За Вистиномер

Преку објавување на Вистиномер.мк (www.vistinomer.mk), Фондацијата „Метаморфозис“ става на располагање на јавноста уште една алатка за зголемување на отчетноста и одговорноста на партиите пред граѓаните.

Вистиномер.мк, преку тим на стручни лица од соодветните области, ги анализира ветувањата на политичките субјекти и ги презентира во лесно читлива, агрегирана форма, заедно со систематски статистички податоци. Секое идентификувано ветување добива оценка според степенот на исполнетост: исполнето, делумно исполнето или неисполнето. Ветувањата кои се нелогични или искажани на начин што оневозможува да се проверат се означени како недоследни.

Преку запознавање со ветувањата и со аргументите од објасненијата, граѓаните се едуцираат како да ги читаат и интерпретираат изборните програми и платформи, како и самите да следат и да оценуваат колку од тоа што е напишано и ветено се исполнува.

Вистиномер.мк ќе продолжи да функционира долгорочно и ќе го следи остварувањето на предизборните ветувања на победниците, како и изјавите на политичарите кои може да се класифицираат како ветувања.

Основна намена на Вистиномер.мк е да го зголеми знаењето на граѓаните, медиумите, невладините организации, но и на партиите и нивните членови кои преку него имаат прилика да се запознаат и со низа аспекти на политичкиот процес од Македонија.

Работата на Вистиномер е поддржана од следните донатори кои работат на развој на демократијата:

  • НЕДНационална фондација за демократија (National Endowment for Democracy – ned.org), финансирана од Конгресот на САД, во периодот од април 2011 г. до јуни 2019 г. 
  • БТД – Бaлкански фонд за демократија на Германскиот Маршалов фонд на САД (Balkan Trust for Democracy of the German Marshall Fund of the United States – gmfus.org)во периодот од јули 2017 г. до јуни 2018 г. 
  • ФООМ – Фондација отворено општество – Македонија (fosm.mkво периодот од јули до декември 2018 г.  

Со објавувањето на Вистиномер во 2011 г., како и со претходната веб-апликација Гласомер.мк (glasomer.mk), Фондацијата „Метаморфозис“ jа продолжи регионалната соработка со граѓанските здруженија „Зашто не“ од Босна и Херцеговина и ЛиНет од Србија за примена на нови технологии за поголема транспарентност, поддржана од НЕД, како дел од напорите за развој на демократијата во регионот. Метаморфозис ја продолжува соработката со организациите кои работат во оваа област преку регионалната мрежа ACTION SEE и глобалната мрежа International Fact-Checking Network.