Саздовски го фрлил партискиот дрес на 12-ти за да не му наштети на Јакимовски на 15-ти октомври?!

Чекал да не и наштети на партијата со која не се согласувал Фото: скриншот

Чедомир Саздовски, пратеник во Собранието на Република Македонија во втор мандат изнесе став околу причината зошто долго време чекал да ја напушти партијата ГРОМ и да премине во независни пратеници, што го оценуваме како недоследен

 

Чедомир Саздовски, од неодамна независен пратеник во Собранието во рамки на дебатна емисија на ТВ 24 даде изјава која ја сметаме на недоследна:

 

Изјава: (оставката ја поднесов-н.з.) Уште на 20-ти септември. Одлуката ја донесов на 27 април по оние настани во Собранието. Имајќи предвид дека претстоеше процес на локални избори, не сакав да бидам никаква причина за одредени недоследности, порази и така натаму. На 20-ти септември го известив секретарот на партијата Виктор Цветковски дека поднесувам оставка од сите функции – член на централен одбор, член на извршен одбор, организационен секретар…Веќе на 12-ти октомври го известив претседателот на Собранието Талат Џафери дека преминувам во независни пратеници и дека во иднина ќе дејствувам во името и од името на граѓаните на Македонија…Зошто чекав толку долго? Јас сум по природа дисциплиниран и одговорен човек. Никогаш не настапувам од позиција да напаѓам било кого. И затоа долго време молчев. Вие не ме видовте во Собрание долго време јас да говорам…Партијата (ГРОМ) коалицираше со ВМРО-ДПМНЕ и ете, тука доаѓа она што јас велам дека сум дисциплиниран и исполнителен член на партијата. Таков бев и во СДСМ, таков бев и во ГРОМ. Во моментот кога видов дека екстремно се разидуваме во сфаќањата, јас одлучив да премолчувам многу работи…

[Извор: 24 Вести/youtube, од 1’10-17.33 мин., датум: 31.10.2017]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Чедомир Саздовски, пратеник во Собранието на Република Македонија во втор мандат изнесе став околу причината зошто долго време чекал да ја напушти партијата ГРОМ и да премине во независни пратеници, што го оценуваме како недоследен. Оваа оценка ја извлекуваме по два основи.

Првиот е аргументот на пратеникот Саздовски дека оставката ја поднел на 20 септември годинава од партиските функции, а на 12-ти октомври ја напуштил партијата и во Собранието станал независен, затоа што не сакал никому да му наштети на локалните избори, т.е. да биде некоја причина за пораз. Тоа „некому“ може да се однесува најпрвин на Стевче Јакимовски и на ГРОМ, а подоцна и на ВМРО-ДПМНЕ. Но, токму тоа нема никаква логика, затоа што во тој случај Саздoвски би требало да биде член на ГРОМ во Собранието барем до 15 октомври, па на 16-ти да ја обелодени својата одлука, откако лидерот на неговата партија ги загуби изборите во Карпош.

Вака, со тоа што го известил Џафери на 12-ти октомври, на три дена пред одржувањето на изборите, а тоа веднаш протече во јавноста како информација, само му нанел дополнителна штета на ГРОМ и на лидерот Стевче Јакимовски, па и на ВМРО-ДПМНЕ, зашто впечатокот во јавноста е дека пратеници почнаа да ги напуштаат овие коалициони партии.

И вториот аргумент зошто е недоследен ставот, т.е. изјавата на Саздовски, е тоа што пратеникот не може никако да објасни зошто останал толку долго, макар и формално член на ГРОМ и на коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ, иако, како што вели, тој увидел дека екстремно се разликуваат неговите лични и ставовите на неговата партија и коалицијата, уште на 27 април годинава, со насилствата во Собранието на РМ, кога, како што вели подоцна во емисијата, „му прекипела чашата“…

Саздовски нешто подоцна малку го менува исказот па вели дека дефинитивно сфатил дека не му е местото таму, кога на седница на Извршен одбор на ГРОМ каде му побарале извештај за тоа што се случило на 27 април во Собранието, подоцна не му бил дадено збор, веројатно од Јакимовски. Па си рекол, ако не можам тука да зборувам каде ќе можам да ги изнесам своите ставови

Како и да е, ако на Саздовски му прекипела чашата на 27 април или некој ден подоцна, тој повторно немал потреба да остане толку долго во Собранието како пратеник на ГРОМ во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ. Дури и ако е точно, а нема причина да не му се верува дека не го користел пратеничкиот збор, т.е. молчел, што е повторно необјасниво, дури и со толкувањето дека е дисциплиниран кон партијата и одговорен. Едноставно, и тука станува збор за недоследност. Се противел на нешто многу силно, ама тоа не го искажал јавно, иако пратеничката функција, поради одговорноста што ја носи, го подразбира токму обратното однесување.

Поради погоре изнесените аргументи, изјавата на Саздовски дека чекал со објавување на одлуката оти ќе ја напушти ГРОМ и коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ за да не му наштети некому за локалните избори, е недоследна.

 

Оцени: Теофил Блажевски

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција