Ванхојте: Рокот од 18 месеци во Законот за СЈО го договорија Груевски и Заев без преговори

Вистиномер во соработка со агенцијата МЕТА, дојде до некои одговори околу досега непознатите детали за Законот за СЈО, за некои одредби кои се сметаат за реална опструкција во работата на Обвинителството. Според сведочењето на Питер Ванхојте, белгискиот посредник кој инситираше политичките лидери да си го почитуваат зборот – Законот во првична верзија бил без рокови, а денешниот рок го договориле Груевски и Заев, практично без преговори и покрај неговото предупредување дека рокот е прекраток

 

Пишува: Теофил Блажевски

Странците предлагале да нема рок, СДСМ предлагал рок од околу 2 години, а Груевски 18 месеци, по што Груевски и Заев се договориле да останата само 18 месеци за истраги и обвиненија од страна на Специјалното јавно обвинителство (СЈО).

Ова за „Вистиномер“ го сведочи тогашниот посредник во преговорите за излез од политичката криза Питер Ванхојте, со кого контактиравме во обид да ги расчистиме дилемите во јавноста како тој рок се нашол во Законот. Партиите, пак, иако беа прашани од агенцијата МЕТА на двапати, не одговорија на нашите прашања во оваа насока.

Сведоштвото на еден од најупатените во неколкумесечните преговори меѓу политичките партии, посредникот Ванхојте, сега го разјаснува не само тој момент, туку и неколку други поврзани околу Специјалнот јавно обвинителство.

 

ЗАКОНОТ ГО ПИШУВАЛЕ ДОМАШНИ ЕКСПЕРТИ ВРЗ НАСОКИ ОД СТРАНЦИ

Питер Ванхојте тврди дека првичниот драфт го пишувале поранешен јавен обвинител од Ирска, јавен обвинител од Белгија и јавен обвинител од Соединетите Амрикански Држави. Во таа верзија немало ограничување на рокот за истраги и покренување обвиненија, а мандатот бил пет години со можност да се продолжи. Од таа верзија на Законот, финалната ја подготвиле домашни експерти и во неа останале петте години, но по средбите во ноќта меѓу 14 и 15 септември 2015, рокот за истраги е скратен на 18 месеци.

Кога првичниот предлог беше напишан од група експерти ние решивме дека рокот треба да биде 5 години со можност за продолжување. По долги дискусии и покрај тоа некои прашања останаа отворени па ги поканивме лидерите на 4-те партии со намера да го затвориме ова прашање и да се постигне согласност околу името на Специјалниот обвинител. Околу прашањето за рокот од пет години, како што стоеше во драфтот,  СДСМ пристигна со предлог за пократок рок, дека нешто околу 2 години минимум би биле доволни. Одеднаш, Груевски предложи 18 месеци. По малку дискуија меѓу него и Заев, и покрај моите остри забелешки дека тој рок е прекраток, тие постигнаа согласност. Всушност за ова прашање немаше преговори меѓу нив двајцата. Груевски рече 18 месеци, Заев прифати“вели Ванхојте, кој на повторено прашање ни потврди дека предлогот бил пет години без ограничување за истрагите и подигнување обвинение.

Нему, како и на домашната експертска јавност им е сосема јасно дека станува збор за прекраток рок. Ванхојте вели дека „од перспектива на ВМРО ДПМНЕ е сосема разбирливо да обезбедат што помал рок за истраги, за да може преку опструкции СЈО да стигне до никаде“.

ВМРО ДПМНЕ перфектно добро знаат дека тие го контролираат судскиот систем (Јавното обвинителство, Кривичните судови, Врховниот суд и Уставниот суд). Се додека го контролираат овој систем, одлично знаат дека може да ги преживеат тие 18 месеци без посериозни последици, барем за водечките фигури.

 

ДОМАШНИТЕ ЕКСПЕРТИ БЕЗ ДИЛЕМА – НЕЗДРАВ КОМПРОМИС

Реакциите на овој рок од 18 месеци во Законот беа видливи следниот ден по неговото прифаќање во Собранието, а траат и денес.

Тој рок е прекраток и ја доведува искреноста на процесот – изјави уште на 16 сепетември 2015 година антикорупцискиот експерт и доктор на науки по кривично право Слаѓана Тасева.

Како може да се очекува дека 18 месеци ќе бидат доволни и како може после тоа постапката/истрагата да запре? Сепак сметам дека овој закон не може да ги стави настрана роковите на застарување од кривичниот закон и не треба, ако сакаме да се бориме против неказнивоста.

На Законот веднаш реагираше и професорот по Кривично право д-р Гордан Калајџиев. Тој неодамна ги повтори своите критики, оценувајќи дека рокот е вметнат за да прави проблеми, но и запраша „зошто другите се согласиле“.

Повеќе од очигледно е дека рокот е вметнат за да направи проблем. Тој има само една мала добра страна во сета своја нелегитимност, да изврши притсок, можеби, овие работи побрзо да се расчистат, кога тоа би било можно. Но, објективно има многу повеќе слабости…Би било логично дека таков рок, за таков криминал, ако сите сме сложни дека сакаме да се истера на виделина, напротив, да го продолжиме рокот.Овдека, буквално не можете да најдете трага од каде паднал рокот, кој бил фактор што го наметнал и зошто другите се сложилеизјави Калајџиев (31 минута од видеото)

За адвокатот Александар Тортевски, кој работи и како советник во СЈО, Обвинителството е „несакано дете“, а што се однесува до рокот, тој го оцени како „нездрав компримис“.

Треба да се сетиме како е избуткано тоа обвинителство. За огромен дел од власта тоа е несакано дете. И тоа има мани…. Меѓутоа, рокот е практично во спротивност со ЗКП и на целиот правен поредок на Македонија. Мислам дека тоа е нездрав компромис во носењето на тој закон, меѓутоа на авторите на овој закон и на оние што посредувале во тие разговори им личело дека е тооа подобро нешто отколку ништо. Сметале веројатно дека СЈО ќе успее добар дел да процесуира. (38 минута од видеото)

Изјавите на Калајџиев и Тортевски се дадени по повод едно годишнината од СЈО на телевизиски разговор за ТВ 21.

 

ПАРТИИТЕ ОСВЕН СДСМ, МОЛЧАТ, МОЛЧИ И ЈАНЕВА

Трагајќи по вистината околу тоа како овој рок е вметнат во законот, во соработка со агенцијата МЕТА упативме конкретни прашања  до сите четири политички партии. Одговорија единствено од СДСМ, но не конкретно на нашите прашања за текот на преговорите и за вметнување на рокот во Законот:

СДСМ во целост ги поддржува сите барања на Специјалното јавно обвинителство, за да може нормално да работи и да го истражи нелегалното прислушкување и индициите за криминал коишто произлегуваат од него. Се што досега побара СЈО, го поставивме како предлог во Собранието. Прашањето е зошто овие барања не беа поддржани од ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и ДПА и оневозможуваат СЈО да ја изврши улогата за којашто е формирано.

Ниту една друга партија не одговори на нашите прашања, а поради презафатеност, како што ни беше потврдено од СЈО, не добивме одговор ниту од ообвинителката Катица Јанева, на прашањето: дали кога се нафатила на оваа фнкција го увидела прекраткиот рок и дали можеби добила веување од лидерите на партиите дека подоцна тој ќе биде продолжен?

Од одговорот на СДСМ, се чини на прв поглед, дека навистина поддршката е безрезервна. Но, по првичниот Договор од Пржино, како и по Договорот за одложување на изборите на почетокот на 2016, па конечно и на последниот Договор од јули, прашањето за рокот не било никогаш повторно отворен. Ова ни го потврди и Ванхојте.

Да, во право сте. Јас лично не присуствував на ниту еден од овие состаноци во 2016, но од она што ми го кажаа инсајдерите од тие разговори, СДСМ никогаш не го покренал тоа прашње

Сега е појасно кој и како го вметнал рокот од 18 месеци во Законот. Но, зошто баш тој рок? Зошто не 12 или 15 месеци, иако Ванхојте вели дека странците биле согласни  воопшто да нема никакво ограничување во истрагите во поглед на роковите?

Експертот по кривично право, д-р Воислав Стојановски смета дека тие рокови се изведени од некои рокови запишани во Законот за кривична постапка, а кои се однесуваат на истрагите во врска со делата од организиран криминал.

Рокот можеби е изведен од новиот Закон за кривичната постапка, кој за предмети од областа на организираниот криминал, во Член 301 предвидува максимално траење на истражната постапка од 18 месеци. Овој рок започнува да тече со почетокот на истражната постапка (откако обвинителот утврдил дека постојат основани сомненија за сторено кривично дело), но не се однесува на предистражната постапка (времето потребно за утврдување на таквите сомненија). Според тоа, СЈО за разлика од другите обвинителства е ограничено со значително покус рок за разгледување и работа по предметите во негова надлежност.

Стојановски вели дека не знае кој го пишувал законот, а предлагачи беа координаторите на четири политички партии. Нo, нему му пречи усвојување на вакви суштински закони преку ноќ, без расправа:

Не е спорно во подготвувањето на законите да учествуваат и странски експерти, но недемократски и спротивно на принципот на владеење на правото е закон за кој е потребно двотретинско мнозинство да биде усвоен во скратена постапка и без никаква стручна и јавна дебата.

 

ВАНХОЈТЕ: НЕМА МЕСТО ВО ЕУ ЗА ВАКВА МАКЕДОНИЈА

Она што пречи во крајна инстанца околу овој Закон, па и околу неносењето на измените на Законите за заштитени сведоци и за заштита на укажувачите – нешто на што инсистираше СЈО уште од април 2016 година, сепак е крајниот резултат. А тој ќе биде стеснет временски рок за истраги на она што навистина се случило во Македонија со прислушкувањето и со сите други индиции произлезени од тоа, а кои укажуваат на организиран криминал и на висок степен на корумпираност и непотизам во сите сфери. Ако пак, не се завршат сите овие истраги и не се разрешат во судскиот систем, тоа само го зголемува нивото на невладеење на правото и степенот на неказнивост, а сето заедно ги уназадува демократските процеси и човековите права.

Тоа го оценува и Ванхојте, кој сето ова го поврзува со назадување од евроатлантските интеграции:

Верувам дека нема место за Македонија во ЕУ, се додека лидерите на политичките партии не го прифатат системот на одговорност, кој е клучен за една демократска заемја. Фактот дека правосудството не е независно и е контролирано од една партија е нешто што е против фундаменталните европски вредности и причина зошто македонија не стартува со преговорите за влез во ЕУ. Во споредба со ова прашање, прашањето за името со Грција е минорно и може да се реши со само малку добра волја од двете страни – заклучува Ванхојте.

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *