Предвремени парламентарни избори заедно со втор круг на претседателските избори

izb_g_0Во изминатиот период во медиумите во Р. Македонија, постојано од страна на голем број како новинари така и експерти, се шпекулира со можноста за предвремени парламентарни избори, кои доколку се одржат се очекува тоа да се случи заедно со вториот круг на претседателските избори.

Според Уставот на Р. Македонија, Член 63:

“… Избори за пратеници во Собранието се одржуваат во последните 90 дена од мандатот на стариот пратенички состав или во рок од 60 дена од денот на распуштањето на Собранието. “

Доколку се работи за предвремени парламентарни избори како што е во случајот, според Изборниот законик на Државната Изборна Комисија, Член 15:

“…Предвремени избори за пратеници се спроведуваат во согласност со одредбите на овој законик, а сите рокови за изборните дејствија се скратуваат за пет дена, освен рокот утврден за спроведување на изборната кампања”

Ова значи дека распуштањето за Собранието на Р. Македонија, треба да се случи 55 дена пред денот на изборите, односно со 5 дена разлика споредено со регуларните парламентарни избори, кои се одржуваат во рок од 60 дена, по распуштањето на Собранието на Р. Македонија.

Првиот круг на гласање за претседателските избори е закажан за 13ти април, а според Уставот на Р. Македонија, Член 81:

“… Вториот круг на гласање се одржува во рок од 14 дена од завршувањето на првиот круг на гласањето. За претседател е избран кандидатот кој добил мнозинство гласови од избирачите кои гласале, доколку гласале повеќе од половината избирачи”.

Тоа би значело дека вториот круг на гласање за Претседател на Р. Македонија, би се одржал на 27ми април.

Доколку постои поклопување на парламентарните избори со вториот круг на претседателски избори, Собранието на Р. Македонија треба да се распушти 55 дена пред 27ми април, односно  на 3ти март.

Поклопувањето на овие два избора, од една страна би ја гарантирала потребната излезност во вториот од 40% за успешен избор на Претседател на Р. Македонија. Од друга страна, според директорот на ДИК, Никола Рилкоски, одржувањето на втор круг претседателски и предвремени парламентарни избори во ист ден, ќе придонесе кон поклопување на изборниот молк во рамките на претседателската кампања со кампањата за предвремените парламентарни избори.

Од страна на опозицијата и на власта се уште нема официјален одговор дали овие претпоставки ќе се остварат. Сепак останува само  точно една недела до 3ти март, рокот предвиден за распуштање на Собранието на Р. Македонија, доколку предвремените парламентарни избори се одржат паралелно со вториот круг на претседателските избори, и кога дефинитивно ќе се знае дали ќе има предвремени парламентарни избори оваа пролет или не.

Линкови:

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција