Дали здружувањето на БЕСА и Алијансата за Албанците ќе донесе пресврт во вториот круг?

Сојузништва - Непредвидлива градоначалничка битка на гласањето в недела (29.10.2017) Фото: Принтскрин колаж

 

Владејачките коалициски партнери СДСМ и ДУИ значително си помогнаа едни на други во гласањето за градоначалници во етнички мешаните изборни средини во првиот круг од локалните избори. Соочени со тоа, БЕСА и Алијансата за Албанците договорија соработка за вториот изборен круг, која, доколку се повторат резултатите од првиот круг, може да им донесе победа во Чаир, Тетово, Гостивар… Сепак, тоа би можело да се оствари само под претпоставка резултатите грубо да се пресликаат, што е голем прашалник со оглед на тоа што многумина граѓани одлучуваат индивидуално, а не според партиски клуч.

 

 

 

Пишува: Влатко Стојановски

 

 

Главните владини коалициски партнери СДСМ и ДУИ уште пред изборите јавно соопштија дека постигнале договор за меѓусебна поддршка во етнички мешаните општини, меѓу кои Скопје и скопските општини, Тетово, Гостивар… Овој договор предвидуваше СДСМ да го поддржи кандидатот за градоначалник на ДУИ во општините со доминантно албанско население, меѓутоа имаат и значителен број  Македонци, но и Албанци кои се приврзаници на СДСМ. И обратно – ДУИ да го поддржи кандидатот за градоначалник на СДСМ во општините каде има големо албанско малцинство.

lOK-IZB

Доколку се направи анализа на гласовите што во овие општини ги освоија кандидатите за градоначалници и советничките листи на двете партии, слободно може да се заклучи дека коалицијата меѓу социјалдемократите и интегративците била доста ефикасна и продуктивна. Дури, поддршката што двете партии меѓусебно си ја пружија во некои места била клучна нивните кандидати за градоначалници да победат, или, пак, да освојат најмногу гласови во првиот круг и во вториот да влезат како фаворити, со голема предност пред противкандидатите од ВМРО-ДПМНЕ, БЕСА и Алијансата за Албанците.

Така, во првиот круг во Скопје победи Петре Шилегов од СДСМ, кој освои 141.164 гласови, наспроти неговиот главен противкандидат од ВМРО-ДПМНЕ, Коце Трајановски, кој освои 101.472 гласови. Меѓутоа, освен што освои 39.692 гласови повеќе од Трајановски, Шилегов освои и 18.453 гласа повеќе отколку што неговата партија прокнижи на советничката листа. Приближно исто толку гласови на советничката листа освои ДУИ, за која гласале точно 17.100 гласачи, кои воедно гласале и за Шилегов како кандидат за градоначалник, со оглед дека интегративците, согласно договорот за соработка со социјалдемократите, не исфрлија свој кандидат.

Притоа, една од скопските општини каде Шилегов направи најголема разлика е Сарај, каде освои 9.000 гласови, додека Трајановски освои само 619. На советничките листи за Град Скопје, пак, социјалдемократите во Сарај освоија 3.294 гласа, или 5.706 гласа помалку во споредба со гласовите што ги освои нивниот кандидат за градоначалник на Скопје. Впрочем, оние 5.000 гласови плус на неговото конто се гласачи на ДУИ, која на советничката листа за Град Скопје во оваа општина освои 5.525 гласа.

Потоа, Шилегов во Чаир освои 14.752 гласа, што е за 10.721 гласа повеќе од оние 4.031 гласови на Трајановски. Но, Шилегов освои 8.658 гласа повеќе отколку што неговата партија освои на советничката листа за Град Скопје во оваа Општина, која точно освои 6.094 гласа. Оваа разлика меѓу гласовите на Шилегов и гласовите на советниците од СДСМ, поради кои ја прави главната разлика пред Трајановски во оваа Општина, горе-долу одговара на гласовите што ги освои ДУИ на советничката листа – 7.887.

 

 

МЕЃУСЕБНА ПОДДРШКА ВО СКОПЈЕ, ТЕТОВО, ГОСТИВАР…

Всушност, ова правило се покажува и во скопските општни со мешана демографска структура, како Гази Баба и Бутел, кои во македонската плурална историја секогаш биле под локална власт на ВМРО-ДПМНЕ. И на овие локални избори во првиот круг ВМРО-ДПМНЕ освои повеќе гласови на советничките листи од СДСМ, меѓутоа кандидатите за градоначалници од СДСМ освоија повеќе гласови од нивните опоненти од ВМРО-ДПМНЕ, токму поради поддршката од албанските гласачи обезбедена преку пактот со ДУИ.

Имено, на советничките листи во Гази Баба ВМРО-ДПМНЕ освои 16.973 гласови, додека СДСМ освои 15.616 гласа или 1.357 помалку. Но, кандидатот за градоначалник на ДПМНЕ, Тони Трајковски, освои 16.522 или речиси исто колку и ДПМНЕ на советничката листа (451 гласа помалку), додека кандидатот на СДСМ, Борис Георгиевски освои 17.591 гласови, или 1.975 повеќе отколку што освои СДСМ на советничката листа. Колкав е поточно импутот на ДУИ кон резултатот на Герогиевски во оваа општина е малку потешко да се измери, бидејќи овде ДУИ, БЕСА и Алијансата за Албанците излегоа со заедничка советничка листа, која освои 1.712 гласови, меѓутоа евидентна е поддршката од Албанците на страната на кандидатот на СДСМ.

Што се однесува до Бутел, ВМРО-ДПМНЕ на советничката листа освои 7.755 гласови, а СДСМ освои 7.574 гласови, или 181 глас помалку. Од дрга страна, кандидатот за градоначалник од СДСМ, Велимир Смилевски, освои 10.063 гласа, а кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Дарко Костовски, освои 7.845 гласа, или 2.218 гласа помалку. Ако гласовите на Костовски и на советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ се тука некаде со разлика од 90 гласа, тогаш Смилевски освои 2.489 гласа повеќе од советничката листа на неговата партија, што дури е значително повеќе и од гласовите што ДУИ ги освои на советничката листа – 1.435 гласа. Тоа може да значи дека Смилевски ги добил и гласовите на Алијансата за Албанците, која немаше свој кандидат за градоначалник, а на советничката листа освои 1.054 гласа.

Од друга страна, пак, СДСМ не кандидираше свој кандидат за градоначалник на Чаир, каде го поддржа кандидатот на ДУИ, Висар Ганиу. Инаку, тој во првиот круг освои 11.860 гласови, или 3.491 повеќе отколку што тежи неговата партија на советничката листа, за која гласаа 8.369 гласови граѓани. Очигледно е дека ова е резултат на поддршка од СДСМ, ако се знае дека оваа партија на советничката листа ја доби поддршката од 4.405 гласачи, од кои најголем број во гласањето за градоначалник се изјаснија за Ганиу, на тој начин овозможувајќи да заврши пред Зекрија Ибраими од БЕСА, кој освои 10.202 гласа, или 1.658 помалку.

 

 

НЕФОРМАЛНА ПОДДРШКА ИЛИ ИНДИВИДУАЛНА ОДЛУКА?

Исто така, СДСМ не кандидираше кандидати за градоначалници и во други „албански општини“, поддржувајќи ги кандидатите на ДУИ. Таков е примерот со Тетово, каде во првиот изборен круг најмногу гласови освои Теута Арифи од ДУИ. Впрочем, таа освои 13.265 гласови, додека второпласираниот Биљал Касами, лидер на БЕСА, освои 8.767 гласови. Па, ако Касами освои 1.715 гласа повеќе отколку што БЕСА освои на советничката листа, тогаш Арифи освои дури 2.529 гласа повеќе од советничката листа на ДУИ.

Со оглед дека СДСМ на советничката листа освои 4.123, може да се претпостави дека дел од овие гласови завршиле кај Касами, но, сепак, најголем дел заминале на контото на Арифи. Притоа, треба да се нагласи дека еден помал дел од Македонците што гласале за СДСМ на советничката листа истовремено не гласале за ниту еден албански кандидат за градоначалник, туку гласале за единствениот кандидат за градоначалник Македонец – Горан Манојловски, кој го кандидираше ВМРО-ДПМНЕ. Во поткрепа на тоа, тој освои 6.459, додека советничката листа на неговата партија освои 5.903 гласови, или 556 гласа помалку.

Во уште една голема општина со мнозинско албанско население – Гостивар, Невзат Бејта од ДУИ во првиот круг освои 12.095 гласа, додека најблизу до него беше кандидатот на Алијансата за Албанците (АА), Арбен Таравари, со освоени 11.600 гласови, или 495 гласа помалку. Практично, Бејта освои 3.666 гласа повеќе отколку што освои ДУИ на советничката листа, што дефинитивно е производ на поддршката на СДСМ, која поседува значителен квантум на гласови во овој град, имајќи  предвид дека на советничката листа освои 4.510. Арно ама, оваа Општина е специфична зашто слична е ситуацијата и со Таравари, кој освои 4.778 гласови повеќе отколку што освои АА на советничката листа.

Тоа може да се објасни со фактот дека зад него застанале помал број на Македонци што гласале за СДСМ и поголем број на Македонци кои инклинираат кон ВМРО-ДПМНЕ и припадници на други етнички заедници. Во таа насока, ВМРО-ДПМНЕ на советничката листа освои 4.603 гласа, додека нејзиниот кандидат за градоначалник, Дафина Стојановска, освои 3.543 или 1.060 гласа помалку, кои се смета дека гласале за Таравари или против Бејта, сеедно, знаејќи дека Македонец нема теоретски шанси за победа. Воедно, големата разлика меѓу гласовите што ги освои Таравари и неговата партија на листите ја објаснуваат гласачите на двете турски партии  – Демократска партија на Турција и Движење за национално единство на Турците, кои на советничките листи освоија вкупно 3.302 гласови, кои сигурно гласале и за градоначалник, бидејќи бројот на неважечки ливчиња при гласањето за советници и градоначалници е речиси ист, а од распоредот и соодносот на гласовите може да се заклучи дека гласале за кандидатот на АА.

 

 

СПЕЦИФИЧНА СИТУАЦИЈА ВО СТРУГА

Ако во овие општини поддршката меѓу СДСМ и ДУИ е максимализирана во првиот круг, тоа не е случај единствено во Струга, каде СДСМ исфрли свој кандидат за градоначалник. Станува збор за Васил Ашталкоски, кој заврши на третото место со 7.140 гласови, зад второпласираниот Рамиз Мерко од ДУИ со 7.916 гласови и првопласираниот Зијадин Села, лидер на Алијансата, со 9.289 гласови. Оттука, СДСМ лесно може да го одреди победникот меѓу Села и Мерко во вториот круг, но партијата најавуваше неутралност бидејќи станува збор за општина која му е особено битна на еден од коалициските партнери – Села.

Сепак, не се исклучува Зоран Заев подиректно да го поддржи Мерко, откако беше обелоденета коалицијата меѓу АА и БЕСА, кои најавија дека меѓусебно ќе се поддржат во вториот изборен круг, онаму каде кандидатот за градоначалник на една од двете партии е во игра за избор на кандидат за градоначалник во конкуренција со ДУИ. Доколку грубо се пресметаат гласовите што овие две партии ги освоија во првиот круг и ако оваа поддршка се преслика во вториот круг, тогаш тие имаат големи шанси да добијат градоначалници во неколку големи и битни општини.

На пример, кандидатот на БЕСА во Гостивар, Асаф Адеми, во првиот круг освои 3.104 гласови, кои се повеќе од доволни за Таравари да го компензира минусот пред Бејта од 495 гласови од првиот круг. Кандидатот на Алијансата за Албанците во Тетово, Атнан Незири, пак, во првиот круг освои 4.874 гласови, со кои Касами би ја престигнал Арифи. Ист е случајот и во Чаир, каде кандидатот на АА, Фарук Абди, во првиот круг освои 2.327 гласови, додека Ибраими од БЕСА заостана зад Ганиу со 1.658 гласови.

Од сето тоа може да се заклучи дека коалицијата меѓу СДСМ и ДУИ била прилично корисна за кандидатите за градоначалници на двете партии во многу мешаните етнички средини. Но, истовремено и нивните противкандидати успале да привлечат дополнителни гласачи кои не гласале за нив на советничките листи, па единствено непознато е дали тие можеби добиле неформална поддршка од други партии или табори, или, пак, овој прилив на гласови повеќе се должи на нивните лични квалитети, што доаѓаат во прв план кај луѓето што гласаат индивидуално?

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција