Уривањето на кулите близначки нема врска со Ватикан и со теоријата на заговор ГЕСАРА

Фото: WikiImagesPixabay

Во објавата се презентира старата теорија на заговор ГЕСАРА, зачинета со дезинформацијата дека Ватикан бил нарачател на уривањето на кулите близначки во Њујорк на 11 септември 2001 година. Но, тоа беше терористички акт со кој Ватикан нема никаква поврзаност. НЕСАРА – ГЕСАРА, пак, е иницијатива во форма на закон за монетарна и фискална реформа за наводен генерален просперитет, кој никогаш не бил усвоен од Конгресот. Меѓутоа теоретичарите на заговори тврдат дека тајно бил усвоен, а потоа супресиран од администрацијата на Џорџ Буш кога се случил нападот на 11 септември. Би Би Си ја нарекува оваа теорија на заговор фантазија која уништува животи

Во објавата се презентира старата теорија на заговор ГЕСАРА, зачинета со дезинформацијата дека Ватикан бил нарачател на уривањето на кулите близначки во Њујорк на 11 септември 2001 година. Но, тоа беше терористички акт со кој Ватикан нема никаква поврзаност. НЕСАРА – ГЕСАРА, пак, е иницијатива во форма на закон за монетарна и фискална реформа за наводен генерален просперитет, кој никогаш не бил усвоен од Конгресот. Меѓутоа теоретичарите на заговори тврдат дека тајно бил усвоен, а потоа супресиран од администрацијата на Џорџ Буш кога се случил нападот на 11 септември. Би Би Си ја нарекува оваа теорија на заговор фантазија која уништува животи

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

02.10.2024
Добар ден на сите. После кратка пауза. Одиме со нови инфо.
Пирамидата се руши.
Ова е Јапонија .. и погледнете ја нивната технологија. Вие гледате велики будење на човештвото и крај на ерата на шејтанот влезен во човек кој е на витална функција. Q со ГЕСАРА ке постави превентивна заштита за оваа грешка од минатото.. за следните илјадници години мир.
– ГЕСАРА глобална економска сигурност и реформативен акт, беше планирана објава на 09.11.2001 ,10.00 часот во Њујорк, од кулите близначки… и затоа беа срушени по наредба на Ватикан.

Во склоп на објавата се споделува и видеоматеријал од Јапонија, на кој се прикажани специјални црни плочки инсталирани во дел од патеките за пешачење и секојпат кога некој ќе стапне на овие плочки, тие ја задржуваат кинетичката енергија од чекорот и ја конвертираат во електрична енергија, што помага да се снабди градот со електрична енергија.

Најпрвин за трагичниот настан за кој пишува објавата – 11 септември 2001 година, тогаш се случија серија киднапирања и самоубиствени напади врз цели во САД, извршени од 19 милитанти поврзани со исламистичката екстремистичка група Ал Каеда. Станува збор за најсмртоносен терористички напад на американска територија во историјата на САД. Нападите врз Њујорк и Вашингтон предизвикаа смртни случаи и огромни напори од страна на САД да се бори со тероризмот. Околу 2.750 луѓе загинаа во Њујорк, 184 во Пентагон и 40 во Пенсилванија, каде што еден од киднапираните авиони се урна, откако патниците се обидоа да ја преземат контролата врз него. Сите 19 терористи загинаа. Загинаа повеќе од 400 полициски службеници и пожарникари.

Според Музејот за сеќавање на овој терористички чин, терористите немале капацитет воено да ги уништат Соединетите Американски Држави, па наместо тоа, се насочиле кон симболични цели.

Кулите близначки како централен елемент на Светскиот трговски центар, ја симболизираа глобализацијата и економската моќ и просперитет на Америка. Пентагон како седиште на Министерството за одбрана на САД, служи како симбол на американската воена моќ. Се смета дека летот 93 бил упатен кон зградата на Капитол, центарот на американската законодавна власт. Ал Каеда се надеваше дека со напаѓање на овие симболи на американската моќ, тие ќе промовираат широко распространет страв низ целата земја и сериозно ќе ги ослабат позициите на САД во светската заедница, наведува Музејот.

Киднаперите биле финансирани од Ал Каеда и Осама бин Ладен. Тие наводно делувале како одмазда за американската поддршка на Израел и американската присутност со воени сили на Блискиот Исток. Некои од терористите живееле во САД повеќе од една година и земале часови за летање во американски комерцијални школи за пилоти. Други влегле во САД во месеците пред нападот од 11 септември за да се приклучат во терористичкиот напад.

Наспроти изнесеното во објавата што ја рецензираме, очигледно е дека Ватикан нема никаква поврзаност со ваквиот тек на трагичните настани. Исто така, папата Јован Павле Втори, ден после нападите на 11 септември го почна служењето со зборовите:

Иако силите на темнината се чини дека преовладуваат, оние кои веруваат во Господ, знаат дека злото и смртта нема да победат, рече тој.

На 20 април 2008 година Папата Бенедикт шеснаесетти, при посетата на Њујорк се молеше на англиски јазик за вечна светлина и мир за убиените и исцелување за нивните семејства.

И Папата Франциск  при посетата на САД продолжи да се однесува на ист начин.

Што се однесува на ГЕСАРА, Универзитетот Кембриџ, ја има квалификувано оваа идеја како фантазија и пишува дека станува збор за теорија на заговор. Имено, акронимот НЕСАРА иницијално значел Национален акт за економска стабилизација и опоравување, политика понудена во деведесеттите од страна на Харви Ф. Барнард, консултант и основач на институтот НЕСАРА во Луизијана. Иницијативата била во форма на предлог закон, но никогаш не била претставена пред американскиот Конгрес. Таа се состоела од монетарна и фискална реформа за наводен генерален просперитет и вклучувала неколку мерки, како реставрација на златото како валута, ставање крај на системот на Федерални резерви, елиминација на јавниот долг, простување на камати на заеми и даноци на приход.

Во 2000 година овој акроним еволуираше во ГЕСАРА односно Глобален акт за економска сигурност и реформа. Шаини Гудвин, духовен консултант и спиритуалист во њу ејџ круговите, ја прошири оваа конспиративна интерпретација, која се состои од т.н. глобален ресет на валутата наводно во тајност, во окултен стил, со политички и финансиски елити кои наводно се спротивставувале на промените, пишува во документот на сајтот на Кембриџ.

Според Anti Defamation League НЕСАРА-ГЕСАРА е теорија на заговор промовирана од Шаини Гудвин и се однесува на тоа дека сите долгови ќе бидат избришани со радикален ресет на американската економија. Иако НЕСАРА никогаш не беше усвоен закон, ниту пак, закон претставен пред Конгресот, теоретичарите на заговори како Гудвин тврдат дека тајно бил усвоен од Конгресот и потоа супресиран од администрацијата на Џорџ Буш кога се случил нападот на 11 септември.

Би Би Си пишува дека ова е финансиска фантазија која уништува животи.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција