Дебар доби нов зелен пазар со задоцнување од 2 години
Проект: Нов зелен пазар, со визија за овој век, со современ паркинг, по пат на јавно-приванто партнерство, (2013-2015). Буџет: 2.000.000 евра
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Градоначалникот на Општина Дебар, Ружди Лата, во својата предизборна програма „Заедно градиме“ во делот „Модерна инфраструктура и чиста средина“(стр. 122) вети „Нов зелен пазар“ во Дебар. Новиот пазар е исполнето ветување на Лата, реализиран со 2 години задоцнување.
На 27.01.2017 медиумите информираа дека наскоро се очекува отворењето на новиот пазар:
Претставниците на локална самоуправа во Дебар посочија дека се работи за градба на еден современ пазар со високи стандарди. Пазарот ќе има покриен дел, дел за продавање на производи од земјоделство и дел за продавање на млечни производи. Исто така, ќе има дел со дуќани и паркинг место. Жителите на Дебар со нетрпение очекуваат да заврши изградбата на пазарот, со што конечно ќе се надмине и проблемот со градскиот пазар, кој недостасуваше на Дебар. Имајќи во предвид дека ден на дебарскиот пазар е сабота, освен граѓаните на Дебар, таму ќе пазаруваат и граѓаните од Жупа и од Река, исто така и жители од албанското гранично население. Овој пазар овозможува добри услови за продажба на производи и млечни производи, и тоа според европските стандарди.
На 07.02.2017 Претир Пачуку од Секторот за урбанизам во Општина Дебар, рече дека проектот за изградба на новиот пазар е во финална фаза и дека со овој проект Дебар ќе има современ пазар, покриен, и пазар според европските стандарди со површина од 4500 квадрати. Според него, новиот пазар ќе има и деловен простор, односно продавници, и секако паркинг, а со пазарот ќе управува компаниа која ќе се избере според закон.
Како што информира медиумите тогаш, градоначалникот на Дебар, Ружди Лата, изјави дека пазарот е пред завршување и дека се работи за еден модрен проект, кој што ќе овозможува продавање на земјоделските производи во соодветни услови, со што ќе се надминат досегашните проблеми.
Со детали околу овој проект информираа и во истражувањето на Призма, во нивната преоценка за Општина Дебар:
Целосно реализирана е изградба на модерен зелен пазар, според европски стандарди, со паркинг, кој обезбедува доволни места за паркирање на возилата. Вредноста на инвестицијата е процената на 2 милиони евра, а рокот на реализација бил крајот на 2015 година. Пазарот е изграден во соработка со Исламската верска заедница и е пуштен во употреба во 2017 година, со две години задоцнување.
По проверката на терен констатиравме дека пазарот е функционален, но со забелешка дека просторот околу него не е уреден и недостасува асфалтиран современ паркинг.
Сепак, имајќи во предвид горенаведената проверка , иако со две години задоцнување, ветувањето на градоначалникот на Општина Дебар за „Нов зелен пазар“ го оценуваме како исполнето.
ИЗВОРИ:
- (27.01.2017) Актуеле.мк – Дебар во скоро време со нов пазар – [Пристапено на 03.10.2017]
- (07.02.2017) Журнал.мк – Дебар со нов современ пазар – [Пристапено на 03.10.2017]
- (27.01.2017 Актуале.мк) – Новиот пазар во Дебар во завршна фаза – [Пристапено на 03.10.2017]
- (2017) Призма.мк – Општина Дебар – Призма.мк – [Пристапено на 03.10.2017]
- (2013) Изборна програма на кандидатот на ДУИ за Општина Дебар, Ружди Лата „Заедно Градиме”, [Пристапено на 03.10.2017]
Оценил: Дрилон Салиу
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар