Опструкциите врз Јанева веќе се потврдени од ЕУ и ЕП!

Европскиот парламент јасно ги гледа опструкциите врз Јанева. Фото: Од Веб страницата на ЕП

Поважни делови од Извештајот на Специјалното јавно обвинителство на Катица Јанева, кои неделава се во процедура во Собранието и кај Советот на обвинителството, веќе се потврдени и од Европската унија и од Европскиот парламент. Тие се однесуваат на политички диригираните одлуки во обвинителско-судските органи, каде, пак, посебно се апострофираат и корупцијата и селективната правда преку злоупотребата на службената должност и овластувања.

 

Пишува: Тео Блажевски

 

Првиот Извештај на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) кој беше претставен во јавноста минатата недела и упатен до Собранието на РМ и до Советот на јавни обвинители, покажа, според обвинителката Катица Јанева, дека СЈО се соочува со опструкции од повеќе институции во државата, а засега најтешко ѝ оди соработката со обвинителските и судските институции.

Овој извештај неделава ќе се разгледува и од Советот на обвинителите и од Парламентот, но уште на почетокот се гледа дека проблемите „во комуникацијата“ продолжуваат. Советот на јавни обвинителите веќе соопшти дека Јанева „покажала непочитување“ и дека „имало нејаснотии“ во Извештајот и ја повика уште еднаш да присуствува на седницата на Советот во среда.

Во Собранието, пак, Извештајот  требаше да го разгледуваат соодветните собраниски комисии, а на пленарна седница треба да се најде при крајот на неделава.

Каков и да биде исходот од овие седници на кој се разгледува извештајот на Јанева, факт е дека многу важни делови од овој Извештај веќе се содржани во оценките и на Европската унија, во нејзиниот документ за напредокот на Македонија кон евроатлантските интеграциии и во други документи на тела и институции на ЕУ, а последната потврда се наоѓа во делови од Резолуцијата за Македонија што беше усвоена од страна на Европскиот парламент на 10.03.2016 година.

 

ЕП: ОБВИНИТЕЛСТВОТО ДА НЕ БИДЕ ПОПРЕЧУВАНО

Да се потсетиме на дел од Извештајот на Јанева, која вели дека има голем степен на несоработка со институците во земјата, а кои според Законот за функционирање на СЈО треба да соработуваат:

Имено, со постапувањето на дел од јавните обвинителства во Република Македонија спротивно на моето барање за доставување на само пет предмети и доставувањето на сите предмети содржани во статистичкиот преглед на Јавното обвинителство на Република Македонија, изразено е непочитување на динамиката на работа и автономноста на ова Јавно обвинителство. Воедно истите овие јавните обвинителства и во наредниот период одбиваа да соработуваат со ова Јавно обвинителство, одбивајќи да ми достават предмети на увид без да имаат законски основ за таквото одбивање и воопшто одбивајќи да ми ги достават предметите кои ги имам побарано со цел да се произнесам за стварната надлежност на ова Јавно обвинителство.

Јанева се пожали во својот Извештај и на соработката со Кривичниот суд во Скопје, особено околу можноста да располага со доказиите за дел од предметите со кои претходно располагаше и Основновното јавно обвинителство за организиран криминал:

Основниот суд Скопје 1 Скопје, не ги достави доказите на ова Јавно обвинителство како овластен тужител со што предизвика одолговлечување на почетокот на главната расправа за предметот познат во јавноста како „Пуч“ (со одбивањето да постапи согласно правилата на меѓуинституционалната соработка, регулирана во членот 81 од ЗКП и да обезбеди копии на доказите од предметот за ова Јавно обвинителство). Истото се случува и при доставување од ова Јавно обвинителство барање за увид во архивирани предмети. Несоодветен начин на постапување имаат и други државни институции и органи кои не постапуваат по барањата и роковите определени од Специјалниот јавниот обвинител.

Овие тврдења во Извештајот на Јанева, секојдневно се негирани и од страна на дел од медиумите, а особено од посочените институции и од страна на владејачката партија, која веќе не се воздржува да ја оценува Јанева како продолжена рака на Зоран Заев и на СДСМ. Сепак, европските институции ја гледаат опструкцијата и ги повикуваат одговорните да прекинат со таквото однесување. Во спомената Резолуција за Македонија на ЕП од 10.03.2016, значи една недела пред да биде објавен Извештајот на Јанева, во точката 7 се наведува:

„(ЕП-н.з.) Сметајќи дека е од клучна важност за демократскиот процес, на Специјалната обинителка да и се даде целосната поддршка во исполнувањето на договорените функциии, да се одржи нејзината целосна автономија и да и бидат дадени сите побарани ресурси во истражувањето на злоупотребите што произлегоа од прислушкуваните разговори;

 (ЕП-н.з.) Повикува на прекинување на опструкциите во судовите против давањето доказни материјали на Специјалниот обвинител и на поддршка на измените во законите, во смисла на обезбедување на автономијата на СЈО која се однесува на заштитата на сведоците во оние случаи за кои е одговорна канцеларијата на Обвинителката.

Како што може да се види, ЕП, кој во својата резолуција во преамбулата се повикува на повеќе документи, меѓу кои и извештајот на Прибе, на соопштенија и на други документи на Европската комисија од втората половина на 2015 година, јасно констатира опструкции и тоа и кај судот и во неволноста да се изменат законите што ќе ѝ овозможат на Јанева полесна и посигурна работа со заштитените сведоци.

Впрочем, Јанева тоа го побара уште претходно, при што до Собранието достави барање за итна измена на Законот, а понуди и готов текст за расправа, откако на неколкуте нејзини повици тоа да го стори Владата или Минисерството за правда, или некој од пратениците, беше возвратено со молк.

 

СЕЛЕКТИВНА ПРАВДА ПРЕКУ „ЗЛОУПОТРЕБА НА СЛУЖБЕНА ДОЛЖНОСТ“

Има уште еден дел од Резолуцијата кој е во директна линија со Извештајот на Јанева и може да се толкува не само како потврда, туку и како помош до СЈО од страна на ЕП, бидејќи се повикува на деполитизација на судовите и на осуда на селективната правда, особено со „злоупотреба на службената должност и овластувањата“. Притоа, таа е посебно и апострофирана со соодветниот член во Законот за кривична постапка.

Членот 353 од КЗ ја дефинира „Злоупотребата на службена положба и овластувања“ и ги разработува санкциите за ова дело. Тие се движат од минимални 6 месеци, до минимални 5 години затвор, доколку делото е сторено при јавни набавки и на штета на средствата од Буџетот на РМ.

Во Резолуцијата во точка 14 се вели:

(ЕП-н.з.) Регистрирајќи ја добро воспоставената правна рамка и почетните мерки во насока на судските реформи, но осудувајќи ги случаите на селективна правда, особено преку злоупотребата на Членот 353 од Кривичниот законик, (ЕП – н.з.) повикува уште еднаш на политичка волја за деполитизација при именувањето на судиите и обвинителите и на обезбедување на професионализација на Судскиот совет;…и ги повикува инволвираните страни на нова стратегија за судската реформа во периодот 2015-2020 година со акциски план.

Коинцидирачки, случајно или не, во Извештајот за работата на СЈО во првите шест месци, беше соопштено дека во кривична обработка (во истражна постапка) се 30 предмети против 80 лица, при што, најголемиот дел, 37 од нив, се сомничат за злоупотреба на службената положба и овластувања, од што голем број на дела се поврзани со изборни измами и криминал. 

Во Резолуцијата на Европскиот парламент има и други точки кои директно или индиректно укажуваат на пречките со кои се среќава Јанева, како во точка 11 на пример која се однесува на преголемата политизација во јавната администрација, оттука и на можноста владејачките партии да прават опструкции, но и на длабоката корупција, особено во државната и јавната администрација (точка 19 од Резолуцијата), при што се повикува Владата на неселективна борба против корупцијата, особено преку „повик до властите да го спроведат законот за заштита на укажувачите“ на коруптивни дела, усвоен при крајот на 2015 година, а кој исто така е поврзан и со работата на СЈО.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција