Струмица не доби втора подземна сообраќајница
Подземна сообраќајница
Струмица е позната како најпрогесивна општина во Македонија. Дел од оваа прогресивност е резултат на тоа што ние не се плашиме да ги прифатиме големите и храбри проекти. Во изминатиот временски период Струмица стана претпознатлива по изградбата на првата подземна сообраќајница во Македонија и првата подземна гаража.
За новиот мандат ќе изградеме нова подземна сообраќајница која ќе биде ново урбано одбележје на Струмица. Најавуваме:
Нова подземна сообраќајница на потегот од улицата 24-ти Октомври (кај пицерија Бонита) до улицата Ванчо Китанов. Оваа нова сообраќајница подземно ќе ги поврзе овие две улици кои се пресечени со Градскиот парк и ќе создаде нова врска помеѓу двете страни на градот. Овој сообраќајно функционален проект ќе биде реализиран до 2015 година и ќе овозможи побрз проток на граѓаните и зачувување на целината на Градскиот парк. (Рок: 2015)
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ
Во изборната програма (на страница 40) со која кандидатот на СДСМ и здружената опозиција, Зоран Заев настапи на локалните избори во 2013 година и со која ја доби довербата од граѓаните на општина Струмица за нов градоначалнички мандат, вети изградба на уште една подземна сообраќајница во градот Струмица, наведувајќи дека ветувањето ќе биде исполнето до 2015 година. Истражувајќи за ова ветување на Заев, видовме дека тоа е неисполнето.
Првата подземна сообраќајница под плоштадот „Гоце Делчев“ е изградена во текот на претходниот мандат на Заев.
Пребарувањето на веб-сајтот на Општина Струмица со два термина – „подземна сообраќајница“ и „Ванчо Китанов“ не произведе очекувани резултати, односно не наидовме на информација дека изградбата на подземна сообраќајница која ќе се протега под дел од Градскиот парк за да ги спои улиците Ванчо Китанов и 24 октомври, е започната или завршена.
Пребарувањето на интернет за вести и информации за реализација на ветувањето не доведоа до очекуван резултат.
И граѓани на Струмица, кои живеат во релативна близина на местото каде би требало да се протега подземната сообраќајница, ни кажаа дека досега не е преземено ништо на тој план.
Поради сето тоа, имајќи предвид дека рокот е одамна истечен, ова ветување на струмичкиот градоначалник Зоран Заев го оценуваме како неисполнето.
ИЗВОРИ
- Изборна програма на Зоран Заев за локалните избори 2013 (стр. 40) [Пристапено: 26.08.2016]
- Веб-сајт на Општина Струмица – Пребарување за „подземна сообраќајница“ [Пристапено: 26.08.2016]
- Веб-сајт на Општина Струмица – Пребарување за „Ванчо Китанов“ [Пристапено: 26.08.2016]
Оценето од: Сашо Спасоски
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар