвинителство,

– потешка повреда на правата и непочитување на честа и достоинството на странките и на другите учесници во постапката со што се нарушува угледот на функцијата јавен обвинител,

– недостојно однесување кон поединци, државни органи или други правни лица во врска со извршувањето на функцијата или надвор од неа,

– повреда на начелото на недискриминација по кој било основ и

– оневозможување на вршење надзор над работата на јавниот обвинител од страна на повисокото јавно обвинителство.

Во членот 71, пак е објаснето, што се подразбира под поимот нестручно и несовесно вршење на функцијата јавен обвинител.

Под нестручно вршење на функцијата јавен обвинител се подразбира:

– недоволна професионалност и стручност што влијае на квалитетот во работењето,

– непознавање на законите, ратификуваните меѓународни договори и други прописи,

– погрешна примена на законите, ратификуваните меѓународни договори и други прописи и

– неквалитетно изготвување на јавнообвинителски одлуки и други писмена.

(2) Под несовесно вршење на функцијата јавен обвинител се подразбира:

– грубо повредување на нормите на Кодексот на јавните обвинители со што се нарушува угледот на функцијата јавен обвинител,

– незаконито, ненавремено или немарно вршење на функциј ата јавен обвинител,

– пристрасен однос во постапувањето по предметите,

– неовластено издавање на класифицирани информации,

– неовластено изнесување на информации и податоци за обвинителски предмети и

– неоправдано одбивање или непостапување по упатствата издадени согласно со одредбите на овој закон.

 

Извори:

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција