Таравари: Ќе ги реализираме ветените проекти во Гостивар и покрај долгот од 10 милиони евра

 

Во интервју за Поталб.мк градоначалникот на Општина Гостивар, Арбен Таравари, говори за обидите за деполитизација на образованието, едно од неговите приоритетни ветувања во кампањата за локалните избори. Тој зборува и за предизвиците и проблемите со кои се соочува  за реализација  на дадените изборни ветувања: намалувањето на долгот од 10 милиони евра, водата за пиење во Гостивар, изградбата на градинките, зелениот пазар…

 

Интервјуто го правеше: Елида Зулбеари

 

„Деполитизација во образованието“ – актуелен проблем, но и ваше прво ветување. Зошто  од страна на Министерството за образование Ви беа одземени  надлежностите  за разрешување на директори во основните и средните училишта ?

После еден месец од мојот мандат пративме ревизија во сите училишта во Гостивар, познато е дека големиот број од вработените беа партиски активисти. Директори на училишта седеа по партиските штабови и го изгубија кредибилитетот.  Јас бев во некои училишта, зборував со вработените и од секое школо зедов по две три имиња, и врз основа на тоа, сме ги именувале директорите во некои училишта. Повеќе од половина што се именувани не ги познавам, но врз основа на предлози на вработените сме  ги именуваме најкомпетентните за да раководат со тие училишта.

Првите критики за овие одлуки ги добив од мојата партија што ме кандидираше, Алијансата за Албанците. Луѓето што гласале имаат и барања, но им реков кога станува збор за образованието треба да се одберат луѓе со кредибилитет кои не се политизирани, чисти и кои имаат поддршка од образовниот кадар.

После беа одобрени договорите на наставниците и од 154 наставници, само 36  беа заменети, бидејќи мислевме дека не се соодветни за тој предмет или на  конкурсите се пријавија луѓе покомпетентни од нив. Некои беа  незадоволни и реагираа, но ова замена беше прифатена од јавноста. На крајот на јануари се случи големиот скандал кога Министерството за образование ги презеде надлежностите и избра  „ директори на див начин”, бидејќи според законите, градоначалникот заедно со училишниот совет избираат директор. Министерството именуваше директори кои во 2012 година беа избрани без конкурс и без критериуми, само со наредба од страна на поранешниот градоначалник. Тој имаше и еден статус во Фејсбук: „Каде сте директори?“

 

Во јавноста се зборува дека е очигледно дека Вие сте продолжиле со истата логика, сте ја копирале методологијата на поранешниот градоначалник, заменувајќи еден кадар со друг кадар?

Има директори кои јас никогаш не сум ги сретнал, пример е училиштето во Дебреште или училиштето „Влазрим Башкими“.

 

Тоа што сте ги сретнеле или не, не е битно, битно е дали се, или не се политички кадри ?

Да беа партиски кадри ќе беа познати личности, имаме директори кои беа наши активисти, но тие се три или четири од 12 нови директори. Вие никогаш не можете да го деполитизирате образованието 100 проценти. 

 

Кога бевте кандидат требаше да кажете дека ќе го деполитизираме 70 проценти, а не 100 проценти.

Што ако во некое училиште ни предложат некој што е компетентен ама е член на нашата партија? Дали тој треба по секоја цена да се избрка само затоа што бил член на нашата партијата?

 

Врз основа на решението на Инспекторатот, при разрешувањето се прекршени членовите 131, 133, 134… Дали треба да се консултираат советите на училиштата, но не само половината како што сте постапиле Вие,  да се праша Инспекторатот и потоа да се разрешуваат директорите?

Инспекторатот е партизиран, а исто така и советите на 80 – 90% училишта се членови на ДУИ. Истата ситуација е и во Општината, во Министерството и секако во секоја друга институција. Ова е битка којашто ја водиме секојдневно.

 

Во септември ќе Ви се вратат надлежностите, што можеме да очекуваме, дали повторно ќе има измени?

Директорот на гимназијата е шестпати по ред, а според Законот може да биде само двапати. Треба да се почитува Законот и ова веќе не смее да се случи. Гостивар е феномен. Имаме директори за Фејсбук. Ние за сите злоупотреби на директорите сме ја информирале министерката, но таа прифатила дека е политички врзана да ги преземе надлежностите само на Општина Гостивар и на општините на опозицијата.

 

Кажете ни точно колкав беше долгот на Општината кога Вие станавте градоначалник?

Само Општината има повеќе од 3 милион евра долг, но Јавното комунално претпријатие има 6 милион евра долг. Значи, вкупно околу 10 милион евра.

 

Дали имате стратегија како да се намали долгот?

Апсолутно. Ние сме платиле една петтина од долгот на Општината, некаде околу 500 илјади евра. Имаме блокирања од страна на компании кои за жал се на ДУИ. Стратегијата е намалување на долгот за 5-6 години: Правиме кампања и  проект со УНДП за Гостивар да стане туристичко место за велосипедизам и пешачење, има идеја и за термоцентрали за енергија, тие да се даваат под концесија за да може Општината да земе некој дел од парите, а не како досега – ништо. Има план и за други ресурси: да се направи отворен базен,  спортско рекреативни терени и од ова Општината да има финансиска бенефит, а спортскиот центар да го намали долгот…

 

Рековте дека ќе ги изградите четири нови градинки – две во градот и две во предградието, кои ќе бидат готови во октомври 2018 година? Да не е ова некако преамбициозно ветување?

Градинката во Чегране ќе се отвори во мај и ќе биде функционална во септември, другата ќе се доградува во сегашната градинка во градот. Ќе се отвори центар за аутизам и центар за деца  со посебни потреби. Две градинки ќе почнат со работа во септември.

 

Во дебатата „Јeta ne Maqedoni “ рековте дека четири градинки ќе почнат со работа во октомври 2018 година?

Вака, две ќе се реализираат ова година, две во наредната.

 

Еден од Вашите приоритети беше регулирањето на депонија во Русин?

Да одговарам пократко: Премиерот ги презеде надлежностите за управување со регионални депонии и овде Општината веќе нема надлежности.

 

Но, се покажа дека Општините не можат да управуваат со отпадот, затоа и овој проблем беше централизиран, самите градоначалници побараа помош од Владата.

Не барав помош од Владата бидејќи знам дека нема да се реши проблемот.  Владата никогаш не може да ги реши  регионалните проблеми  подобро од самиот регион. Многу подобро е општините во регионот на Полог да ги решат проблемите, да се најдат инвеститори.

 

Во споменатата емисија, а  исто така и во Вашите изборни настапи кажувате дека приоритет за Општина Гостивар да има вода за пиење. Во првите 100 дена од Вашиот мандат рековте дека во април ќе почне да работи Станицата за филтрирање на вода. Зашто сè уште не започнала?

Реков дека ќе има и мерач за мерење на квалитетот на воздух,  и тоа е направено. Тое  ветување е исполнето во јануари. Но, да се вратиме на водата.

Станицата за филтрирање не почнала да работи затоа што имаше наследени пропусти од поранешното владеење. Наскоро ќе се пушти во употреба откако ќе се отстранат  дефектите, за што треба да земеме одобрување од страна на Министерството за животна средина. Да не кажат после дека ја пуштивме со помал капацитет. Срамно е да не се пушти во употреба нешто што е готово и беа инвестирани многу пари. Јас ќе ја пуштам на употреба.

 

Ќе има ли нов резервоар?

Сега засега немаме капацитет за тоа, бидејќи чини. Но, понатаму да. Постојниот покрива 80% од мрежата. Голем хендикеп е тоа што во Гостивар наплатата на сметикте за вода и смет е многу мала, само 20%. Планираме со кампања да ја подигнеме свеста на граѓаните за ова прашање.

 

Мислите дека само со кампања ќе успеете?

Ќе се потрудиме и имаме некои идеи како ќе изгледа ова кампања, така што секој да почувствува дека давањето  пари за вода и хигиена, ќе донесе бенефит за сите граѓани.

 

Замената на цевките ќе започне од селата?

Од горното Бајнице. Во градот има азбестни цевки, знаеме точно каде се, но ова година нема да ги измениме. Проектот за гасификација на Гостивар треба да се случи наредената година,  па ако индустрискиот гас пристигне во почетокот на наредната година, ние во вториот шестмесечен период од оваа година треба да објавиме тендер за изградба на мрежа во градот. Значи откако ќе се направи гасификација, да кажеме за една или две години,  ќе ги замениме канцерогените цевки.

 

За зелениот пазар, рековте дека  ќе се реши до октомври, дали сè уште важи ова ветување?

 Не, бидејќи е приватна сопственост на едно лице.

 

Зашто тогаш рековте дека ќе има нов пазар?

Не знаев дека е приватен имот. Но, имаме договор за него, ако нешто се гради таму, има обврска првиот кат да биде модерен пазар и нема да има дозвола од страна на Општината да гради некој објект, а не зелен пазар, како што е во Тетово.

 

Значи, граѓаните нема да имаат зелен пазар до октомври, фактички тоа зависи како ќе реши сопственикот на имотот?

Сопственикот е заинтересиран да направи пазар, ние само сме разговарале, но не можам да ви дадам временски рок кога тоа ќе се случи.

 

Зошто?

Бидејќи зависи од сопственикот на имотот.

 

Дали тој Ви рекол кога планира да гради…

Тој ни кажа дека е заинтересиран во приземјето да се изгради пазарот и над тоа да се изгради објектот кој е предвиден според урбанистичкиот план. Не може да гради нешто, ако прво не го изгради  зелениот пазат. Рок не можам да ви дадам, но се надевам дека ќе се реализира во текот мојот мандат.

 

Кога ќе се реконструира кровот на основното училиште „Гоце Делчев“, бидејќи е „реконструиран“ со еден најлон како привремено решение?

Тоа го направиле различните донатори, многу подобро е со најлон отколку да падне вода. Ние сме го направиле проектот и сè што можеме да направиме како Општина сме пробале, но се соочуваме со проблеми како што е во целата држава. Ни го враќаат проектот, ни кажуваат дека недостасува точка и запирка, а тој проект е подготвен  10 пати. На крај отидоа нашите инженери да прашаат  каде точно е проблемот, но сè уште немаме одговор.

 

Дали ќе продолжите да одговарате на телефоните на новинарите и на граѓанското општество?

Апсолутно. Имаме проект кој се викаа „ГВ рапортира“, и граѓаните со оваа апликација ќе можат да информираат за проблеми, на пример кога има дупки на улиците, граѓанинот може  да фотографира, а потоа  и да ни ја испрати фотографијата.

 

Зошто не ги објавите посебно проектите и трошоците за нив, независно од тоа што Буџетот го има на веб-станицата на Општината?

Секој проект е достапен за граѓаните, не знам кои не се. Ако знаете еден, кажете ми го.

 

На веб-страница на Општината воопшто не е лесно да се најдат проектите, на пример, градинката, улиците, колку ќе чинат, кој ги реализира?

Кога отворате тендер не е можно да не се направат овие чекори.

 

Да, секако ги имате тендерските процедури, бидејќи одат според електронскиот систем, но зборувам за детален опис на проектот.

Како мислите? Ние проектите секојдневно ги соопштуваме.

 

Па, да ги има во дигитална форма на веб-страницата

И ова ќе го направиме, не е проблем.

 

Рековте дека ќе зборувате со граѓаните за реконструкција на булеварот „Браќа Ѓиновски?

Се сретнуваме со граѓаните и разговараме. Имаме две куќи коишто се реална пречка и се обидуваме да ги решиме, имаме идеи и како ќе се направи, но многу е тешко за да се реализира во овој мандат.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција