Фотографија креирана со вештачка интелигенција лажно се споделува дека е од Евровизија

На фотографијата не се прикажани учесниците на годинашната Евровизија. Профилите на претставниците на 37-те земји кои учествуваа на Евровизија се наоѓаат на веб-страницата на фестивалот и таму ги нема лицата прикажани во оваа објава што се шири на интернет. Деталите како заматени очи, неприродно насочен вид (како луѓето да имаат страбизам), раце кои изгледаат деформирано – се грешки типични за фотографиите генерирани од вештачката интелигенција

 

 

По изборот на песна на Евровизија што се одржа во саботата, на социјалните мрежи се прошири фотографија на која наводно се гледаат некои од учесниците на настанот. Но, фотографијата не е автентична и не прикажува учесници ниту на овој Евросонг, ниту на кој било  претходен.

Русија – Холандија – Евровизија..

Кое е Русија, вие погодете.., пишува во објавата во која е споделена фотографијата.

Изминатата недела во Малме, Шведска, се одржа финалето на 68. Избор за песна на Евровизија. Победник беше швајцарската песна „The Code“ во изведба на Немо. 24-годишниот претставник на Швајцарија е небинарен и не користи генерички лични заменки.

На социјалните мрежи (тука и тука) се појави фотографија на која се гледаат пет лица како позираат на ѕид со логото на Евровизија покриени со тетоважи, речиси голи, со високи потпетици со несредени коси и тешка шминка. Оваа фотографија се споделува како да е снимена на овогодинешниот избор за песна на Евровизија.

Но, вистината е дека на фотографијата не се прикажани учесниците на фестивалот оваа година. Профилите на претставниците на 37-те земји кои учествуваа на Евровизија се наоѓаат на веб-страницата на натпреварот и таму ги нема лицата од фотографијата што сега се шири на интернет.

Полскиот сајт за проверка на факти Кonkret24 ја проверил фотографијата на програмата Hive Moderation која детектира содржина (текст, фотографии, аудио снимки) генерирана од вештачка интелигенција, и добиле резултат дека веројатноста дека сликата на наводните учесници на Евровизија е создадена со помош на вештачка интелигенција е 99,9 отсто. Две други алатки исто потврдиле дека сликата е создадена со помош на вештачка интелигенција. Според апликацијата Maybe’s AI Art Detector, веројатноста е 92 проценти, а според Illuminarty.ai – 84 проценти.

Но и без овие алатки, се препознава дека фотографијата е вештачки генерирана. Деталите како заматени очи, неприродно насочен вид (како луѓето да имаат страбизам), раце кои изгледаат деформирано – се грешки типични за сликите генерирани од вештачката интелигенција. Освен тоа, раката на човекот кој стои втор од лево изгледа неприродно долга, но се приметуваат и две раце одеднаш на рамото на лицето во центарот, од кои едната нема палец. Раката што лежи на половината на втората личност од десната страна има прсти кои изгледаат како да се сраснати. Друга вообичаена грешка на графиката со вештачка интелигенција се искривени натписи – какви што им што на ѕидот зад лицата.

Ваквите визуелни грешки се вообичаена карактеристика на сликите создадени со помош вештачка интелигенција.

Уште еден детал што предизвикува сомнеж е тоа што учесниците на натпреварот во Малме, Шведска, одеа на тиркизен тепих, а не на црвен – како на фотографијата што е предмет на оваа рецензија.

Оваа фотографија е споделена заедно што уште две фотографии на кои се гледаат споменици во Русија и Холандија. Претходно, за овие два споменика манипулативно се тврдеше дека се споменици на мајката во Русија и на мајката на Западот. Под објавата споделени се коментари со осуда за Западот и величење на Русија, како на пример овие:

RUSIJA br .eden a ovie satani ja gnasat zemjata shto ja gazat

Нема споредба меѓу Христијанските вредности наспроти сотоната,и колку помалку се објавуваат неговите злодела,толку повеќе се уништува,не ни црпи од енерѓијата Амин

ЕУ вредности, норми и незнам што, бог да чува

Јас гледам Жена🧐 Мајка со Деца + чека трето Дете ,а на другите гледам изопаченост

Вистиномер ги дебанкираше тврдењата дека скулптурата снимена во Холандија го претставува мајчинството. Скулптурата на човечка фигура со различни полови карактеристики и животно на неговата глава се нарекува „И животот е на другата страна“ (And Life Is Over There), и се однесува на стих од песна на Емили Дикинсон. Според авторката Феми Отен, скулптурата не е поврзана со мајчинството, туку е симбол на слободата на мислата и различноста, испреплетувањето на сите живи суштества.

Од сите наведени факти заклучуваме дека фотографија споделена на оваа објава, е генерирана со помош на вештачка интелигенција, а не е направена за време на Евровизија и не прикажува учесници на Евровизија. Употребата на оваа фотографија без соодветно објаснување ги доведува во заблуда читателите да помислат дека станува збор за автентична фотографија.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција