Kaраџовски и Советот сè уште молчат за АКМИС-от

Се уште без нова оценка за АКМИС. Фото: META

 

Претседателот на Судскиот совет, Зоран Караџовски, иако јавно изјави дека тој и членовите на Судскиот совет кои имаат безбедносни сертификати ќе се произнесат „овие денови“ околу извештајот на Министерството за правда за функционирањето на АКМИ-системот во Кривичниот суд во Скопје и во Врховниот суд – сè уште не го сторија тоа, што го оценуваме како недоследност.

Оние членови што имаме сертификати деновиве интензивно ќе работиме и ќе мораме нешто да преземеме и да ја известиме јавноста што сме презеле во врска со тоа. Бидејќи јавно беше прашан министерот и тој сепак кажа дека е класифициран како строго доверлив материјал, членовите кои што немаат безбедносен сертификат чекаат да добијат

[Извор: ТВ 21Судскиот совет наскоро ќе се произнесе за АКМИС-отдатум: 23.01.2018]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Изјавата е дадена на 23 јануари 2018 година и оттогаш поминаа безмалку две недели. Сметаме дека „деновиве“ е термин кој не може да се однесува на период подолг од недела-две, па оттука е и основата за оценката недоследно. Но, следејќи го историјатот на овој проблем со АКМИС-от во Кривичниот и Врховниот суд, лесно ќе се увиди дека ова не е прва недоследна изјава на Караџовски.

Неговите изјави околу овој проблем се движеа од целосно негирање, па гарантирање дека нема злоупотреби, до оправдувањето за доцнењето на оценката на Судскиот совет поради немањето безбедносни сертификати на дел од членовите, кои се неопходни бидејќи Извештајот има одреден степен на тајност.

Порталот СДК.мк објави уште во септември минатата година текст на оваа тема во кој има изјава од судија во Кривичен 1, Владимир Туфегчиќ, кој тврди дека писмено го известил Судскиот совет уште во 2014 година за неправилности при употребата на АКМИС-от. Во истиот текст медиумот тврди дека има извор судијка од истиот суд, која тврди дека го известила Советот и во 2016 година. Но, на сите овие тврдења Караџовски изјави дека ниту тој, ниту Советот располагаат со такви писмени укажувања.

Во почетокот на октомври, кога се одвиваше истрагата од страна комисијата од Министерство за правда предводена од судијата и професорот Лазар Нанев, паралелно предистрага околу АКМИС-от отвори и СЈО, со претрес во Кривичен 1, при што таргет беше компјутерскиот систем и канцеларијата и домот, односно компјутерите на поранешниот претседател на судот Владимир Панчевски.

Караџовски и по ова остана на тврдењата дека тој не знае ништо и дека немало поплаки до Советот… „Немам што ново да изјавам од она што сум го рекол“.

Во иститот текст е повторена изјавата на Караџовски од септември 2016 година кога тврди дека лично го проверил системот.

Веднаш откако беа распределени предметите и откако се дигна врева во јавноста зошто се паднале кај судиите Татјана Михајлова и Лидија Петровска, од тука, од мојата канцеларија влегов во АКМИС системот, кој ми овозможува во секој момент да влезам и да проверам во секој суд како се распределуваат предметите. Системот открива дали некој од претседателите на судовите прави местенки. Така е направен со американска стручна помош. Овие два предмета се распределени електронски, видов и немам сомнеж во тоа.

Караџовски, истиот ден, истото го тврди и за други медиуми. На пример за Канал 5 изјавил дека нема индиции за рачно местење предмети и дека нема приговори до Советот.

Нема нова изјава на Караџоски ниту откако Министерството за правда, без многу детали, соопшти дека Извештајот покажал „низа недоследности“ околу распределбата на судските предмети и употребата на АКМИС-от. Нешто подоцна министерот за правда Биљен Саљији, меѓу другото, вo декември лани, во врска со наодите за Кривичниот суд во Скопје изјави:

  • Не се почитувале одредбите од Законот за управување со движењето на предметите во судовите согласно кои АКМИС-от задолжително се користи при управувањето со движењето на предметите во судовите.
  • Не се користел модулот за автоматска распределба на предметите, а распределбата се вршела рачно.
  • Движењето на предметите не се вршело во насока кон судии, тоа не се евидентирало, а од страна на уписничарот е избиран стручен соработник кој вршел избор на кривичен совет пред кој ќе го реферира предметот.
  • При увидот во судот, е констатирано дека постојат 860 предмети во кои нема доделен  судија. Со ова се доведува во прашање точноста на статистичките податоци во месечните и годишните извештаи за работа на судот и на судиите коишто се доставувани до повисоките судови, Судскиот совет на Република Македонија и Министерството за правда.
  • Исклучувањето на судиите од автоматската распределба на предметите се вршело без изготвување на писмена одлука со наредба и без образложена причина. Тоа се правело само со параф на претседателот на судот и со телефонско јавување во судската писарница.

Оваа прес конференција на Саљији е одржана на почетокот на декември. Во текот на месецот извештајот беше дистрибуиран до Јавното обвинителство и од Специјалното јавно обвинителство. На 30-ти јануари 2018 г. првите луѓе на двете обвинитлества имаа заеднички состанок. На 2-ри февруари Љубомир Јовевски, јавен обвинител на Република Македонија, потврди дека е отворена предистрага.

До денеска, 5-ти феврари, претседателот на Судскиот совет Зоран Караџовски сè уште нема дадено оценка за извештајот на Министерството за правда, ниту како претседател на Советот, или во име на Советот заедно со другите членови, иако тоа го вети уште пред две недели, што го сметаме за недоследност. Дел од вината се наоѓа и во Министерството за правда, од каде до денес не објаснија зошто на извештајот има висок степен на доверлиост, но, тоа, сепак, не ја намалува оценката за недоследност кај Караџовски.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Teoфил Блажевски

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција