Никола Груевски од Охрид најави “нова ера и ново утро за Македонија”(!?)

Нова ера? Предизборен митинг на ВМРО-ДПМНЕ во Охрид. Фото: Вистиномер

Груевски вети враќање на власт, нови проекти, стотици илјади нови вработувања, 12.000 долари доход по глава на жител, а ги подржа идеите на локалните власти за локални референдуми против доселувањето на бегалци

 

Груевски вети враќање на власт, нови проекти, стотици илјади нови вработувања, 12.000 долари доход по глава на жител, а ги подржа идеите на локалните власти за локални референдуми против доселувањето на бегалци

 

Пишува: Веле Митаноски

 

ВМРО-ДПМНЕ, кампањата за претстојните локални избори ја започна така што првиот митинг го одржа во Охрид, што партијата, традиционално, го чини од осамостојувањето на земјата и првите избори во 1990 година.

Иако никој јавно не кажува, a особено ова не може да се очекува од сегашново раководство, но, тоа е сепак некаков таен завет кон идејниот татко на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Богдановски, кој, во 1990 година, од Охрид повика: „Напред во изборна победа со подигнатиот Самуилов меч!“ Навистина победија, нешто со мечот, нешто со украдените кутии, но Охрид на стартот на политичкиот плурализам немаше ниту еден пратеник, а имаше совет и градоначалник (!), што е друга тема за анализа и што го отвора прашањето за нечиј таен пазар, односно внатрешно предавство во охридското раководство на тогашната СКМ-ПДП на Петар Гошев!?

lOK-IZB

Синоќешниот митинг се одржа на Градскиот плоштад во Охрид, на кој говореа кандидатот за градоначалник Митко Тилевески, претставници на коалицијата, претставници на унгарската сестринска партија ФИДЕС (Fidesz – Magyar Polgári Szövetség/Унгарска граѓанска алијанса, владејачка партија во Унгарија на чело со премиерот Виктор Орбан), како и лидерот Никола Груевски.

 

СОКАЧИЊА, УЛИЦИ И – ПОМРАЧУВАЊЕ

Говорот на Груевски беше избалансиран, со тоа што потроши подеднакво време за локални проблеми и проекти, набројувајќи ги сите села (некои погрешно ги читаше!) сокачиња и улици кои биле или ќе бидат асфалтирани, додека на генерален план ја обвини актуелната власт за продажба на националните интереси, јазикот и македонското малцинство – со Договорот за добрососедство со Бугарија.

Критиките на меѓународен план очекувано беа најжестоки во делот на надворешната политика. Рече дека Владата на Заев е донесена со задача да го продаде името на Грција.

Тоа е операција за решавање на проблемот со името по терк на Грција, заедно со онаа што СДСМ како губитник на парламентарните избори ја донесе на власт – вели Груевски.

Сѐ заедно, новата власт ја донела Македонија во едно помрачување, но ВМРО-ДПМНЕ ќе има отворени очи, нема да им дозволи да им ја украдат победата, нели, што уште сега им е осигурена на локалните избори, а тие, пак, брзо ќе доведеле до предвремени парламентарни избори.

Груевски не заборави да го пофали работењето на досегашниот градоначалник Никола Бакрачески, или како што рече, „докторот“, кој со прифаќањето на првиот мандат „си стави трн во нога!“, да се бори со долг од 33 милиони евра на претходниот градоначалник, кој од Охрид направи најзадолжена општина во земјата и кој долг за 4 години го намалил за 13 милиони евра.

Груевски вети враќање на власт, нови проекти, стотици илјади нови вработувања, 12.000 долари доход по глава на жител, а ги подржа идеите на локалните власти (кои не се, нели, негови!), за локални референдуми против доселувањето на бегалци.

Ја обвини власта, која за него е “рекет-екипа”, дека извозот го намалила за 12 отсто, девизните резерви за 170 милиони евра, дека откако стапнала на власт во Македонија не стапнал странски инвеститор.

Груевски најави нова ера со нова енергија, ново утро за, како што рече, помрачената Македонија, за што направиле план за нова десетолетка, план кој е прецизно подготвен, план кој ѝ го образложивме на јавноста во детали на големиот собир во петокот во Скопје и план кој предвидува реален и крупен напредок на Македонија.

Визија за иднината, иднина во која Македонија ја гледаме како членка на ЕУ и на НАТО, и во стратешко партнерство со Америка, план со кој се предвидува отворање на нови 150 илјади работни места во Македонија и намалување на невработеноста под 10 проценти – рече Груевски пред митингашите, кои половично беа охриѓани, а половично довезени од други градови.

За разлика од претходните митинзи, тоа беше помалку забележливо, затоа што автобусите, во број од околу триесетина, наместо по булеварот, беа паркирани на големиот паркинг простор пред и внатре во СРЦ „Билјанини извори“.

Судејќи според регистарските таблички, најмногу автобуси имаше од Битола и Прилеп, нешто од Скопје, додека од Кичево, Струга и Ресен, митингашите беа допатувани со сопствени возила.

Во очи на вечерашниот митинг, синоќа минута по полноќ, пред штабот на партијата во Охрид, пред присутните граѓани се обратија претседателот на ОК и носител на советничката листа д-р Кирил Пецаков, актуелниот градоначалник д-р Никола Бакрачески и кандидатот за градоначалник д-р Митко Тилевски.

 

ТУКА СЕ БРАЌАТА ОД СЕСТРИНСКАТА ФИДЕС!

Груевски, овој пат, не довлечка митингаши од други градови, како што тоа го чинеше порано. Не дека партијата нема пари, ама сѐ помалку ги има оние кои за сендвичи и тетрапак-сокче би дошле да го видат и да ги види Охрид. Не дека ги немаше. Барем половината беа од надвор.

За разлика од претходните митинзи, тоа беше помалку забележливо, затоа што автобусите, во број од околу триесетина, наместо по Булеварот, беа паркирани на големиот паркинг простор пред и внатре во СРЦ “Билјанини извори”.

Судејќи според регистерските таблички, најмногу автобуси имаше од Битола и Прилеп, нешто од Скопје, додека од Кичево, Струга и Ресен, митингашите беа допатувани со сопствени возила.

На митингот имаше делегација од дури тројца високи претставници од будимпештанската, сестринска ФИДЕС партија на „братот Орбан“.

Вие ја претставувате Европа во Македонија, му рече сестринскиот брат на Груевски. Вие сте партијата за европска и евро-атлантска Република Македонија.

По победата на овие локални избори логично е ВМРО-ДПМНЕ да бара и да добие предвремени парламентарни избори, ги утеши лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, своите приврзаници, додавајќи дека ќе започне нова ера во Македонија која ќе стави крај на помрачувањето што и се случи на државата со доаѓањето на СДСМ. Тој жали за референдумите, кои нема да се одржат на денот на локалните избори, затоа што со нив ќе се избегнеа двојни трошоци и двојно малтретирање на граѓаните!

Инаку, по Прилеп, Битола и други поголеми места во земјата, референдумскиот вирус против доселувањето на бегалци ги зарази и советниците на ВМРО-ДПМНЕ во Охрид. Имено, охридските народни избраници го изгласаа Предлог-заклучокот за прифаќање на иницијативата за распишување на референдум на локално ниво, како и Предлог-одлуката за негово распишување на локално ниво, околу прашањето за доселување на подрачјето на општина Охрид на лица, баратели на азил.

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, за кампањата што се шири низ земјата изјави дека ВМРО-ДПМНЕ измислува лажни приказни, како оваа со мигрантите, за да го мобилизира членството, исплашени дека на локалните избори ќе го загубат мнозинството. Подоцна таа работа беше ставена ад-акта од страна на Инспекторатот за локална самоуправа.

Сѐ заедно, новата власт ја донесла Македонија во едно помрачување, но ВМРО-ДПМНЕ ќе има отворени очи, нема да дозволи да им ја украдат победата, нели, што уште сега им е осигурена на локалните избори.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција