Тасева: Нетранспарентноста и необразложените судски пресуди се линкуваат со корупција

Разговор со д-р Слаѓана Тасева, претседателка на Транспаренси интернешнл Македонија:

– Дали можеме да изведеме линк – макар и индиректен, помеѓу корупцијата и нетранспарентноста и нејавноста на судските постапкишто е загарантирано човеково право и со нашиот устав и закони и со член 6 од ЕКЧП?

Тасева: Мислам дека прашањето е комплексно и може да се одговори на повеќе начини, но дека сепак може да се воспостави директна поврзаност помеѓу корупцијата и нетранспарентноста односно исклучувањето на јавноста од судските постапки. Системот за електронска распределба на судските предмети кој требаше да обезбеди независно определување на судијата кој ќе суди по определен предмет, сосема затаи односно беше злоупотребен до степен што предметите се распоредуваа кај судии кои однапред се предодредени за да донесат посакувана одлука. Ваквата распределба на предметите не се објавува јавно, и тука недостасува транспарентноста и тоа се прави намерно за да се избегне интересот на јавноста.

Кога ова е направено, постапката може да се одвива јавно и транспарентно. Анализата на 12 правосилни судски случаи која Транспаренси Интернешнл ја објави неодамна покажа дека судските постапки формално се водат во склад со Законот за кривичната постапка, овозможено е присуство на јавност, а на обвинетите им е овозможен пристап до бранител и до доказите. Она што најчесто се случува е судските одлуки да не бидат добро образложени, да не се земаат во предвид решителните факти или доказите предложени од одбраната, а сето тоа оправдано со слободното судиско уверување. Јавноста на судските процеси како и обврската за јавно објавување на пресудите не влијае на нивниот квалитет до степен што судиите не се трудат да донесат образложени пресуди во кои пресудата и изречената казна ќе бидат поткрепени со образложение на решителните факти за секој дел од одлуката поединечно. Напротив, се носат необразложени пресуди, кои понатаму се потврдуваат во другите судски инстанци. Овде би можеле да воспоставиме по директна врска помеѓу корупцијата и работата на судството.

Проблемот со нетранспарентноста на постапките постои и во Јавното обвинителство, кое иако има јасни рокови за постапување и обврска да ја информира јавноста за текот на постапките, најчесто не постапува во дадените рокови, а информирањето на јавноста е целосно оневозможено со новиот правилник за комуникација со јавноста кој подразбира првин да се добие одобрение од раководителот на определено обвинителство.

– Судскиот систем на РМ има проблем и со навремено објавување на судските одлуки, особено во делот на целосни судски одлуки со образложенијата, но и со нивниот увид за пошироката јавност преку единствениот портал суд.мк. Што ова значи од аспект на транспарентност на судска постапка, на јавноста и на можниот линк со корупцијата? Што во суштина значи и за странките во постапката?

Тасева: Судиите немаат пракса навремено да ги подготват и да ги објават пресудите, а уште помалку тие можат навреме да се најдат во електронската база на судски одлуки. Ова целосно го оневозможува увидот во работата на судовите и било каква анализа на судските одлуки од страна на стручната јавност. Обврската за објавување на судските пресуди е воведена заради транспарентноста на судските одлуки, но и за да се даде можност на стручната јавност да коментира за начинот на кој се напишани пресудите, а особено за нивната заснованост на решителни факти и издржаност и за подобрување на судската практика.

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *