Ѓорѓе Иванов – пет години чекорење наназад во евроатлантските интеграции

Реториката во предизборната кампања на претседателот Ѓорѓе Иванов денеска е сосема различна споредено со пред 5 години. Разликите се драматични и тие се резултат на ќорсокакот во кој западна Република Македонија во однос на евроатлантските интеграции и петгодишната стагнација и назадување на овој план.

 

 

 

Иако со нејасна слика што го чека, во 2009 година Ѓорѓи Иванов имаше барем ентузијазам за разрешување на проблемот со името и стигнување кон целта на патот до евро-атланстските интеграции. Денес тој ентузијазам го нема, нема нови идеи, нови предлози, има само цврсти и неменливи позиции, кои е тешко и да се сменат и заради ригидните ставови на владејачката партијата што го предложи, но и заради на целиот процес на антиквизација, кој остави чувство на горчина во македонско-грчките односи. И актуелната предизборна програма и новите настапи на Иванов значат нова рововска битка во преговорите за името во која македонските власти немаат оружје што можат да го употребат, а за муниција и да не говориме.

 

Пишува: Владимир Петрески

 

„Со нетрпение очекуваме да соработуваме со новоизбраниот претседател Ѓорге Иванов, за да ѝ помогнеме на Македонија да постигне целосна евро-атлантска интеграција, колку што е можно поскоро“, изјави портпаролот на Стејт Департментот Енди Лејни за Гласот на Америка на македонски јазик.

7. април 2009 година

Реториката во предизборната кампања на претседателот Ѓорѓе Иванов денеска е сосема различна споредено со пред 5 години. Разликите се драматични и тие се резултат на ќорсокакот во кој западна Република Македонија во однос на евроатлантските интеграции и петгодишната стагнација и назадување на овој план.

Ако пред 5 години, по дебаклот на Букурешкиот самит на НАТО, Иванов говореше со ентузијазам за македонската иднина во ЕУ и НАТО, денес, многу почесто и попрво говори за теми како што се: државното единство, („државата пред сѐ“), па дури и теми од економијата, какви што се странските инвестиции и работните места, за кои едноставно има минорни ингеренции.

Кога станува збор за името, во оваа предизборна кампања Иванов ги повторува истите зборови, зборови кои веќе неколку години наназад ги слушаме и од премиерот Никола Груевски. Тие се дел и од неговата актуелна претседателска предизборна програма:

„Не прифаќам промена на Уставот со цел промена на уставното име. Не прифаќам идеи или предлози што би ги загрозиле македонскиот национален идентитет, посебноста на македонската нација, македонскиот јазик и македонскиот модел на соживот. Како Претседател, нема да дозволам решение за спорот наметнат од Грција, без претходно за тоа да се изјаснат македонските граѓани на референдум, а при тоа мнозинството од граѓаните кои ќе излезат на референдумот да се согласни со решението.“

Горниот цитат го има насекаде: во неговите говори на митинзите, во отчетот, а беше кажан и во неговите редовни годишни обраќања до пратениците. Овие зборови го претставуваат и „вториот столб“ во предизборната програма на Иванов веднаш зад барањето за државно единство и пред сѐ друго. Од друга страна, пак, она што на минатите избори беше главна тема за Иванов, евро-атлантските интеграции, тие се сега далечен осми столб, додека, пак, „јакнењето на Системот за национална безбедност“, за кој претседателот има значителни ингеренции како врховен командант на вооружените сили, поминува уште полошо и е на 12-то место, дури и после „регионалната соработка со земјите од Југоисточна Европа“ и „поддршка на клучни регионални инфраструктурни проекти“.

Во првиот текст, првото обраќање од новата актуелна предизборна програма, насловен „Порака до граѓаните“, прашањето за името и евро-атлантските интеграции не се ни спомнуваат. Но, затоа се спомнуваат „новите работни места“ и програмата за реизбор на претседателот Иванов личи како да е правена во значителна мера да биде поддршка на напорите на ВМРО-ДПМНЕ на парламентарните избори, наместо да биде обратно – партијата која го предлага за претседател да му ја даде целата можна поддршка на својот претседателски кандидат. Од друга страна, пак, ова и не треба да чуди. И тоа особено ако се погледне како се организирани митинзите на владејачката партија каде што премиерот Груевски говори прв и далеку подолго од Иванов, додека тој чека да му дојде редот.

Времето на какви-такви надежи: 2009 година

 „Сега е време за натамошно засилување на евроинтегративниот процес на Македонија.“

Од предизборната програма на Ѓорѓи Иванов во 2009 година.

А, не беше секогаш вака. Во 2009 година, настрана гафовите (со кои овде нема да се занимаваме) предизвикани од очигледното тогашно политичко неискуство и неуспешните обиди за хумор и духовитост, кај Иванов барем имаше една искра, една енергија и очигледна волја за внесување на земјава во ЕУ и НАТО, а како предуслов на тоа разрешување на спорот со името. Многупати повторуваното ветување на Иванов на изборите во 2009 година беше дека ќе организира и одржи средба со грчкиот претседател. Тоа никогаш не се случи. Денеска, прашање е колку таква средба во Скопје, на пример, би била можна – грчки политичар нема да сака да слета на аеродром кој се вика Александар Македонски, да патува по автопат чие име е Филип Втори Македонски. Ќе треба да слета во Приштина и оттаму да дојде со автомобил – како што тоа го направи грчкиот министер за надворешни работи, Евангелос Венизелос, при посетата во февруари во својство на министер за надворешни на земја претседавач на Советот на министрите на ЕУ.

На претходните претседателски избори Иванов во своите говори најпрвин се фаќаше во костец со евро-атлантските интеграции. Еве што велеше неговата тогашна програма за интегративните процеси во поглавјето „Македонија: Дел до европското семејство на држави и нации“:

„Сега е време за натамошно засилување на евро-интегративниот процес на Македонија…“

„Местото на Република Македонија е во Европската унија. Македонија ја ситуира својата идна позиција во отворена Европа. Наша трајна заложба остануваат европските интеграции. Географската положба, историјата и културата ја чинат Република Македонија составен дел на европската цивилизација. Нашата држава е дел од европскиот простор кон кој припаѓаме културно, цивилизациски и политички. Европската унија е нашата цел. Македонија е дел од Европа и ги негува вредностите на демократија, човекови права и владеење на правото. Македонија е подготвена да го преземе својот дел од обврската за иднината на Европа според вредностите на европската заедница…“

„Силно сме определени да учествуваме во големиот проект на градење на целосна и слободна Европа…“

„Идеите на Крушевскиот Манифест ја имаат истата визионерска нишка како и ставовите на творците на модерна Европа. На патот од Илинден до Европа, во визиите и делата на македонските преродбеници и дејци, Македонија беше замислена како дом за сите – место чиј што дел се сите оние што сонуваат за светот како поле за културен натпревар меѓу народите. Европскиот идентитет произлегува од идентитетот на секоја од европските нации испреплетени со заеднички културни вредности. Македонскиот идентитет е претпоставка за нашиот европски идентитет. Затоа, името не е споредно прашање. Тоа е темел и столб на нашата европска припадност.“

Нема ни збор за Александар Македонски, Филип и слично. И за Иванов во 2009 главни беа идеите на илиденските дејци при што нивната желба за самостојна Македонија тој директно ја врзува со желбата на огромното мнозинство Македонци во 2009 година за членство во ЕУ и НАТО.

ivanov-utrinskiНеговиот ентузијазам во однос на разрешувањето на проблемот со името и евро-атлантските интеграциите беше видлив и на тогашните негови настапи на митинзите, но и веднаш во неговата прва изјава по победата на 8 април 2009 година, како што извести Утрински весник:

Во првата изјава што ја даде Иванов по објавувањето на победата во „Холидеј ин“, видно возбуден рече дека гласовите со кои му е искажана довербата претставуваат обврска да ја преземе „одговорноста за европска Македонија, без шенген-визи и членка на НАТО“. Наредниот ден тој го повтори ставот дека по официјалното стапување на претседателската функција ќе иницира средба на претседателско ниво на Македонија и Грција.

„Кампањата и изборот беа најлесниот дел, допрва нѐ чекаат сите предизвици за достоинствен живот, нашето интегрирање во ЕУ и во НАТО и завршување на спорот со името. Ќе настојувам сите институции во државата да се фокусираат на тоа прашање, да дадеме целосен придонес за решавање на овој спор и доаѓаме до она што во програмата и во текот на кампањата го именувавме како разумен компромис, компромис кој нема да биде на штета на македонскиот идентитет“, рече Иванов.

Како што е редот, тој прими и честитки од тогашниот генерален секретар на НАТО, Јап де Хоп Шефер, Стејт Департментот на САД и тогашниот висок претставник на ЕУ за надворешна политика, Хавиер Солана, при што сите му посакаа успех и што побрзо да се фати во костец со проблемот со името. Но, уште тогаш веднаш се појавија првите сомневања.

Приказната за моторите и кочниците

 „Претседателот мора да биде моторот на евро-атлантските интеграции на Македонија“,

Ѓорѓи Иванов, 2009 година

Иванов никогаш не проговори за евентуалниот план како да се стигне до посакуваната цел и не се помрдна од двојната формула, која уште тогаш беше одбиена од грчката страна. Потоа дојде несреќниот и никогаш необјаснет „разумен компромис“ со пропратната сосема исто именувана тавтологија: “Разумен компромис е разумен компромис“.

Но, сепак, ако ништо друго, од настапите на Иванов, се гледаше заинтересираност за фаќање во костец со ова прашање. Еве што рече на 23 февруари 2009 година:

„Во претстојниот период нашата енергија ќе биде насочена, пред сѐ, кон добивање датум за почнување преговори за членство во ЕУ, бидејќи тоа е највисок приоритет на земјава оваа година“, потенцира претседателскиот кандидат, додавајќи дека европските вредности ќе бидат мотив за неговата  надворешна политика.

„Претседателот мора да биде моторот на евро-атлантските интеграции на Македонија“, потенцира Иванов, според кого е важно да постои соработка меѓу институциите. Македонија, според него, нема да отстапи од градење добрососедски односи, а дел од неговата програма ќе биде отворена политика кон сите соседи и наоѓање заеднички решенија на сите проблеми.

Сепак, знаеше да биде и контрадикторен, па во истиот напис да каже:

Во врска со проблемот со името, Иванов вели и „дека никој нема право да бара промена на името на една земја, бидејќи во историја на дипломатија, во историја на меѓународни односи во меѓународното право не постои акт, документ, институција, процедура која може да ви наметне да си го промените името, значи сите аргументи се на наша страна“.

Но, и од говорите, како ова инаугурално обраќање како новоизбран претседател во Собранието на 12 мај 2009, се гледаше искрена намера за справување со предизвикот:

„Почитувани, пред нас е исправен уште еден голем предизвик. Предизвик кој најсилно и најјасно ќе ги потврди нашата историска мудрост, нашите национални стремежи и нашето место во светот. Овој предизвик се вика европска Македонија.“

„…Мојата политичка агенда е јасна и недвосмислена: Македонија членка на НАТО и на Европската Унија, силна, почитувана и рамноправна, а нејзините граѓани горди, богати и среќни. За таа цел, Македонија продолжува да чекори без запирање, да чекори на патот на евроатлантските интеграции, водејќи одговорна надворешна и внатрешна политика, посветено спроведувајќи ги највисоките стандарди.“

Во своето, пак прво годишно обраќање пред пратениците на 23 декември истата 2009 година, тој се осврна на првиот целосно позитивен извештај и препораката од Европската комисија за започнување на преговорите, кои, како што е познато, никогаш не започнаа:

„Во текот на 2009 година Македонија забележа извонреден успех на планот на евроинтеграциите. Македонија успеа за првпат да добие целосно позитивен извештај на Европската комисија и препорака за почнување на преговорите. Повеќегодишниот процес кој го обедини македонското општество, доби своја позитивна и конкретна завршница на една значајна фаза.“

Како што денеска добро знаеме, не станува збор за никаква „позитивна и конкретна завршница“. До ден денешен позитивните извештаи на Европската комисија и редовните годишни препораки за започнување на преговорите се користат и „продаваат“ како успеси, иако од нив не видовме никакво фајде.

Од друга страна, пак, еве што рече Иванов на неговото последно обраќање до пратениците на 23 декември 2013 година:

„Во 2009 година, во моментот кога ја преземав должноста претседател, на надворешно-политички план, Република Македонија сè уште закрепнуваше од неправдата од Букурешт. Оптимизмот со кој го очекувавме нашето заслужено членство во НАТО се претвори во огромно разочарување.

Но, за неполни пет години работите се сменија, затоа што не потклекнавме и не прифативме непринципиелни ултиматуми.

Имавме голема правна и морална победа со пресудата на Меѓународниот суд од Хаг.

Целиот мој мандат е проследен со позитивни извештаи од Европската комисија за напредокот на Македонија. Пет години по ред добиваме препораки за почеток на преговорите за членство во Европската унија.“

Проблемот е само што ни пет, ни десет позитивни извештаи не нѐ приближуваат до ЕУ, како што тоа не го направи ни пресудата од Хаг, која, се чини дека е уште една важна точка на стратегијата за преговорите за името на актуелните власти. Уште повеќе, тие имаат намера пресудата од Хаг да ја стават пред Советот за безбедност на Обединетите нации, иако е нејасно што тоа би можело да донесе, освен уште една „морална победа“, која, исто така, не нѐ приближува до целта:

„Создадени се услови да се побара од генералниот секретар на Обединетите нации, во согласност со неговите надлежности, да поднесе извештај до Советот за безбедност на Обединетите нации за состојбата во која се наоѓаат разговорите што ги води медијаторот Нимиц. Создадени се услови да се побара од Советот за безбедност ефектуирање на пресудата на Меѓународниот суд на правдата.“

Ваквиот чекор уште повеќе ќе ги зацврсти „рововските позиции“ на двете страни, како што во 2009 година рече самиот Иванов, анализирајќи ја состојбата после Букурешт, при што анимозитетот има шанси уште повеќе да се зголеми. Тогаш се поставува прашање дали ќе нѐ чека уште едно Скопје 2014 или можеби нешто уште поскапо, со уште погротескни споменици и уште повеќе објекти со имиња Александар и Филип низ целата држава.

Заглавениот лифт сѐ уште стои

„Највисок приоритет во текот на мандатот ми беше одржување на мирот, стабилноста и безбедноста на државата.“

Ѓорѓи Иванаов, 23 декември 2013 година

Доаѓањето на Иванов на власт како претседател во 2009 година се случува после Букурешт, кој претставуваше силен удар за македонските надежи за надминување на проблемот со името и Иванов, барем на површината, беше свесен за тоа:

„Сега сме ние во еден заглавен лифт, блокирани сме и имаме некој статус на блокирана земја, тука е сега големата опасност, бидејќи сами знаете кога ќе заглавите во лифт, во даден момент почнува ксенофобија, почнува страв и почнува меѓусебно пресметување.“

Со оваа оценка тој беше во право. Проблемот е само што земјата е сѐ уште заглавена во истиот лифт и ѝ после 5 години од неговото претседателствување таа не е ни чекор поблиску до било какво решение. Првите знаци дека „почнува страв и почнува меѓусебно пресметување“ веќе ги видовме со немирите на Бит Пазар и пред Владата на 2 март лани, а на политички план и претходно –  на 24 декември 2012 година, кога опозицијата беше насилно истерана од Парламентот.

Проблемот е што Иванов спокојно си седеше во заглавениот лифт со име Македонија, гледаше што се случува и не само што не кажа ни збор, туку целосно се стави на страната на власта која го предложи, ги фати и ги бранеше нејзините позиции. Кога почна процесот на антиквизација преку поставувањето на спомениците во 2010 година, именувањето на редица објекти Александар и Филип и градењето на барокните згради, Иванов го немаше никаде. Иако знаеше, или барем мораше да знае дека со таков проект едноставно се закопуваат шансите за било каков компромис, без оглед дали бил разумен или помалку неразумен. Тој толку замолкна во таа прилика и се изгуби, што никој не ни бараше мислење од него, зашто тогаш веќе се знаеше дека одговор или нема да се добие, а и да се добие тој ќе биде небитен зашто сите конци ги влечеше премиерот Никола Груевски.

Неговото конечно свртување се виде на веќе спомнатото обраќање до пратениците на 23 декември лани. Освен две неуверливи реченици на почетокот („Наспроти пречките и блокадите, во изминативе години нашата меѓународна позиција зајакнува. Стекнуваме сè повеќе партнери, пријатели и поддржувачи во Европската унија, во НАТО, во светот.“), кои се крајно сомнителни (која тоа наша меѓународна позиција зајакнува, кои се тие толку бројни поддржувачи кои не ги знаеме), ова излагање е сосема спротивно од она во 2009 година.

Евро-атлантските интеграции повеќе не се највисок приоритет, туку највисок приоритет е нешто друго:

„Највисок приоритет во текот на мандатот ми беше одржување на мирот, стабилноста и безбедноста на државата.“

Највисок приоритет не е ни европската иднина на земјата и убедувањето на земјите членки да ја поддржат Македонија, туку „зацврстувањето на меѓународниот углед“ и некакво чудно вртење кон Обединетите нации, но и познатото вртење кон Русија и Кина, при што придобивките од сето ова остануваат нејасни и во никој случај не можат да се мерат со членството во НАТО, како најсилна одбранбена алијанса на светот и во ЕУ, каде што оди 60 отсто од македонскиот извоз:

„Подеднакво внимание посветував и на европските и на воневропските центри. Тоа, секако, даде резултати.

Со поддршка од дури 177 земји-членки на Обединетите нации, Македонија беше избрана за членка на Советот за човекови права на Обединетите нации. Тоа е признание за заложбите на Македонија за заштита и за промовирање на човековите права и правото на човечко достоинство.“

Постојано работев на унапредување на старите и создавање нови пријателства за Македонија. Со сите постојани членки на Советот за безбедност на Обединетите нации, Соединетите Американски Држави, Руската Федерација, Народна Република Кина, Обединетото Кралство и Франција, ги продлабочувавме старите и градевме нови односи.

otchet-ivanovВо ситуација кога нема успеси и отчетот на Иванов изгледа многу чудно. Тој започнува со фотографии од средбите со странски државници, какви што во своето портфолио има секој претседател на држава, а првото поглавје воопшто не е ни посветено на евро-атлантските интеграции, туку на отворање „пат за нови пазари“ и создавање “нови економски можности за македонските производители“, по што се вели: „во таа функција беа и посетите на Казахстан, Азербејџан, Катар, Кина…“ Секој оној што малку се разбира во македонската меѓународна трговија добро знае дека со овие земји не тргуваме воопшто. Потоа, се вели дека се „продлабочени“ односите со САД, иако не се кажува како, за потоа вниманието веднаш да се сврти кон Русија и Кина и средбите со нивните државници. Тука се спомнува и Јужен тек, кој се прогласува за голем успех, што е крајно проблематично по повеќе основи. Како прво, Македонија ќе се поврзе кон Јужен тек многу посредно преку крак кој ќе поминува првин низ Србија, понатаму ова уште повеќе ќе нѐ направи зависни од рускиот гас, од каде веќе и онака добиваме 100 отсто до гасот, а колку е паметно да сте толку зависни од Путин и руските петрократи и тајкуни доволно е само да се праша Украина, а особено е загрижувачки фактот што гасоводот ќе го гради компанијата „Стројтрансгаз“, која е во сопственост токму на руски петрократ, личен пријател на Путин и кој оваа зделка ја доби без тендер за непозната сума пари.

Потоа, дадена е една збунувачка статистика за средбите со претседателите на земјите од регионот, при што испаѓа дека Иванов се сретнал 21 пат со претседателот на Албанија или повеќе од еднаш на три месеци во просек, додека со претседателите на Србија и Црна Гора се сретнал 17 пати или над 3 пати годишно во просек. Со претседателите на 10-те земји од регионот Иванов остварил вкупно 112 средби во период од 60 месеци или речиси по две средби месечно. Зошто имало потреба од ова и што се постигнало, не е кажано. Како што и не е спомнато дека, всушност, не станува збор за вистински средби на двајца државниците, туку на заедничко учество на самити, конференции и слично, кои во програмата се наведени како „средби“ за да личат на голема активност. Но, дури и да ги гледаме како такви, само четири земји со чии претседатели Иванов толку многу „се среќавал“ се членки на ЕУ (Романија, Бугарија, Хрватска и Словенија), но ниедна од нив не е со значителна моќ и влијание да се скрши препреката за нашето членство во Унијата. Се разбира, од листата земји веднаш се забележува дека недостига средба со претседател на Грција.

Зафаќање позиции за уште 5 години лет во место

„Ќе инсистирам нашите сојузници во НАТО да ја почитуваат пресудата на Меѓународниот суд на правдата“.

Од предизборната програма на Ѓорѓи Иванов, 2014 година

Дури потоа следи поглавјето кое се однесува на ЕУ и кое е, всушност, оправдување зошто сѐ уште не сме во Унијата, при што е опишана состојбата со проблемот со името. Работите стануваат уште понејасни во продолжение, при што следи поглавје со наслов „Република Македонија – име, идентитет, традиција“ во кое на македонските граѓани им се објаснува зошто е важно името и тоа на начин што претседателот Иванов се цитира самиот себеси, односно еден од своите говори преполн со национален патос:

„Името и идентитетот се дел од нас и ние сме дел од нив. Името и идентитетот се како река што тече со векови… Да се откажеме од идентитетот е како да се бара да ја исушиме реката чија вода ја пиеме, чии плодови ги јадеме, река од која живееме и ние, како што живееле и нашите предци пред нас, како што треба да живеат и нашите потомци по нас.“ Пелинце, 2 август 2013

Во ова поглавје може да се сретне и ваква реченица:

„…на многубројните средби успеав да ги убедам странските претставници дека прашањето за името и идентитетот е прашање за човекови права и правото на човечко достоинство.“

Ако претседателот бил толку убедлив, тогаш се поставува прашањето каде се резултатите од таквата убедливост. Тоа е прво, а втор е фактот што на граѓаните на Македонија нема потреба никој да им кажува за значењето на нивното име и идентитет. Ако тие за некоја тема се имаат изнаслушано во изминатите 23 години, тоа се темите поврзани со името и идентитетот. Главниот проблем е што отчетот по дефиниција треба да каже што е направено, а не да служи за поткревање на националната гордост или оправдувања за ненаправеното. Но, во ваква ситуација во која се наоѓа Иванов, се чини тоа е единствен излез.

Оттука па натаму реториката на Иванов продолжува да зачудува кога ќе се слушнат неговите говори на митинзите во текот на оваа кампања. Покрај тоа што тој има „втора позиција“ зад премиерот, тој постојано говори за работи кои не се во негова надлежност, туку во надлежност на Владата. На митинзите повеќе говори и за успесите на Владата (онака како што таа ги гледа) отколку за своите. На митингот во Лозово говореше за нивото на исплатените субвенции и развојот на земјоделството, во Чашка говореше за „донесени речиси 2 милијарди евра странски инвестиции“, во Велес за решавање на проблемот со невработеноста, во Неготино за „винската индустрија и винскиот туризам“ и за понудени градежните парцели на продажба, а на митингот во Валандово за најденото и однесеното злато, кое и покрај тоа се уште светело во Анска Река („Уште свети од тоа златото од нашите предци што го наоѓале таму“), како и за „реконструкција на железничката линија од Ногаевци до Неготино“, за во Струмица и во Скопје да се наврати на своите актуелни „тврди“ ставови за името.

Колку се работите изменети, може да се види и ако се навратиме повторно на предизборната програма, но овојпат во деловите каде што Иванов навистина има ингеренции, а тоа е надворешната политика. Поглавјето што ги опишува принципите почнува, зачудувачки за Иванов од 2009 година, со Обединетите нации и Милениумските развојни цели. Се вели дека ќе продолжи да се продлабочува соработката со сите земји членки на Советот за безбедност на ОН и се истакнува членувањето во Советот за човекови права на меѓународната организација, па се додава дека ќе се продолжело да се продлабочуваат воспоставените стратешки партнерства и ќе се граделе нови пријателства. Дури после сето ова, се вели:

„Како претседател ќе продолжам со напорите за интегрирање на Република Македонија во Европската унија и НАТО.“

И потоа повторно се објаснува она што се случило досега, наместо да се каже што ќе се прави. Ова значи само реприза на никогаш сфатениот „разумен компромис“, при што сега, ни тој не се спомнува откако беше исмеан во јавноста. Подолу следи нова белешка со наслов „За интеграцијата во Европската унија и НАТО“ и наново се опишува постоечката состојба. Сите карти се ставаат на пресудата на Меѓународниот суд на правдата, при што се вели:

„Ќе инсистирам нашите сојузници во НАТО да ја почитуваат пресудата на Меѓународниот суд на правдата“.

Тука се и неизбежните и толку многу спомнувани „5 позитивни извештаи и 5 препораки од Европската комисија за започнување преговори“ и толку. Нема никаква нова стратегија, никакви назнаки за компромис  – едноставно сѐ си останува по старо.

Македонија во НАТО „инсистира“ да се почитува одлуката на Меѓународниот суд на правдата, но биваме постојано одбивани со образложение дека интерните документи на НАТО имаат предност и дека Алијансата одлучува со консензус, кој го нема заради спротивставувањето на Грција. НАТО, дури и кога би сакал, би имал проблем да го протне македонското членство заради правото на вето на јужниот сосед. Состојбата е слична и во ЕУ. Таму е донесена политичка одлука најпрвин да се реши прашањето со името и потоа да се пристапи кон преговори за членство. Но, се чини, овие одлуки и на ЕУ и во НАТО како да не допираат до Иванов.

За некаков нов притисок врз Грција од страна на членките на ЕУ и НАТО е многу тешко да се говори. Тоа не беше сторено ниту во најтешките моменти од светската економска криза во 2009-2010 година кога Грција беше прогласена за најголемиот виновник за кризата, економски беше на колена и кога низ европскиот, и тоа особено германскиот, печат се објавуваа купишта критички текстови за состојбите во грчката економија, но и демократија. Во Унијата (додуша на маргините) дури и се спомнуваше бркање на јужниот сосед од ЕУ, барем додека не се сфати дека тоа е многу тешко остварливо, а можеби и невозможно. Ако во таква ситуација не се најде модус за притисок врз Грција за надминување на проблемот што таа го има со нашето име, тешко дека таков некаков притисок, кој би имал позитивен исход за нас, е можен во моментов или во блиска иднина.

Новото чистење на оружјето во рововите

„Денес кога со широк општествен и политички консензус грабиме кон евро-атлантската иднина нема место за сомнеж во успехот.“

Инаугурално обраќање на новоизбраниот Претседател д-р Ѓорге Иванов, 12 мај 2009 година

Што донесе ваквата политика – и на Иванов и на власта пошироко, во која актуелниот претседател е не многу важен замаец, зашто објективната моќ во земјата е бездруго во рацете на премиерот Никола Груевски. Многу просто. Таа доведе до свртување на Македонците подалеку од ЕУ и НАТО. После 20 години проевропска политика со која се гордеевме, тоа повеќе не е случај.

Пред точно 2 години, министерот за надворешни работи, Никола Попоски, во интервју за бриселскиот двонеделник The Parliament се фалеше како Македонија е најевропска земја на континентот, зашто поддршката за членството во ЕУ во Македонија изнесувала 85-90 отсто. Станува збор за паушална бројка во тој момент, со оглед на тоа што антиквизацијата и анти-европското расположение веќе тогаш почнуваа да го покажуваат својот грд лик, но овие бројки, ако и не се реални за 2012 година, сигурно се точни за период од 2-3 години претходно. Од друга страна, пак, во новата анкета на Центарот за истражување и креирање политики, чии резултати беа објавени на 14 февруари годинава, само 40 отсто граѓаните на Македонија имаат доверба во ЕУ, додека 48 отсто воопшто не ѝ веруваат, што според компаративните резултати со земјите од Западен Балкан значи најниско ниво на доверба. Со оглед на фактот што Албанците имаат најголема доверба во ЕУ од дури 79 отсто, а потоа следат Kосовците со 59,2 отсто, може со голема сигурност да се препостави дека нивото на доверба кон ЕУ на етничките Македонци во земјава е уште пониско од наведените 40 отсто.

После 5 години засилена пропаганда, состојбата е сосема сменета и на планот на реториката. На изборите во 2009 година, тогашниот кандидат на опозицијата Љубомир Фрчковскии можеше јавно да каже дека името Северна Македонија е прифатливо решение, ако се испеглаат и другите детали на задоволителен начин, како што тоа го стори во интервјуто за Радио Слободна Европа од 8 март 2009 година:

„Термините Северна или Горна Македонија се подобри од терминот Република Македонија (Скопје) и околу тоа имаат ист став историчарите наши во МАНУ. Овој термин е подобар, затоа што има историја, која влече дури до антиката. Римјаните ја викале нашата држава Горна Македонија. И тоа име за меѓународна употреба е подобро, отколку да измислуваме загради, па да не викаат Скопјани итн итн.“

На овие избори актуелниот кандидат на опозицијата Стево Пендаровски ништо слично не кажува. Без оглед дали не се осмелува или едноставно не станува збор за став кој и тој го споделува, Пендаровски едноставно вели дека треба да се изгради единствена позиција и консензус околу прашањето за името за да можеме единствени да настапиме во преговорите и додава дека референдум, кој изискува 900.000 гласови за да биде успешен, ќе биде многу тешко да се спроведе ако ја нема поддршката од сите чинители во општеството.

Во секој случај, од страна на Иванов и владејачката партија не видовме никакви нови предлози и решенија за решавањето на проблемот со името и членството во ЕУ и НАТО. Гледаме само продлабочување на рововите, засилување на рововските позиции и создавање нови препреки на патот кон постигнување решение, како и обид за економско свртување надвор од ЕУ, кој засега не дава никакви резултати и тешко дека ќе даде ако се погледнат и нашите, но и надворешно-трговските показатели на другите земји од регионот, кои покажуваат дека сите економски сме свртени кон ЕУ. Од ваквата рововска позиција, во случај на евентуална победа на Иванов и власта на овие избори не може да се очекува ништо ново. Можни се само нови вербални волеји меѓу двата ровови на преговарачкото боиште меѓу Македонија и Грција и тоа би било сѐ. ЕУ и НАТО ќе останат далечни, а веројатно ќе се оддалечуваат сѐ повеќе и повеќе.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција