„Е-општество“: Ни треба слободата за да си ја заштитиме приватноста

Скопје, 22 ноември, 2017 – 14:03 (META) 

Реформите во медиумската сфера мора да се направат професионално, преку дебата, а посебна регулација е потребна за интернет-порталите за да се избегнат злоупотреби, е заклучокот од конференцијата „Е-општество“ на тема „Слобода и приватност“, организирана од Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“.

Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, смета дека интернет-порталите се дел од проблемите во медиумската сфера затоа што зад одредени портали не се знае кој стои и нивните сопственици се офшор-компании.

Како посебен проблем во медиумската сфера, Манчевски го истакна феноменот на лажни вести.

– Младите од Велес се израснати во општество на лажни вести. Не можеме ние како држава или влада сами да се справиме со овој проблем туку требa соработка на глобално ниво. Тука постои и етички проблем во поглед на тоа до каде оди нивото на регулација на медиумите, дали ќе навлеземе во нечија приватност или дали ќе има цензура. Отворени сме за соработка и за дијалог – рече Манчевски.

Фани Каранфилова-Пановска, извршната директорка на Фондацијата „Отворено општество“ – Македонија, нагласи дека без граѓанско општество, кое ќе биде стручен и објективен критичар на власта, нема да се реализира тоа што е потребно.

– Се поставува прашање дали е можна слободата без сериозна заштита на приватноста. Дали екстремната заштита на приватноста значи и ограничување на слободата? Според мене, слободата е поважна од приватноста, затоа што ми треба слободата за да си ја заштитам приватноста – рече Каранфилова-Пановска.

Програмскиот директор на Фондацијата „Метаморфозис“, Филип Стојановски, смета дека реформите во медиумите се многу важни затоа што тие се четвртата власт во општеството, која ги држи отчетни сите други.

Во Македонија сите слободи и права се загарантирани со Уставот, рече Драгица Љубеска од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

– Не е забрането да се известува за говор на омраза, туку е забрането медиумите да бидат извор на говор на омраза – вели Љубеска.

Важно е да нема преголема регулација во медиумскиот сектор затоа што таа може негативно да влијае и да ја наруши кревката состојба со слободата на изразување, истакна Иван Брешковски од ЗНМ.

– Ако судиите се водат од праксата на Европскиот суд за човекови права, доколку е нанесена штета, не е битно каде таа е нанесена и дали станува збор за интернет-медиум – додаде Брешковски.

Дејан Георгиевски од Центарот за развој на медиуми, вели дека успех би било ако во првата фаза од реформите се добие вистинско регулаторно тело, кое ќе биде единствен суверен орган во радиодифузијата што ќе применува вистински политики за пазарот да се сведе на својата вистинска димензија.

– Проблемите произлегуваат од тоа што има презаситеност на пазарот, имаме слаба економија, а имаме медиумска сцена како да сме 100 милиони народ. Ние како општество треба да одлучиме како да го зачуваме новинарството што истражува длабоко и ја зборува вистината – рече Георгиевски.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција