Redefine Meat користи само состојки од неживотинско потекло, а не матични клетки од животни

Фото: Принтскрин видео

Во објавата која ја рецензираме неточно се изедначуваат два типа на храна кои се исклучително различни. Во објавата се вели дека фирмата Redefine Meat произведува месо преку култивирање матични клетки од говедско месо, живина, риба итн. Но, фирмата не произведува вакво месо кое инаку се нарекува култивирано месо, туку користи само состојки од неживотинско потекло

Во објавата која ја рецензираме неточно се изедначуваат два типа на храна кои се исклучително различни. Во објавата се вели дека фирмата Redefine Meat произведува месо преку култивирање матични клетки од говедско месо, живина, риба итн. Но, фирмата не произведува вакво месо кое инаку се нарекува култивирано месо, туку користи само состојки од неживотинско потекло

 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува фотографија и пишува:

ЗА ЉУБИТЕЛИТЕ НА ДОБРОТО МЕСО..😃😃
Фабрика во Холандија испечати 500 тони одрезоци месечно со помош на 3Д принтер. 
Компанијата Redefine_Meat ќе ги снабдува германските ресторани со печатени филети. Околу 110 германски ресторани веќе купуваат „месо“ од Redefine Meat. За да го започнат процесот на 3Д печатење месо, научниците земаат биопсија на серија животински матични клетки во зависност од саканиот тип на месо: говедско, свинско, живина или дури и риба. Овие клетки потоа се подложени на процес на пролиферација и се потопуваат во серум богат со хранливи материи во биореактор контролиран од климата. Во текот на неколку недели, овие клетки се размножуваат, комуницираат и се разликуваат во масни и мускулни клетки кои формираат биотин. Така, роботската рака користи млазница за да го шири овој филамент од месо израснат во тесто во тенки слоеви еден врз друг.
Но, фотографијата којашто се споделува, воопшто не го прикажува тоа што го пишува во објавата. Фотографијата е преземена од видео материјал од прилог на Дојче Веле од пред две години, каде се зборува за стекови кои ќе се прават од неживотинско потекло, од протеини што потекнуваат од зеленчук. Сосема веганско месо, со изглед на вистински стек. Принтерот кој е на фотографијата е за да се добие текстурата на стек, а не за составот. Составот на овој стек од фотографијата е ориз во прав, протеин од сурутка, растителни влакна од алги и сок од цвекло за да се добие бојата.  Во принтерот се додава модел на тродимензионална репродукција на месото што се имитира, комплексна репродукција која ги имитира внатрешната и надворешната структура на месото (објаснувањето може да го видите на 1 минута и 38 секунди во видеото на Дојче Веле). Значи во стекот кој е претставен на фотографијата од објавата што ја рецензираме, воопшто не е претставено месо, туку се работи за растителен микс. Потоа од таа мешавина се прави смесата со која 3Д принтерот го формира она што е прикажано на фотографијата и изгледа структурно како стек.
Во објавата што ја рецензираме се споменува компанијата Redefine Meat. За неа се тврди дека за да го почнат процесот на 3Д печатење месо, научниците земаат биопсија на серија животински матични клетки (говедско, свинско, живина и риба), по што овие клетки се потопуваат во серум со хранливи материи во биореактор, по што клетките се размножуваат во биотин.
Меѓутоа, на сајтот на компанијата пишува дека тие не користат животински состојки. 
Ние сме лидер во прехранбената технолошка револуција која се стреми да ги замени застарените процеси на производство и интензивни ресурси во месната индустрија со напредни технологии и одржливи состојки. Основана во 2018 година, Redefine Meat развива технологија и процеси кои ја повторуваат текстурата, вкусот и искуството на јадењето на традиционалното месо, но без користење на животински состојки. Ова го нарекуваме „ново месо”, пишува на страницата.
Потоа се додава дека фирмата сака да направи разлика и има визија … Додаваат дека одгледувањето добиток е неефикасен и еколошки неодржлив начин за исхрана на растечката светска популација.
Ние признаваме дека многу луѓе сакаат да јадат месо и продолжуваат да го прават тоа и покрај тоа што ги знаат страшните еколошки последици. На крајот на краиштата, месото е вкусно, често е лесно достапно и е длабоко вградено во традицијата и нашите социјални врски и односи. Затоа ни треба ново месо кое може да обезбеди вкусно искуство на традиционалното месо, а истовремено да биде добро за животната средина и грижливо кон животните. Нашата сопствена технологија е комбинација од три главни столбови: наука за ново месо, наука за материјали и „Производство на матрици на месо“, и заедно, тие го создаваат новото месо со текстура, арома и вкус на традиционалното месо. Нашето Meat Matrix Manufacturing вклучува низа напредни технологии, како што се производство на адитиви/3D печатење, избрани и применети на секое парче, според неговите својства и барања, се додава на сајтот на Redefine Meat.

Така што, ниту на фотографијата во склоп на објавата што ја рецензираме, ниту во компанијата Redefine Meat не се користат животински суровини за да се направи имитацијата на месо во 3Д принтер. Она за кое се пишува во вториот дел од објавата се однесува на култивирано месо, што е процес каде месото се произведува со одгледување животински клетки ин витро. Во 2013 година Марк Пост создаде хамбургер од ткиво растено надвор од животно. Супер Мит отвори ресторан во Тел Авив. каде гостите може преку стакло да го гледаат производството на култивирано месо. Така што, станува збор за веќе позната продукција во светски рамки.

Првата комерцијална продажба на клеточно култивирано месо во светот се случи во декември 2020 година во ресторан во Сингапур, каде што се продаваше култивирано месо произведено од американската компанија Eat Just.

Култивираното месо се произведува со директно одгледување на животински клетки и не е исто со имитациите на месо од неживотинско потекло односно растителното месо претставено и на фотографијата од објавата што ја рецензираме. Другата голема разлика помеѓу растителниот и култивираниот протеин е достапноста. Месото од растително потекло сè уште се бори да постигне постојан паритет на цените со обичното месо и зафаќа помалку од 1 процент од глобалниот пазар.

Што се однесува до култивираното месо во Холандија, постојат иницијативи за заедничко делување на самите фарми.

Поради сите горенаведени факти сметаме дека во објавата што ја рецензираме е невистинита. Во објавата се споменува компанија (Redefine Meat) која произведува имитации на месо изработени од неживотински состојки и во објавата е постирана фотографија што не е од култивирано месо, туку е од растителни состојки. Култивирано месо и месо од растително потекло (како на сликата од објавата) се две различни работи. Кога се произведува месото од растително потекло какво што е она на Redefine Meat, воопшто не се користи процесот опишан во објавата односно не се зема биопсија од животински матични клетки кои потоа се размножуваат. Тоа се случува при производството на култивирано месо, индустрија која во Холандија е во зародиш и се прифаќа како одговорна кон животната средина. Култивираното месо не е вегетаријанско, односно технички е произведено од матични клетки на животно, само без тоа да биде заклано. А месото од фирмата што се споменува во објавата што ја рецензираме Redefine Meat е вегетаријанско, бидејќи не содржи ниту матични клетки од животни одгледувани во лабораторија, ниту какви било животински состојки.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција