Контраспин: Климовски потврдува дека ставот е појак од Уставот

Климовски (цитат) - Став је јачи од Устава. Фото: обработка Вистиномер

Со своите ставови изнесени во интервју за една македонска национална телевизија, пензионираниот професор по уставно право и поранешен македонски политичар д-р Саво Климовски, де факто изрази став дека законите се над Уставот, дека е згрешено што минатата година Јавното обвинителство не ги запленило снимките на опозицијата и институциите не го уапсиле Заев или некој друг…

Со своите ставови изнесени во интервју за една македонска национална телевизија, пензионираниот професор по уставно право и поранешен македонски политичар д-р Саво Климовски, де факто изрази став дека законите се над Уставот, дека е згрешено што минатата година Јавното обвинителство не ги запленило снимките на опозицијата и институциите не го уапсиле Заев или некој друг…

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Д-р Саво Климовски во интервју за Сител го изнесе следниот став:

Спин: А, за тоа зошто не фукционирале институцииите на време, е тоа си го поставувам јас секогаш прашањето. Доколку Јавниот обвинител на РМ, после објавата, замислите на премиер на држава…за заканите за државниот удар, не излезе и не кажа – доколку во рок од три дена не ми бидат доставени сите снимки, сето она што, замислете премиер го кажува, тоа не го кажува политичка партија или функционер во партијата, туку една од највисоките личности во Република Македонија, по функцијата, нели и највисока, по моќта…кога тој тоа го кажува, наместо да стане цела узбуна во тие институции, наместо да се мобилизираат и да ги соберат сите тие и да речат дека после три дена ништо не признаваат – тие едноставно се повлекоа како да се лично нападнати. И тоа мене ми е и до ден денеска нејасно… („Требаше веднаш да биде уапсен Зоран Заев, по заканите“ – интервенира новинарката во тој момент од разговорот)…Дали Зоран Заев, дали, ќе оценеа…но требаше да кажат дека после три дена, ниту една.., се става забрана на никакво објавување на снимците и сите што ги имаат треба да им ги достават. Кривично дело е тоа. Тие дозволија тоа кривично дело да метастазира…

[ Извор: Сител ТВ –youtube канал (од 11.57 – 13.20 мин.), Датум: 20.11.2016]

 

Kontraspin - foto Vistinomer

 

Контраспин: Професорот во пензија д-р Саво Климовски во оваа своја изјава, која, всушност, е извртување на вистината и спин, се залага за поинаква реакција на Јавното обвинителство на Република Македонија во 2015 година и притоа изразува чудење зошто Јавниот обвинител не излегол јавно да побара во рок од три дена, опозицијата да му ги доставела сите „снимци“ со кои располагала, а кои беа подоцна претставени во „бомбите“.

И сето тоа затоа што, „замислете, не било кој, туку премиерот“, рекол дека имало обид за државен удар.

Изјавата е спин, затоа што Јавното обвинителство (ЈОРМ) го направи тоа што го можеше во моментот. Де факто, реагираше на изјавата на премиерот, т.е. уште пред изјавата, бидејќи премиерот тоа го пријавил, па преку ЈОРМ со судска наредба имаше и посебни истражни мерки, а полицијата, веројатно по наредба на обвинителството истражувала, истражувала и на крај дошла до сознание дека станувало збор за шпионска група, која за сметка на странска држава нелегално прислушкувала, а потоа му ги дале снимките на Заев, па тој направил „насилство врз највисоки државни функционери“, итн., односно се што стои во обвинението во случајот „Пуч“.

Значи Обвинителството работело, не е дека не работело откако „највисокиот функционер“, според Климовски, премиерот, излегол и кажал што му се случувало. Дали Обвинителството, т.е. обвинителот можел да нареди да му се предадат „снимците“? Теоретски, можел. Во пракса не. Не можел, затоа што, прво, би станувало збор за кршење на делови од Уставот, а сосема е јасно дека со таква една наредба би се ризикувале дури и граѓански судири, но најмногу поради тоа што не би ја постигнале целта – или не знаеле каде се снимките или ценеле дека има повеќе копии. Имено, тогаш, тој ист ден Заев рече:

Ова што се случи денес(ка) е дрзок обид на власта да го спречи објавувањето на сето она што го прават токму тие. А, претставува доказ за газење на Уставот и законите во Република Македонија, токму од страна на Никола Груевски и неколку поединци околу него…незаконски прислушувале илјадници граѓани во Македонија, нарушувајќи ја нивната приватност и професионален ангажман…Доказите што ги поседуваме се добиени од службите во РМ под контрола на Груевски и неколку поединци, што е уште еден доказ дека системот на контрола им е во распад…Ќе дознаете и каква е таа спрега помеѓу МВР, судството и обвинителството, ќе дознаете за криминали од невидени размери, ќе дознаете чекор по чекор, ќе дознаете се!

На новинарско прашање, „Ако ве уапсат, кој ќе ги објави доказите“, Заев одговара:

Гледате? Еве овој таму, еве оној таму, еве некој од нас овде…Ниту апсењето на Заев, ниту на некој член на опозицијата, ниту на некој граѓанин, нема да може да го спречи овој процес кој што претстои за нашата земја….(мисли на објавувањето на незаконски снимените материјали).

Дотука е јасно, зошто било практично невозможно за Јавното обвинителство да нареди апсење на Заев или на кој било друг, дури и ако претходно издало наредба за доставување на снимките, оти тоа било кривично дело. Затоа и цениме дека изјавата на Климовски е извртување на вистината или спин, кој веројатно е кажан како негова лична замисла како тој би се справил со проблемот, а и во насока на разговорот кој потоа, од Уставот и двојазичноста, се префрли на критика на Специјалното јавно обвинитество, кое Климовски го оцени како канцер за уставниот и правниот поредок во државата.

 

ЗАКОНОТ Е НАД УСТАВОТ!?

Но, изјавта на Климовски за поинакви справување со проблемите, за нефункционирањето на институциите, е недоследна и неумесна и од друга страна. Иако најавен како „најголем експерт по уставно-правната материја“, д-р Климовски покажува или темелно непознавање, или непризнавања на Уставот и уставните вредности (тој во еден момент тоа и децидно го кажува – кажува дека Уставот ни бил со „фабричка мана“ уште од почеток). Еве и зошто.

Прва уставна одредба во основните одредби кои зборуваат за темелните вредности е дека  Република Македонија е суверена, самостојна, демократска и социјална држава.

Член 2 од Уставот пак вели дека  „Во Република Македонија суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните. Граѓаните на Република Македонија власта ја остваруваат преку демократски избрани претставници, по пат на референдум и други облици на непосредно изјаснување“.

 Понатаму, член 8 се занимава со темелните вредности на уставниот поредок во РМ:

  Темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се:
        – основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати со меѓународното право и утврдени со Уставот;
        – слободното изразување на националната припадност; соодветна и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и другите јавни институции на сите нивоа;
        – владеењето на правото;
        – поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска;
        – политичкиот плурализам и слободните непосредни и демократски избори;
        – правната заштита на сопственоста;
        – слободата на пазарот и претприемништвото;
        – хуманизмот, социјалната правда и солидарноста;
        – локалната самоуправа;
        – уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата и
        – почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право.
        Во Република Македонија слободно е сè што со Уставот и закон не е забрането.

Член 16 од Уставот пак, се занимава со слободата на изразувањето и правото на информација:

Се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата.
Се гарантира слободата на говорот, јавниот настап, јавното информирање и слободното основање на институции за јавно информирање.
Се гарантира слободниот пристап кон информациите, слободата на примање и пренесување на информации.
Се гарантира правото на одговор во средствата за јавно информирање.
Се гарантира правото на исправка во средствата за јавно информирање.
Се гарантира правото на заштита на изворот на информацијата во средствата за јавно информирање.
Цензурата е забранета.

И конечно, сосема доволно за аргументациијата што сакаме да ја изнесеме, член 18 гарантира право на приватност во комуникацијата на секој граѓанин:

Се гарантираат сигурноста и тајноста на личните податоци.
На граѓаните им се гарантира заштита од повреда на личниот интегритет што произлегува од регистрирањето на информации за нив преку обработка на податоците.

Имајќи предвид се што се случуваше тој ден, а и оттогаш до денес, како тоа професорот Климовски смета дека Обвинителството требало да ги земе „снимците“ и да забрани нивно објавување!?

Објвувањето на незаконски снимени телефонски разговори е кривично дело содржано во други дела во КЗ и во други закони, меѓу кои и дело на нарушување на приватноста, но ако „снимците“ укажуваат на незаконитост во највисоките  органи на државната управа и избраните или именуваните функционери, како и на други кривични дела од областа на организираниот криминал, ако укажуваат на индиции за тежок облик на корупција, тогаш кој закон е посилен од Уставот, конечно и од јавниот интерес?

Станува збор за одбрана на основни темелни вредности на демократскиот поредок вградени во Уставот и законите, кои имаат за цел и заштита на човековите права и слободи.

Но според „најголемиот експерт за уставно-правната материја кај нас“, како што го нарече новинарката пензионираниот професор д-р Саво Климовски, институциите не реагирале на време, не ги одземале „снимците“ кога алармирал премиерот и не го уапсиле Заев или некој друг за кој тие ќе оценеле. Што би рекол самиот Климовски – „Став је јачи од Устава“ (Ставот е посилен од Уставот).

Со ваквиот став, правото на приватност на државните и јавните функционери Климовски го издигнува на пиедестал, над прватноста на другите илјадници граѓани и над јавниот интерес, а патем ги упатува сите незадоволни граѓани правдата да ја бараат пред домашните редовни институции и ако не биле задоволни да одат и во меѓународните институции.

 

СПИН И ЗА ГРЕКО

Професорот во пензија д-р Саво Климовски, патем, беше несмасно вовлечен во уште едно спинување од страна на новинарката со која разговараше, со која се согласи дека ГРЕКО (група на земји за борба против корупцијата при Советот на Европа), во „своите последни извештаи го критикувало Специјалното јавно обвинителство“ дека ги кршело правата на граѓаните.

ГРЕКО ниту се занимава со СЈО, ниту е надлежно да ја набљудува неговата работа, туку тоа се занимава со години со редовните институци во РМ и нивната институционална моќ за справување со корупцијата. Последниот извештај на ГРЕКО за Македонија е од 1-ви јули 2016 каде се евалуира состојбата, односно колку земјата ги прифатила и ги имплементирала препораките на ГРЕКО. Еве го тој извештај во кој, меѓу другото, се вели:

Заклучоци:

Во поглед на горенаведеното, ГРЕКО заклучува дека Република Македонија има имплементирано задоволително или се справила на задоволително ниво со само три од деветнаесет препораки содржани во Извештајот за евалуација од Четвртиот круг. Од останатите препораки, десет се делумно имплементирани, а шест не се имплементирани.

Премногу неумесно е од пензиониран професор по право и поранешен висок политичар да спинува за СЈО, преку спин за ГРЕКО. Со други зборови, д-р Климовски, изложувајќи го она што му е личен, а би требало да биде и експертски став, барем на два пати се послужи со извртување на вистината или спин.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција