Не е точно дека од ковид вакцините починале 17 милиони луѓе ширум светот

Фото: Laxman DeepPixabay

Информацијата во објавата дека 17 милиони луѓе биле убиени од мРНК вакцина, потекнува од канадски труд, споделуван на социјалните мрежи уште од септември 2023 година, кој проценува дека толку луѓе починале од вакцината на глобално ниво. Ова, како што пишуваат странски проверувачи на факти, е невистина, бројни владини агенции и независни експерти потврдиле за „Франс Прес“ дека само мал дел од смртните случаи меѓу вакцинираната популација може да се атрибуираат на вакцините

Информацијата во објавата дека 17 милиони луѓе биле убиени од мРНК вакцина, потекнува од канадски труд, споделуван на социјалните мрежи уште од септември 2023 година, кој проценува дека толку луѓе починале од вакцината на глобално ниво. Ова, како што пишуваат странски проверувачи на факти, е невистина, бројни владини агенции и независни експерти потврдиле за „Франс Прес“ дека само мал дел од смртните случаи меѓу вакцинираната популација може да се атрибуираат на вакцините

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува видеоматеријал од пратеничката во Европскиот парламент, Кристин Андерсон и пишува:

мРНК инјекциите убија 17 милиони луѓе ширум светот, така што нема ништо безбедно или ефикасно. Тие никогаш не ги ни тестирале овие работи, рече германската европратеничка Кристин Андерсон.

Информацијата споделена во објавата дека 17 милиони луѓе биле убиени од мРНК вакцина потекнува од канадски труд, споделуван на социјалните мрежи уште од септември 2023 година, кој проценува дека толку луѓе починале од вакцината на глобално ниво. Ова, како што пишуваат проверувачите на факти на Франс прес, е невистина и бројни владини агенции и независни експерти потврдиле за „Франс прес“ дека само мал дел од смртните случаи меѓу вакцинираната популација може да се атрибуираат на вакцините.

Канадската група што го изработила извештајот се вика Correlation Research in the Public Interest.

Трудот кој не е прегледан од научната заедница, ја анализира смртноста од сите причини и стапката на смртност во 17 земји на јужната хемисфера и тврди дека вакцината против ковид-19 убила 1 од 800 луѓе што ја примиле.

Тарик Јашаревиќ, портпарол на Светската здравствена организација за Франс прес вели дека овие тврдења се неточни.

Амеш Адаља професор на Џонс Хопкинс Универзитетот за здравствена сигурност, се согласува додавајќи дека наодите „претставуваат огромно искривување на фактичките податоци“.

Смртноста од која било причина е зголемена веројатно поради вирусот во одредени периоди, а не со вакцината, вели тој за „Франс прес“.

Correlation Research in the Public Interest во својот извештај тврди дека во земјите анализирани во нивниот извештај „нема корелација меѓу периодите во кои се примале ковид вакцини и намалување на стапката на смртност од која било причина“.

Нивните бројки се добиени од  World Mortality DatasetOur World in Data и некои други регионални извори. Авторите точно забележуваат дека прекумерната смртност се зголемила во 2022 година по ковид вакцинацијата.

Но, Оливер Ватсон, истражувач на Школата за јавно здравје на Империјал Колеџ – Лондон, за „Франс прес“ вели дека наместо да докаже дека вакцините против ковид предизвикуваат смрт, извештајот „едноставно ја поврзува вакцинацијата со зголемување на смртноста“ без да наведе кои други причини може да го предизвикале зголемувањето.

На пример, вклучуваат земји во кои имало нула случаи со ковид, како Сингапур и Нов Зеланд, кои имплементираа строги карантини кои превенираа ковид-19 да не се шири. Овие земји, откако достигнаа висока стапка на вакцинална покриеност ги олабавија карантините и постепено доаѓаа во ситуација да имаат зголемена смртност поради ковид-19, бидејќи вакцините не се 100-процентно ефективни, ниту пак, беше достигната 100-процентна покриеност со нив, вели тој за Франс прес.

Австралија, држава која имаше строги правила за спречување на ширењето на ковид-19, имаше зголемена смртност на крајот на 2021 година кога се појави омикрон варијантата.

Трудот споделен онлајн, само се фокусира на Јужната хемисфера. Тара Мориарти од Универзитетот во Торонто вели дека „во јужната хемисфера уште пред да почнат да се користат вакцините против ковид, имало висока стапка на смртност од која било причина“.

Тој тренд само продолжил во САД и Европа затоа што голем број земји немале достапност до вакцини, додава таа.

Од друга страна, потврдени смртни случаи од вакцинација се реткост.

Во Австралија на пример, Агенцијата за терапевтски добра идентификуваше 14 смртни случаи веројатно поврзани со вакциите и тоа од 68 милиони администрирани дози.

Важно е што нема кредибилни докази дека ковид вакцините допринеле за прекумерна смртност во Австралија. Бројот на администрирани дози вакцини во 2022 година беше половина од тие што беа дадени во 2021 година, што јасно покажува дека нема времена врска меѓу вакцинацијата и прекумерната смртност, вели портпаролот на агенцијата за Франс прес.

Во Јужна Африка здравствените власти детектирале 3 смртни случаи како резултат на ковид вакцина од повеќе од 38 милиони администрираин дози. Слични бројки се пријавени и во други држави цитирани во извештајот на Correlation Research in the Public Interest, вклучително Нов Зеланд и Сингапур.

Нема докази дека вакцинацијата е одговорна за прекумерната смртност во Нов Зеланд. Јавно достапните податоци покажуваат дека имало 4 смртни случаи во Нов Зеланд можно поврзани со негативни реакции после ковид вакцинација, вели Христијан Марчело, менаџер за безбедност и истражувања во агенцијата за јавно здравје Te Whatu Ora.

СЗО мониторира ретки несакани ефекти од ковид вакцинацијата, како на пример, тромбоза со тромбоцитопенија и миокардитис.

На 20 секунда од видеото во објавата што ја рецензираме, европратеничката вели дека МРНК вакцината е небезбедна што не е вистина.

Главните испитувања на Комирнати (мРНК вакцината на Фајзер против ковид н.з) покажаа дека вакцината има висока ефикасност во сите возрасни групи. Најголемиот број несакани ефекти се благи до средни и исчезнуваат за неколку дена. Агенцијата затоа одлучи дека бенефитите од Комирнати се поголеми од ризиците и дека може да биде одобрена во ЕУ, пишува на сајтот на Европската агенција за лекови.

Наспроти тоа што го кажува европратеничката, глобална студија на Лансет покажува дека ковид вакцините спасиле 20 милиони животи во првата година од вакцинацијата.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција