Вирусите се реалност, а вакцините спасителни

Фото: fernando zhiminaicela auf Pixabay

Објавата шири теории на заговор и докажани вируси и болести ги поврзува со труење од авиони со боеви отрови. Наведените вируси во објавата: „коронавирус“ „марбург“, подваријантата на ковид „ерис“, се докажани и изолирани. Вирусот „икс“, пак, е фигуративно име за следна пандемија за која постојат подготовки на глобално ниво, а не конкретен вирус кој го носи тоа име. Труење од авиони и „запрашување“ како што Вистиномер повеќепати има пишувано, не постои. Група од 77 научници објавија извештај откако ги прегледаа наводните докази за тоа дека некои авиони нè прскаат со хемиски супстанци. Научниците не нашле докази за„тајна атмосферска програма од големи размери“

Објавата шири теории на заговор и докажани вируси и болести ги поврзува со труење од авиони со боеви отрови. Наведените вируси во објавата: „коронавирус“марбург“, подваријантата на ковид „ерис“, се докажани и изолирани. Вирусот „икс“, пак, е фигуративно име за следна пандемија за која постојат подготовки на глобално ниво, а не конкретен вирус кој го носи тоа име. Труење од авиони и „запрашување“ како што Вистиномер повеќепати има пишувано, не постои. Група од 77 научници објавија извештај откако ги прегледаа наводните докази за тоа дека некои авиони нè прскаат со хемиски супстанци. Научниците не нашле докази за„тајна атмосферска програма од големи размери“

 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Вакцинација – еден од најголемите гревови и злосторства вршени над човештвото! Жално, ужас. Наводните корона вирус „ковид 19“, марбург вирус, Ерис вирус, Вирус Икс, или некои други соеви на наводни „вируси“ во реалноста практично не постојат туку се случува труење, освен преку запрашување од небото и воздухот со бојни и други отрови (сарин, рицин, графен оксид), а се реализира и преку активирање на 5Г мрежата на соодветни опасни или смртоносни фреквенции по што сега има а во иднина ќе има помасовен број на жртви. Особено од „вакцинираните“ лица кои во телото имаат особено нано чипови и графен оксид.

Во склоп на објавата се споделуваат пет видеоматеријали со слична содржина и главни поенти изнесени во нив: „дека ковид-19 не е докажан вирус“, дека „луѓето што имале ковид и грип имале исти симптоми“, а со тоа се прави обид да се изедначат двете различни болести, како и дека „вакцините содржат наночипови“ кои „потоа овозможуваат овие луѓе да бидат убивани со 5Г технологија“.

Прво, наведените „коронавирус“марбург“, подваријантата на ковид „ерис“ се докажани и изолирани. Вирусот „икс“, пак, е фигуративно име за следна пандемија за која постојат подготовки на глобално ниво, а не конкретен вирус кој го носи тоа име. Тоа е хипотетички вирус кој служи како „модел“ за да се развијат идни одговори на идни пандемии со цел светот да не се најде во истата ситуација како со коронавирусот кога здравствените системи беа неподготвени.

Тоа што во објавата која ја рецензираме, овие докажани вируси и болести се поврзуваат со труење од авиони од воздух со боеви отрови, е теорија на заговор. Труење од авиони и „запрашување“ како што Вистиномер повеќе пати има пишувано, не постои.

Група од 77 научници објавија извештај откако ги прегледаа наводните докази за тоа дека некои авиони нè прскаат со хемиски супстанци.  Од тие 77 научници, 76 изјавија дека не нашле докази за„тајна атмосферска програма од големи размери“. Вирусите „коронавирус“ „марбург“ и „ерис“ комплетно се пренесуваат на различен начин, дел од кој не е ни преку воздух. Така на пример, марбург вирусот се пренесува од човек на човек со директен контакт од расечена кожа или мукус, преку крв, секрети, органи или телесни течности на инфицирани луѓе и со контакт од постелнина или облека која претходно била во контакт со инфицирано лице.

Вирусот Марбург е високо вирулентна болест која предизвикува хеморагична треска, со сооднос на смртност до 88 отсто. Тој е во исто семејство со вирусот ебола. Двете големи епидемии кои се случиле истовремено во Марбург и Франкфурт во Германија и во Белград, Србија, во 1967 година, доведоа до првичното препознавање на болеста.

Избувнувањето беше поврзано со лабораториска работа со африкански мајмуни (Cercopithecus aethiops) увезени од Уганда. Последователно, забележани се епидемии и спорадични случаи во Ангола, Демократска Република Конго, Кенија, Јужна Африка (кај лице со неодамнешна историја на патување во Зимбабве) и Уганда. Во 2008 година, два независни случаја беа пријавени кај патници кои посетиле пештера населена со колонии на лилјаци Рузетус во Уганда.

Инфекцијата на луѓето со Марбург вирусна болест првично е резултат на продолжената изложеност на рудници или пештери населени со колонии на лилјаци Рузетус.

Без оглед на тоа колку теоријата на заговор дека преку авиони се „запрашуваат луѓето со вируси“ е апсурдна, таа уште наоѓа свои приврзаници. Коронавирусот е респираторен вирус, за првпат се појави на крајот на 2019 година во кинескиот град Вухан. Научно е докажано дека тој се пренесува преку вдишување на респираторни капки од некој што е заболен, кои се исфрлаат преку кашлање, кивање, зборување и пеење. Така што, невозможно е инфекцијата да се случи со пуштање на вирусот од авион. Слични измислици беа пласирани и додека траеше ковид пандемијата, а со цел да се демотивираат граѓаните од вакцинацијата која се покажа како спасителна, заедно со стекнувањето на колективниот имунитет од прележувањето, како и мутирањето на вирусот во послаби варијанти.

Друг елемент во објавата што ја рецензираме е 5Г мрежата и графен оксидот. Според теоријата на заговор активна во текот на целата пандемија, „во ковид вакцините има графен оксид кој потоа се активира кога е во телото на човекот што е вакциниран преку 5Г мрежа и на таков начин тој е убиван“, бидејќи „во себе носи антена“.

Вистиномер досега повеќепати има пишувано дека 5Г мрежата нема никаква врска со вакцините против ковид-19 и дека тие не содржат графен оксид.

„Асошиејтед прес“ извести дека и покрај тоа што имало истражувања за тоа дали се користел графен оксид во некои вакцини (во количества кои за човекот не би биле токсични), материјалот не е на листата на состојки на фајзеровата вакцина или која било друга вакцина против ковид.

Мобилната 5Г мрежа никако не влијае ниту на вируси, ниту на бактерии и не може да шири болести. Наспроти изнесеното во објавата што ја рецензираме, во ковид вакцините нема нешто што може да биде активирано од 5Г мрежа и да предизвика болести во телото на вакцинираните. Ваквиот наратив е подготвен со цел креирање паника кај вакцинираните и отпор кон примање на вакцините поради страв од идни пандемии.

Ништо не покажува научна поврзаност што ги поврзува електромагнетните зрачења и коронавирусот. Ниту за коронавирусот ниту пак за други човечки вируси, вели професорот по вирусологија на Пурду Универзитетот Ричард Кун за Ју Ес Еј Тудеј.

Вистиномер и порано ја има дебанкирано невистината дека вакцините преку 5Г активација во телото на вакцинираниот може да „предизвикаат смрт“. Во врска со тврдењата во објавата дека ковид и грип причинуваат исти симптоми, тоа сепак не значи дека станува збор за исти вируси. 

Во врска со бенефитите од вакцинацијата како најголемо достигнување на современата медицина, повеќе детали прочитајте овде.

Наспроти наведеното во објавата, вакцинацијата не е злосторство против човештвото, туку вакцинацијата е гарант на светското здравје и спасува животи, спречува пандемии и овозможува тешки болести од кои во минатото се умирало.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција