Контраспин: Ноќ на опасен говор на омраза

Проф. д-р Валентина Божиновска сака да види кој е цар, а кој шпион. Фото: принтскрин

Од тапани до воени барабани, границата е тенка. Крајно време е да се престане со ваквата реторика, а еден од начините е државниот јавен обвинител да предупреди со тоа што ќе почне да повикува на распит луѓе што говорат со омраза

 

Од тапани до воени барабани, границата е тенка. Крајно време е да се престане со ваквата реторика, а еден од начините е државниот јавен обвинител да предупреди со тоа што ќе почне да повикува на распит луѓе што говорат со омраза

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Валентина Божиновска (1967) во ноќта на 15-ти спроти 16-ти декември 2016 г. пред седиштето на ДИК во Скопје грубо ја изврте вистината, употребувајќи притоа и говор на омраза.

Спин: Да ги поздравам бранителите (…), оваа вечер е вечер на ножевите, (…) оваа вечер е вечер или на разумот или на лудилото на еден човек. На последниот македонски предавник Зоран Заев (…). ВМРО-ДПМНЕ никогаш не бил против албанскиот народ. Не заборавајте дека и за Бајрам и за Бадник доаѓаат и честитаат. Зоран Заев, се дрзнеш ли со ВМРО-ДПМНЕ ќе добиете народ, ќе добиете Македонија. Домот ќе ни биде пред ДИК, со шатори…
Ќе се случи еден ден во кој ќе кажеме елате браќа и сестри да се собереме и тргнеме, да видиме кој ќе ни биде цар, а кој шпион. Да знае и Чичаковски и Дума оваа вечер со два куршума ги убиваат и Гоце и Ченто. Браќа и сестри битката почнува од оваа вечер.

[Извор: Република, датум: 16.12.2016]

Kontraspin - foto Vistinomer

Контраспин: Професор, д-р Валентина Божиновска беше само една од низата говорници од таа партија или блиски до таа партија во ноќта на протестите пред Државната изборна комисија (ДИК), а со својот речник, во кој покрај извртување на вистината беше употребен и говор на омраза со смртни закани, предизвикува голема потенцијална штета на општествените односи во земјава.

Нејзиниот спин е јасен и чист за деспинување. Во секој дел од речениците што ги искажа пред насобраната маса. Нема да трошиме премногу зборови да го покажеме нејзиното извртување на вистината, чија суштина лежи во тоа дека ниту станува збор за „лудилото на Зорана Заев“, ниту пак работењето на ДИК, при што се апострофирани претседателот Александар Чичаковски и членот Виолета Дума, има некаква врска со историјата на Македонија претставена преку Гоце Делчев и Методија Андонов–Ченто.

На секој граѓанин на Република Македонија, кој има основно образование, му е јасно дека ДИК работи врз Устав и закон, пред сè, Изборниот законик и има сосема легитимно право да ја истера процедурата до крај и официјално да каже кога изборите во Република Македонија имаат извесен исход. Оттука, зборовите на Валентина Божиновска не се ништо друго туку спинување.

 

НЕ Е САМО СПИНОТ – „ИГРААТ“ И НОЖЕВИ

Она што е специфика во нејзиното спинување е употребата на говор на омраза, кој метафорично искажан повикува на злосторство од омраза. Нејзиниот говор на омраза е фундиран на политичка и етничка дисонантност со оние кон кои е упатен говорот. Три елементи го чинат нејзиниот говор многу опасен.

1. Ова е ноќ на ножеви

Изјавата не може да се разбере никако поинаку освен дека станува збор за паралела со „ноќта на долгите ножеви“. Станува збор за легенда употребена уште во времето на Кралот Артур, но современето разбирање на терминот во литературата е врзана со масовните убиства извршени во нацистичка Германија во 1934 година. Тогаш по налог на Адолф Хитлер во две ноќи на крајот на јуни се убиени помеѓу 83 и 90 лица, кои припаѓаат на политички неистомисленици. Поводот е скротување на фракцијата во нацистичкото движење и напад врз раководни лица и членови на парамилитарна организација, но страдаат и конзератнивни политичари и интелектуалци.

Изјавата на Божиновска, и покрај добрата волја и пребарување на други значења, не може да се протолкува поинаку освен како повик на убиства на политичките неистомисленици, но и идентификација на нејзината партија со нацизмот.

2. Ова е ноќ на последниот македонски предавник Зоран Заев

Оваа реченица е директно кажана после првата реченица – ноќ на (долгите) ножеви. Како може да се протолкува поинаку, освен како повик на убиство на националниот/етничкиот „предавник“ Зоран Заев. Секој има право да не се согласува со политичкиот противник, но етикетирањето дека некој е нациоален предавник е многу опасна работа во јавниот говор во Македонија, која е мултиетничка и мултикултурна земја, без оглед, или токму затоа што мнозинството од населението се етнички Македонци.

3. Да се собере и да тргнеме, да видиме кој ќе ни биде цар, кој шпион?

Оваа реченица е искажана по претхоните две. Значи имаме „ноќ на ножевите“ и го имаме „предавникот“. Да се собереме и да тргнеме… Каде? Да видиме „кој ќе ни бил царот, а кој шпионот“. Со оглед на тоа што Божиновска јавно се колне во еден „цар“ – политички, а со оглед на фактот што веќе го означи „шпионот“, повикот лесно се толкува како, „да тргнеме да го прогласиме царот и да го убиеме шпионот“.

Згора на сè, упатена е порака дека нема да страда само главниот шпион. Ќе страдаат и тие што „испукале куршуми и ги убиле Гоце и Ченто“, т.е. Чичаковска и Дума. Оттука, конечно, зошто само тие двајца? И други членови на Комисијата гласаа за прифаќање на еден приговор на БЕСА, во смисла да се доистражи, но и цел дел од една критичка јавност која се согласува со дел од аргументите во приговорите на политичките партии. Пораката би била дека штом може да настрадаат Чичаковски или Дума, може да се казни и уште некој за пример, онака, да не им текне друг пат да ја оспоруваат победата на „царот“.

 

ПОЧНА ОД ЌОСЕТО – СТАНУВА ОПАСЕН ТРЕНД

Она што го кажува Валентина Божиновска е опасно. Но, треба да се знае дека е само последната во низата, во последните десетина дена. Говор на омраза, кој е опасен и кој што може да доведе до злосторството од омраза е присутен во јавниот простор во Македонија долго време. За тоа сведочат и голем број претставки, околу една третина од сите претставки што стигнуваат до Советот за етика во медиумите.

Но, со изборната кампања тој говор се засили, а политичкарите станаа промотори на говорот на омраза. Кулминацијата, засега, беше со изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, дека, ако беше Делчев жив, ќе му го прател на Заев Ќосето

Иако Груевски се обиде следниот ден да ја ублажи изјавата, лавината тргна. Синоќа пред седиштето на ДИК гледавме и слушавме говор на омраза речиси од секој функционер на ВМРО-ДПМНЕ кој им се обраќаше на луѓето.

Директор на државен архив и поранешен дипломат Филип Петровски, беше еден од најогнените подбуцнувачи, откако претходно и Антонио Милошоски и Влатко Ѓорчев имаа свои опасни делови од говорите. Петровски, меѓу другото, рече:

Тие се обични бараби. Добија сѐ што сакаа. На глава ни се качија. Сите споменици ги испоганија низ Скопје. Сега велиме доста е. Ниедна ограда нема да не стопира ако тргнеме. Нашето трпение е пред крај. Удрете тапани да ве чујам!

Од тапани, до воени барабани, границата е тенка. Крајно време е да се престане со ваквата реторика, а еден од начините е Државниот јавен обвинител да предупреди со тоа што ќе почне да повикува на распит луѓе што говорат со омраза. Говорот на омраза е санкциониран во Кривичниот законик на РМ и за него следат казни, од условен затвор, до 10 годишна робија.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција