Клаус Шваб не е однесен во болница во тешка состојба

Принтскрин Јутјуб видео

Објавата шири невистини дека основачот на СЕФ, Клаус Шваб е сериозно болен и во болница. Портпаролот на СЕФ за странски проверувачи на факти изјавил дека Шваб е во добра здравствена состојба и не бил во болница последните месеци

Објавата шири невистини дека основачот на СЕФ, Клаус Шваб е сериозно болен и во болница. Портпаролот на СЕФ за странски проверувачи на факти изјавил дека Шваб е во добра здравствена состојба и не бил во болница последните месеци

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Глобалистичкиот психопат Клаус Шваб од Светскиот економски форум бил однесен во болница во тешка состојба, што значи дека Бог можеби е подготвен за “build back better.”

А време е и тој да прими ковид бустери, заслужено.

Бројни релевантни и етаблирани сервиси за проверка на факти на светски медиуми, пишуваат дека  информацијатa оти Клаус Шваб бил однесен во болница во тешка состојба е непоткрепена, односно нема докази за ваквото тврдење. На пример, Ројтерс пишува:

Широко споделуваните објави на социјалните мрежи дека основачот на Светскиот Економски Форум, Клаус Шваб е сериозно болен и во болница се неосновани, според портпаролот на СЕФ.

Објавата се појавува на бројни платформи и е прегледана милион пати во многу држави, вклучително и Велика Британија.

Портпаролот на СЕФ испратил изјава за „Ројтерс“ во која негирал дека Шваб е болен и додал дека не бил во болница во последно време.

Може да потврдам дека професорот Шваб е во одлична здравствена состојба и не бил во болница во последно време, изјавил тој за Ројтерс на 23 април, додавајќи дека овие тврдења се целосно неосновани и дека многу организации и поединци се жртви на растот на дезинформациите.

Исто така, нема кредибилни медиумски извештаи дека Шваб наводно бил хоспитализиран во април 2024 година.

Дури постојат и медиуми, кои откако биле запрашани од страна на „Ројтерс“ за коментар за написот со содржина дека Шваб е во болница – го избришале истиот од нивната платформа и се извиниле. Таков бил случајот со Викли Крајер .

Како што објавуваат проверувачите на факти на друг светски сервис, „Асошиејтед Прес“, објавата за наводната хоспитализација на Шваб се појавила првпат на сајт што објавува „сатира, комични колумни и едиторијали“. Но, и за „Асошиејтед прес“ од Светскиот економски форум ги демантирале наводите за хоспитализација и лоша здравствена состојба на претседателот на СЕФ.

До истите сознанија дошле и проверувачите на факти на „Ју Ес Еј Тудеј“, како и на Политифакт и на Фул Фект.

Светскиот економски форум е невладина организација која ги поврзува политичките, културните и бизнис лидерите во светски рамки за решавање на глобални проблеми. Често оваа организација е мета на лажни вести и теории на заговор. Вистиномер претходно рецензираше некои од нив (овде, овде).

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција