Фабрикувана реклама повторно ги мами корисниците на социјалните мрежи да купат чај

Фото: Принтскрин ФБ пост

Нема студентка од Скопје, Дијана Мартиновска што открила изум за слабеење 15 килограми месечно, а препаратот кој се рекламира е билна мешавина. Злоупотребена во рекламирањето е и фотографијата на телевизиската презентерка Татјана Стојановска, како и логото на Канал 5 телевизија

Нема студентка од Скопје, Дијана Мартиновска што открила изум за слабеење 15 килограми месечно, а препаратот кој се рекламира е билна мешавина. Злоупотребена во рекламирањето е и фотографијата на телевизиската презентерка Татјана Стојановска, како и логото на Канал 5 телевизија

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува невистинита реклама за чај.

Во објавата пишува:

„Студент создаде формула за слабеење! Согорува 3 килограми масти за една ноќ без диета или тренинг, прочитајте повеќе…“. 

Невистинитата фабрикувана реклама го злоупотребува логото и брендот на „Канал 5“ телевизија, како и ликот на презентерката Татјана Стојановска.

Кога ќе се пристапи до текстот од рекламата, следуваат низа преувеличени невистинити тврдења дека „студентка од Скопје создала уникатна хербална формула која помага да се изгубат 10 до 15 килограми месечно без диета и спортување а големите фармацевтски компании сакаат да го скријат тоа“.

Во текстот од објавата што ја рецензираме, студентката е претставена како извесна  Дијана Мартиновска, но Вистиномер успеа да ја пронајде фотографијата со која е илустрирана непостоечката студентка на иста реклама на украински јазик, каде таа е претставена како Татјана Иваненко. Украинската верзија од рекламата може да ја пронајдете на следниот линк. 

Во двете слични реклами, очигледно правени на ист темплејт, се користат истите фотографии, истата „приказна“ која е маркетиншки трик за да се промовираат неверојатни успеси во слабеењето со производ. Ненавлегувајќи во делотворноста на производот кој се промовира, дефинитивно е дека се прави обид да се придобие јавноста со невистинити факти и со наведување кое нема втемеленост во реалноста.

Така во рекламата се тврди дека 5 илјади жени и мажи го користеле „методот за слабеење измислен од Дијана Мартиновска“. Со оглед дека нејзиното име е измислено, а во рекламата се пласирани фотографии кои се искористени и на друг сајт за промоција на слабеење (споредбата е тука и тука), едноставно не може да се тврди дека фотографиите од пред и потоа, односно самото слабеење се случило благодарение на производ на „студентката Дијана Мартиновска“, особено што таа не постои.

Кога ќе се пребара производот што се рекламира, тој може да се пронајде на друга веб-страница на која воопшто ги нема сведочењата на наводните задоволни клиенти ниту пак се споменува студентката наводен изумител од Македонија, Дијана Мартиновска. На сајтот пишува дека се работи за „мешавина од билен чај“, што пореално ги опишува перформансите на чајот отколку рекламата во која се злоупотребува дури и фотографијата на најпознатата македонска телевизиска презентерка Татјана Стојановска, за да се добие лажен впечаток дека овој производ наводно се појавувал и на Канал 5 телевизија во вестите, што секако не е вистина.

Составот на билната мешавина е од „зелен чај, шизандра, коприва, нане и маслиново“. Тие билки не би можеле да бидат „изум на студентка од Скопје“.

Вистиномер и претходно има дебанкирано слични манипулативни маркетинг трикови со кои се наведуваат граѓаните да купат производи со ветувања за слабеење или за решавање хронични здравствени состојби, а притоа се користат невистинити факти.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина. Нема студентка од Скопје Дијана Мартиновска што открила изум за слабеење 15 килограми месечно, а препаратот кој се рекламира е билна мешавина. Злоупотребена во рекламирањето е и фотографијата на телевизиската презентерка Татјана Стојановска, како и логото на Канал 5 телевизија.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција